Во денешниот времеплов ги славиме родендените на холандскиот физичар и астроном и еден од двигателите на научната револуција Кристијан Хајгенс, американскиот електроинженер кој остави длабока трага во развојот на електрониката, Херолд Стивен Блек, и на новозеландскиот хемичар Ален Мекдајармид. Покрај ова денес се сеќаваме и на првата жена лекар во Македонија – Захарина Димитрова Веловска, и одбележуваме точно 65 години од претставувањето на првото практично решение за видеорекордер со магнетна лента...
14.4.1629 – Роден е Кристијан Хајгенс
Кристијан Хајгенс (Christiaan Huygens) е холандски физичар, астроном и една од водечките фигури на научната револуција.
Хајгенс е познат по неговиот изум – часовникот со клатно (нишало). Клатното се движи по едноставна кружна патека при што времето потребно за комплетирање на една осцилација е пропорционално на амплитудата на нишалото. Колку што е поголемо нишалото, толку повеќе време е потребно за комплетирање на осцилацијата. Хајгенс најнапред теоретски ја открил кривата каде времето потребно за извршување на една осцилација е независно од амплитудата. Оваа крива е позната како изохрона или тавтохрона крива, или циклоида. Следен чекор било изнахдувањето метод со којшто ќе се овозможи нишалото да ја следи оваа циклоида патека. Оваа новина ја зголеми прецизноста на мерењето на времето, па така сега часовниците постигнувале прецизност од ±15 секунди во едно деноноќие наместо претходните ±15 минути. Ова овозможило додавање на приказот на минути кај часовниците. Основниот дизај на Хајгенс бил темелот за најпрецијзната форма на мерење на времето во наредните 270 години, сè до појавата на кварцните часовници во 1927 година. Во пресметките и описите на принципот на работа на часовниците со нишало е даден и првиот опис на центрипеталната сила. Равенката подоцна ќе биде вклучена во Њутновите закони на движење.
Хајгенс дал и значителен придонес во сфаќањето на брановата природа на светлината. Тој верувал дека секоја точка на фронтот на светлинскиот бран може да се претвори во секундарен извор на сферни бранови коишто се простираат со брзина на светлината. Новиот фронт на бранот ќе биде тангентната патека на линијата на сферите. Со оваа теорија, тој математички можел да го предвиди патот на светлината околу кривите и низ леќите. Но, за несреќа на Хајгенс, ова директно се косело со теоријата за корпускуларната природа на светлината, поставена од Њутн. Па така, придонесите на Хајгенс во доменот на истражувањето на придодата на светлината ќе го добијат заслуженото внимание дури на почетокот на 19 век.
Но, ова не го спречило. Хајгенс конструирал окулари за градба на сопствен телескоп со помош на кој открил дека прстените на Сатурн претставуват одвоени тенки рамни ленти. Тој ја открил и најголемата месечина на Сатурн – Титан. Еден од неговите дизајни на окулари ќе претставува првиот систем на сложени леќи којшто ја елиминира попречната хроматска аберација присутна во системите со единечни леќи.
Хајгенс бил пионер и во математиката, во областа на веројатноста. Тој објави систематски методи за решавање на проблемите со веројатноста присутни кај игрите на среќа и проблемот со поени. (Н. С.)
14.4.1898 – Роден е Херолд Стивен Блек
Херолд Стивен Блек (Harold Stephen Black) е американски електроинженер познат по тоа што донел револуција на полето на применетата електроника со неговото откритиие на засилувачот со негативна повратна врска во 1927 година. Според некои, ова откритие се смета за едно од најзначајните откритија во електрониката во 20. век, поради неговата широка примена. Ова се должи на тоа што сите електронски уреди (електронските цевки, биполарните транзистори и MOSFET транзисторите) се природно нелинеарни, но можат да се претворат во линеарни со примена на негативна повратна врска. Негативната повратна врска работи на тој начин што го жртвува засилувањето (добивката) за постигнување на поголема линеарност, односно помали изобличување/дисторзија/интермодулација. Намалувањето на засилувањето има дополнителен ефект на зголемување на фреквенцискиот опсег на засилувачот. Но засилувачот со негативна повратна врска може да биде нестабилен до таа мера што може да осцилира. Откако ќе се реши проблемот со стабилноста, засилувачот со негативна повратна врска е мошне корисен во доменот на електрониката.
Во 1934 година Блек ќе го објави неговиот познат труд Стабилизирани засилувачи со повратна врска (Stabilized feedback amplifiers, 1934). Трудот е реобјавен во стручното научно списание Proceedings of IEEE двапати – во 1984 и во 1999 година. 50 години по неговото откритие во 1927 година Херолд Блек ќе објави напис во стручното списание IEEE Spectrum во врска со историската заднина на неговото откритие.
Блек работел и на импулсно-кодната модулација за што пишува во книгата “Теорија на модулацијата” (Modulation Theory, 1953). Носител е на повеќе патенти од областа на електрониката. (Н. С.)
14.4.1927 – Роден е Ален Мекдајармид
Ален Мекдајармид (Alan Graham MacDiarmid) е новозеландско-американски хемичар и еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за хемија во 2000 година.
Неговиот најзначаен придонес е откритието и развојот на спроводните полимери, пластични материјали кои имаат способност да го спроведуваат електрицитетот. Макдајармид соработувал со јапонскиот научник Хидеки Ширакава и американскиот наулник Ален Хигер на откритието дека пластиката, на којашто се направени одредени структурни промени, сепак може да спроведува електрична енергија. Отритието најде многу практични примени, а на тројцата научници им ја донесе Нобеловата награда за хемија.
За време на неговиот живот Мекдајармид објавил над 600 научни трудови и региструрал преку 20 патенти. (Н. С.)
14.4.1940 – Почина Захарина Димитрова Веловска, прва жена лекар во Македонија
На денешен ден во Пазарџик (Бугарија) во 1940 година почина првата жена лекар од Македонија, Захарина Димитрова. Родена е на 26 ноември 1873 година во Ресен, во фамилија која се занимавала со трговија, па според тоа татко ѝ можел да си дозволи елитни училишта за својата ќерка. Гимназија завршува во Солун, акушерство во Русија, а Медицински факултет во Нанси (Франција) на 27 февруари 1901 година. За нејзината дисертација “Структурни иследувања на епифизната жлезда кај некои цицачи“ била и наградена со златен медал. Нејзиниот труд го привлекол вниманието на научната јавност и бил објавен во научното списание “Невракс“, а делови од него биле цитирани во учебници и дела на медицински истражувачи. По завршувањето на студиите се вратила во Ресен, но турските власти не ѝ дозволиле да биде лекар во Македонија, поради што заминала во престолнината на Бугарија каде што добила дозвола за работа. Била голем патриот и многу придонела со својот позив за македонската кауза. (Т. С.)
14.4.1956 – Претставено е првото практично решение за видеорикордер со лента
Почнувајќи од почетокот на 1950-тите години, компанијата RCA, пејачот Бинг Крозби и други се обидувале да направат аналоген видеозапис на брзодвижечка магнетна лента. Во 1952 година компанијата Ампекс (Ampex) ќе развие прототип за видеорикордери којшто користи вртлива глава и релативно бавнодвижечка лента. Во почетокот на 1956 година тимот на компанијата ќе го создаде првиот функционален видеорикордер со лента. Во склоп на тимот од инженери бил и тогаш младиот деветнаесетгодишен инженер Реј Долби (Ray Dolby).
Првата функционална практична изведба на видеорикордерот VR-1000, којшто е воедно и прва изведба од линијата 2-инчни квадруплекс видеорикордери со магнетна лента, беше демонстрирана истовремено во рамките на собирот на американската Национална асоцијација на радиотелевизиски бродкастери во Чикаго, на 14 април 1956 година, и во седиштето на компанијата Ампекс во Редвуд Сити во Калифорнија. Првото емитување на телевизиска програма претходно снимена на магнетна лента со новиот систем за снимање на Ампекс било направено на 30 ноември 1956 година, од страна на дифузерот CBS. (Н. С.)