Сè посигурно е дека и во Битола е достигнат врвот на пролетниот бран на епидемијата. Ефективниот репродукциски број Rt, седумдневно усреднет, веќе изнесува околу 0,99, а подвижната средина на дневниот број нови случаи (жолтата линија на првиот дијаграм) бележи реско намалување. Затворањето на кафулињата дојде во вистински час, но штета е што моравме да дојдеме дотука без никаква потреба. Од друга страна, ако мерките беа воведени порано, тогаш бројките, иако побавно, сепак ќе растеа, па населението ќе велеше дека кафеаните биле залудно затворени. Вака маркетиншки испаѓа убаво, но платена е превисока цена.
Бројот на активни случаи ќе искачува уште неколку дена, а веројатно и бројот на починатите, но не премногу. Засега просечниот дневен број на починати е прилично понизок отколку во есента, па би било добро ако остане така, со оглед на значително повисокиот број на хоспитализирани (за повеќе од 50%). Иста болница, иста терапија, поопасен сој на вирусот, но сепак мериме понизок морталитет и леталитет (на вториот и четвртиот дијаграм).
Нека ме обвинат за шарлатанство (со право, бидејќи сè уште немам научен доказ, иако многу би сакал да добијам пристап до податоците и научно да докажам), но единствениот нов момент во лекувањето во однос на есента е лекот Ивермектин, ceteris paribus (при сè останато исто).
Иако бранот на смртните случаи не е завршен, на четвртиот дијаграм забележуваме дека стапката на леталитет во Битола пролетва е практично преполовена во однос на есента.
Болните од битолскиот ковид-центар тогаш со право би требало да им бидат благодарни на лекарите затоа што го применувале овој нов лек неселективно, за разлика од многу други болници низ државата каде одбивале да им го дадат (со образложение дека дејството не му било научно докажано), со поразителни резултати. Впрочем, се гледа дека стапката на леталитет на државно ниво е цело време практично константна (на петтиот дијаграм).
Можеме да направиме споредна и преку морталитетот. Доволно е да ги споредиме кривите на просечниот (седумдневно усреднет) морталитет за Битола и Македонија, на вториот и третиот дијаграм и сè ќе ни стане јасно – вториот врв на смртните случаи во Битола е значително понизок од првиот, додека на државно ниво е обратно и тоа со значителна разлика.
Можеме да веруваме или да не веруваме во овие споредби, но очигледно е дека во Битола исходот на лекувањето во пролетниот бран е значително подобрен во однос на есенскиот, што не би можело да се каже на државно ниво. Редно е да се каже и дека леталитетот во Битола е повисок отколку на државно ниво (веројатно поради повисоката просечна старост на населението во преспанско-пелагонискиот регион), но заклучокот за намалување на леталитетот кај истата популација останува непроменет.