Со неговиот вресок човекот може да пренесе до околината најмалку шест емоции, а помеѓу секој од овие крици постојат јасни акустички разлики.
Цицачите честопати користат крикови како закана кон агресорите или да укажат на некоја опасност во околината. Но, веруваме свесни сте дека тревогата и непријателството не се единствените причини за поттик на вресоци. Воодушевувањето и очајот, на пример, можат подеднакво да предизвикаат крик.
Во истражувањето спроведено на Универзитетот во Цирих во Швајцарија, било побарано од дванаесет учесници да врескаат откако ќе замислат одредено сценарио: на пример, дека се нападнати во темна уличка или дека нивниот омилен спортски тим го освоил Светското првенство. Секое од сценаријата било во корелација со една од шестте емоции: задоволство, тага, радост, болка, страв и лутина. Секој крик бил снимен, заедно со “неутрален“ крик којшто претставувал “интензивно вокализирање на самогласката /а/“, како што појаснуваат научниците во трудот. Истражувачите извршиле акустична анализа на врисоците, а била употребена и програма за машинско учење со цел да се процени нивната меѓусебна разлика. Имено, едно претходно истражување веќе покажа дека слушателот не може да направи разлика помеѓу одглумениот и вистински крик.
Истражувачите потоа побарале од други 33 лица кои учествувале во истражувањето да го оценат и да го класифицираат секој вресок додека го слушаат. Овие учесници биле “закачени” на апарат за магнетна резонанца додека ги слушале звуците.
Слушателите успеале да направат разлика помеѓу шестте емоции што ги поттикнале вресоците. Интересно е тоа што слушателите одговориле побрзо и покажале поголема нервна чувствителност на позитивни крици.
Резултатите се интересни со оглед на тоа што вообичаена претпоставка е дека когнитивниот систем кај приматите и кај човечкиот е специфично усогласен за откривање на сигнали за опасност и закана во околината, како дел од механизмот за преживување. Но, иако комуникацијата со крик кај приматите и другите животински видови првенствено има ваква намена, комуникацијата со крик кај луѓето се чини дека е во голема мера различна, бидејќи освен за сигнализирање на опасност луѓето врескаат и за да искажат позитивни емоции, како екстремна радост и задоволство.
Притоа се чини дека перцепирањето на позитивните емоции во криците на другите се детектира многу побрзо од вресокот што означува тревога.
Истражувањето беше објавено на почетокот од овој месец во PLOS Biology.