Група научници од Центарот за исхрана, вежбање и метаболизам на Универзитетот во Бат, во Велика Британија, го проучувале ефектот на скршениот сон и на утринското кафе, притоа користејќи низа различни метаболички маркери. Резултатите од нивното истражување укажуваат на тоа дека иако една непроспиена ноќ нема некое особено влијание врз метаболизмот, пиењето кафе прва работа наутро по бессоната ноќ може да придонесе за лоша контрола на шеќерот во крвта.
Имајќи предвид дека одржувањето на нивото на шеќер во крвта во некоја безбедна рамка е од клучно значење за намалување на ризикот за повеќе здравствени состојби меѓу кои се, на пример, дијабетесот и срцевите заболувања, резултатите од истражувањето може да имаат “далекусежни“ здравствени импликации, особено имајќи ја предвид глобалната популарност на кафето.
За потребите на нивната студија, физиолозите од Универзитетот во Бат побарале од 29 здрави мажи и жени да направат во текот на ноќта и утрото три различни експерименти, по случаен редослед:
• Учесниците со нормален ноќен сон биле замолени да консумираат пијалaк со шеќер веднаш по утринското будење;
• Учесниците со нарушен ноќен сон (кои истражувачите ги буделе по пет минути на секој час), требале да го следат истиот ритуал; додека
• Учесниците со нарушен ноќен сон (кои останале будни во текот на целата ноќ), биле замолени да испијат шолја силно црно кафе 30 минути пред да го консумираат пијалaкот со шеќер.
Притоа, шеќерниот пијалaк со неговата енергетска вредност го симулирал појадокот.
По секој од овие тестови, биле земени примероци на крв од учесниците со цел да се следи метаболичката преработка на пијалокот со гликоза во нивниот организам.
Било откриено дека една ноќ на нарушен сон не го влошила нормалното функционирање на организамот, и кај овие лица не било откриено нарушување на нивоата на гликоза/инсулин во крвта по појадокот, споредено со групата која имала нормален ноќен сон. Претходните истражувања укажуваа на тоа дека губењето на повеќе часа сон во текот на една и/или повеќе ноќи, може да донесе негативни метаболички ефекти. Затоа смирувачки делува сознанието дека една ноќ со ‘исцепкан’ сон (поради несоница, бучава или, на пример, поради плачот на новороденче) го нема истиот ефект.
Но, она што не радува е тоа што било откриено дека силното црно кафе консумирано пред појадокот значително, за околу 50% го зголемило нивото на гликоза во крвта по појадокот. Иако истражувањата на ниво на популација покажуваат дека кафето носи низа благодети за добро здравје, мора да се напомене дека и некои други, претходни истражувања, веќе укажуваа на тоа дека кофеинот има потенцијал да предизвика отпорност на организамот на инсулин. Истражувањето спроведено лани открива дека вообичаениот лек за ‘бркање мамурлак’– пиење кафе по лош ноќен сон, може да го реши проблемот со сонливоста, но може да создаде друг проглем ограничувајќи ја способноста на вашето тело да го толерира шеќерот од појадокот.
Резултатите од истражувањето се објавени во British Journal of Nutrition.