Се покажа дека моделот на квадратична регресија на десезонираните дневни броеви на нови случаи (со исклучено влијание на деновите од неделата и променливиот број на тестирања) дава најмали доцнења во предвидувањата. Тоа што уште пред една недела за првпат го видовме како претпоставен максимум на бранот, од сегашна перспектива се покажа дека било точно. Иако врвот во суштина претставува временски интервал (плато), доколку мораме да наведеме датум на врвот, тоа би бил 30 март, денот со најголеми дневни бројки и истовремено темето на параболата (квадратчињата со ќерамидна боја) на првиот дијаграм.
Сите индикатори, дури и тие со поголемо доцнење (на пример ефективниот репродукциски број Rt со 15-дневно усреднување, на дијаграмот на втората слика) веќе покажуваат дека врвот бил достигнат. Последниве денови, најверојатно под влијание на стравот и паниката, а од денеска веќе и затворањето на угостителските објекти и полицискиот час, преносливоста се намалува дури и побргу од предвиденото темпо (се гледа зелената крива како просто потона последниве денови). Чудна е психологијата на населението, но и на здравствените власти, никогаш не преземаат проактивни мерки туку чекаат проблемот да ескалира за да се опаметат – честопати предоцна.
Иако официјалниот број на активни случаи сè уште се зголемува поради доцнењето со затворање на случаите (темно сината линија со точки на третиот дијаграм), реалниот број денеска исто така достигна максимум (зелената линија на третиот дијаграм). Реалниот број го пресметуваме како пондериран просек од 21-дневната и 14-дневната инциденца (со пондери, т.е. тежински коефициенти од 0,75 и 0,25). На тој начин ем се симулира 19-дневна кумулативна инциденца (нормалното средно време од отврање до затворање на случаите), ем ги нема нерамнините на кривата поради неделниот циклус и променливите броеви на тестирања. Навистина, зелената линија е толку мазна и логична, што гледајќи ја само неа, без никаков друг индикатор, можеме да извлечеме заклучоци за движењето на бранот.
На дијаграмот на четвртата слика со сина линија е прикажан и бројот на хоспитализираните. Оваа крива исто така практично го достигна својот максимум – малку од немајкаде, поради ограничените болничи капацитети и тактизирањето со приемот на најтешките случаи, малку поради врвот на бројот на активните случаи.
Слично нето очекуваме да видиме и кај бројот на починатите. Ако врвот на новозаразувањето бил на 30 март, тогаш врвот на умирањето би бил околу 12 април. Дотогаш не остана многу време, па ни бројките веројатно нема уште многу да искачат – од сегашниве просечно 43 дневно починати, не би требало да надминат просечно 50, со повремени дневни бројки кои што не би требало да надминат 60. Тоа воопшто не е малку, но тоа е цената што дојде на наплата за ова несериозно справување со епидемијата.