Вселенските летови со човечки екипаж денес се сметаат за обично секојдневие. Но, пред шеесетина години, на почеток на ерата на вселенски истражувања, работите стоеја сосема поинаку. Во тоа време двете супер-сили, САД и СССР, беа во трка за престиж во освојување на вселената и се натпреваруваа која од нив прва ќе испрати човек во орбита околу Земјата. Таа чест му припадна на рускиот космонаут Јуриј Алексеевич Гагарин, а настанот се случи на 12.4.1961 година.
Гагарин е роден во селото Клушино во близина на градот Гжатск, денешен Гагарин, вo Смоленската област во Русија. Неговите родители, Алексеј Иванович Гагарин и Ана Тимофејевна Гагарина, работеле во колхозот. Уште како малечок Јуриј се интересирал за вселената и планетите, мечтаејќи за патувања низ вселената.
Во 1960 година, по конкурсот и строгиот процес на селекција, Јуриј Гагарин е избран за учество во советската вселенска програма, заедно со уште 19 космонаути. Заедно со другите космонаути поминал низа ригорозни експерименти со цел да се тестира психофизичката подготвеност и издржливост на кандидатите. Исто така ја поминал и интензивната обука за претстојниот лет. Поради покажаните резултати во обуката, но и поради тоа нивните физички особини, од дваесетте кандидати во најтесен избор за прв лет во вселената влегле Јуриј Гагарин и Герман Титов. Имено, нискиот раст играл значајна улога при изборот поради тоа што во вселенското летало Васток немало многу простор. При конечната одлука, којашто била донесена на највисокото ниво во Комунистичката партија, изборот за прв лет во вселената паднал на Гагарин. Се претпоставува дека изборот бил поттикнат поради неговиот весел карактер и скромното потекло. За разлика од него Титов потекнувал од семејство од средната класа. Герман Титов останал да фигурира како замена на Гагарин за овој прв лет во случај на некоја непредвидена околност што би го оневозможила учеството на првиот пилот во мисијата.
Во 9 часот и 7 минути по московско време на 12 април, советската ракета Р7 “семјорка” заедно со капсулата Васток 1, во чијашто внатрешност се наоѓаше Јуриј Гагарин, полета од космодромот во Бајконур. Веднаш по полетувањето Гагарин возбудено извикал “Пајехали!” (Тргнавме!).
Гагарин за време на обуката
Летот на ракетата се одвивал нормално, според планот – откако бустер ракетите и основниот степен го потрошиле сето гориво тие се откачиле и паднале на Земјата, по што капсулата го продолжила својот пат. Капсулата Васток 1 влегла во орбитата со брзина од 28 илјади километри на час, а Гагарин станал првиот човек кој ја напуштил атмосферата на Земјата и се вивнал во вселената.
Летот на Гагарин бил краток – сè на сè 108 минути од лансирањето до слетувањето во близина на Саратов. Сосема доволно за еден круг во Земјината орбита, иако во капсулата имало доволно намирници за 10 дена, предострожност во случај на отказ на ретро-ракетите, по што би требало да се почека капсулата самостојно да навлезе во атмосферата.
Летот на Васток 1 бил контролиран дел автоматски и а дел од земските станици. Контролите во леталото биле заклучени бидејќи немало доволно информации за да го предвидат однесувањето на луѓето во бестежинска состојба. Сепак, се претпоставува дека некои од инженерите успеале да ги “протнат” во запечатено плико во капсулата кодовите за отклучување на мануелната контрола, со цел Гагарин да може во случај на нужда да го преземе управувањето од автоматскиот систем.
Шематски приказ на капсулата Восток 1 со податоци за ракетата и траекторијата на орбиталното патување
Според планот капсулата за спуштање требала да се одвои од сервисниот модул со мала експлозија. Но, каблите кои ги држеле поврзани овие два сегмента не се откачиле па капсулата за спуштање останала поврзана со сервисниот модул. Ова претставувало голем проблем, бидејќи не само што капсулата добила дополнително оптоварување туку телото од сервисниот модул го затскривало и “термичкиот штит” од капсулата во вид на аблациска топлотна заштита. Како резултат на ова капсулата почнала опасно да се прегрева, а сервисниот модул заврзан за капсулата дополнително се тресел и потскокнувал при влезот во атмосферата, па ситуацијата била на работ да се претвори од триумф во катастрофа! Гагарин бил многу блиску да ја изгуби свеста. Подоцна, тој ќе го опише целиот инцидент со зборовите “Бев во облак од оган, кој иташе кон површината на Земјата”. За среќа, каблите кои ги поврзувале двата сегмента од триењето се вжештиле до таа мера што попуштиле, па капсулата по 10 минути конечно се ослободила од дополнителниот товар и падот на капсулата . На висина од 7000 метри, Гагарин бил автоматски катапултиран од капсулата и ќе се приземји со падобран во близина на селото Смеловка во областа Саратов.
Капсулата Восток 1 со којашто Гагарин направи круг околу Земјата (лево) и инструменталниот панел во капсулата (десно)
По успешно завршената мисија дотогаш анонимниот пилот Јуриј Гагарин ќе се стекне со светска слава. Патувал и низ Италија, Велика Британија, Германија, Канада и Јапонија, промовирајќи го советскиот успех. На 27 март 1968 година авионот МиГ-15УТИ, во којшто се наоѓа Гагарин заедно со неговиот инструктор Владимир Серјегин, се руши при рутински лет во близина на градот Киржач.
Во чест на првиот лет на човекот во вселената и, секако, во чест на Јуриј Гагарин, секој 12 април се случува меѓународната манифестацијата “Ноќта на Јуриј”, ноќ во којашто насекаде во светот се слави подвигот на човекот и клучните чекори во освојувањето на вселената. Манифестацијата има за цел да го зголеми интересот на јавноста за вселенските потфати и откритија, како и да ја инспирира следната генерација истражувачи на вселената.