Во современиот свет на патувања, туристичките понуди се преполни со поетски описи на азурното небо и проѕирните тиркизни води на далечните дестинации. Но, колку овие придавки што го потенцираат синилото би имале смисла за нашите предци? Па, како што тврди науката – речиси ич.
Ова се должи на тоа што старите народи имале мошне ограничен вокабулар во поглед на описите на сината боја, што наведува на тоа дека недостасувало и разбирање за нејзе како таква. Античките Грци боите примарно ги делеле боите на темни и светли, а дури секундарно на нијанси на различни бои. Така, за Плиниј Постариот главни сликарски бои биле само четири: црната, белата, жолтата и црвената.
Во написот на Бизнис инсајдер од 2015 година се разработува практиката на древните поети кои во нивните дела знаеле да ги именуваат сите видови нијанси, освен оние на сината боја. Па така во “Одисеја” Хомер ќе го нарече океанот “темно вино“, ќе го опише и во многу други нијанси – но ниту една од нив не е сина.
Истражувајќи го овој еп, научникот Вилијам Гладстон во 19 век открил дека Хомер во него ја опишал црната боја речиси 200 пати, дека направил околу 100 спомнувања на белата боја, дека црвената боја се споменува помалку од 15 пати, а нијансите на жолта и зелена помалку од 10 пати. Она што недостасува во целиот еп биле описи на сина боја, бидејќи терминот воопшто не постоел.
Слично ќе биде и искуството на филологот Лазар Гајгер којшто не открил никакви знаци дека оваа боја воопшто се споменува во античката арапска, кинеска, хебрејска, хинду и во исландската литература.
Иако со голема сигурност може да се претпостави дека луѓето можеле да ја гледаат/ разликуваат сината боја иако за неа немале засебен збор, сепак постојат докази кои укажуваат дека јазикот има огромно влијание врз начинот на којшто се перцепираат боите. Од друга страна, сината боја била многу ценета уште од дамнешни времиња. Старите Египќани имале свој збор за сината боја, која ја сметале за божествена. Тие го увезувале синиот минерал лапис лазули од територијата на денешен Авганистан, но тоа било многу скапо, па се обидувале да ја добијат од домашните суровини. Тоа успеале да го направат некаде околу 2 500 години п.н.е. кога со жарење на варовник, бакар и алкални соединенија помешани со кварцен песок, добиле калциум бакарен тетрасиликат, кој и денес се вика “Египетска сина“ боја. Во истиот период стакло со сина боја се произведувало во Месопотамија и Египет. На посмртната маска на фараонот Тутанкамон, покрај златото, се истакнуват и деловите обоени со сина боја. Друг важен извор на скапоцената сина боја била билната боја индиго, која во античките времиња се увезувала од Индија – затоа античките Грци таа боја ја нарекувале „индикон“ – што значи „индиска“.
Интересно е што сината боја и денес во рамките на некои помали заедници сè уште останува “небитна“. Во една мошне интересна студија од 2006 година изработена од психологот Џулс Давидоф и неговиот тим од лондонскиот универзитет Голдсмитс, се опишува испитувањето извршено со племето Химба од Намибија, кое нема збор за сино. Имено на припадниците од ова племе им бил покажан круг на кој биле прикажани 11 зелени и еден јасен син квадрат. На изненадување на истражувачите, членовите на племето не направиле јасна разлика помеѓу сината и зелената боја. Од друга страна луѓето на Химба имаат повеќе именки што ги опишуваат нијансите на зелена боја. Интересно е и тоа што кога овие зелени нијанси им биле прикажани на луѓе од англиското говорно подрачје, тие едвај можеле да забележат некаква разлика.
Во рамките на едно истражување од 2007 година направено со цел да ја потврдат теоријата дека јазикот влијае врз перцепцијата на бојата, група истражувачи на МИТ им прикажале разни нијанси на сина боја на луѓе чијшто мајчин јазик бил руски. Во рускиот јазик постојат посебни имиња за светло сина боја – “голубој“, и за темно сина боја – “синиј“. Овие учесници во истражувањето можеле многу полесно да ги идентификуваат посветлите и потемните нијанси на сина боја споредено со учесниците чијшто мајчин јазик бил англиски.
Секако, интересно би било доколку некој кај нас се нафати со ваков тип истражување со цел да откриеме дали и колку нијанси сино разликуваат Македонците, освен сина и модра. :)