Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.04.2021 - 19:15

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на хрватскиот философ и научник Стјепан Грдиќ и на холандскиот аеронаутички пионер и производител на авиони Антон Фокер. Покрај ова го одбележуваме денот кога е лансиран првиот комуникациски сателит Интелсат 1, и денот кога е лансирана сондата Пионир 1, со помош на која се добиени првите директно собрани податоци за планетата Сатурн. А денес е и ден за сеќавање на придонесите на норвешкиот математичар Нилс Абел ...

6.4.1613 – Роден е Стјепан Градиќ, хрватски филозоф и научник

Стјепан Градиќ е познат хрватски филозоф, поет, научник, езуит и дипломат. Роден е на денешен ден во Дубровник, син на сенаторот Михо Градиќ кој бил извонредно образован, а се занимавал со говорништво (реторика) и бил одличен поет. Пишувал и драми. Основно образование завршил во езуитското училиште во Дубровник, а потоа го продолжува своето образование во Рим, каде што по завршувањето на образованието извршува разни должности во служба на Дубровничката Република, како дипломатски претставник. Ги завршува и студиите по филозофија во Рим во 1634 година. Од 1634 до 1638 година, во Ферм и Болоња студира граѓанско и црковно право и одбранува докторска теза од правните науки. Вонредно во Болоња слуша предавања по математика кај Галилеевиот пријател, професор Бонавентура Кавалиери (Bonaventurа Cavalieri), а во Рим кај Кристоф Гринбергер (Christoph Grienberger). Се занимавал со математика, при што стекнал голем меѓународен углед како математичар. Починал во Рим, на 2 мај 1683 година. (Т. С.)

 

6.4.1890 – Роден е Антон Фокер

Антон Херман Жерар “Ентони“ Фокер е холандски ваздухопловен пионер и производител на авиони. Најпознат е по ловечките авиони коишто ги произведе во Германија за време на Првата светска војна, монопланите Ајндекер, трокрилецот Фокер Dr.I и двокрилецот Фокер D.VII. По поразот на Германија, Фокер неговиот бизнис го сели во Холандија, каде компанијата работи сè до нејзиниот банкрот во 1996 година. Компанијата има произведено повеќе успешни модели на авиони, како што е Фокеровиот тримоторец, патнички авион којшто бил во употреба во периодот меѓу двете Светски војни. На нашите простори користен е патничкиот авион Фокер 100. Два примерока од овој модел беа дел од флотата на македонската авиокомпанија Палер Македонија којашто оперираше во раните ‘90 години од минатиот век, а еден од нив беше уништен во првата голема авионска несреќа на аеродромот во Скопје.

Според записите на некои автори и сведоштва Антон Фокер бил мошне харизматична но контроверзна личност, а при водењето на неговиоте бизнис бил бескруполозен.

Фокер починал во Северна Америка во 1939 година. (Н. С.)

 

6.4.1973 – Лансиран е Пионир 11

Вселенското летало Пионир 11 (Pioneer 11) на НАСА, е првото летало со помош на кое во 1979 година беа направени директни мерења на Сатурн. Леталото беше втора по ред мисија од програмата Пионир наменета за истражување на планетата Јупитер и надворешните планети од Сончевиот систем.

Мисијата Пионир 11 заврши на 30 септември 1995 година кога е примен последниот сигнал од ова летало. Леталото се упати во насока на соѕвездието Орел, кое на ноќното небо може да го лоцирате на северозапад од соѕвездието Стрелец. Ако продолжи да се движи непречено по оваа траектрорија, за околу четири милиони години Пионир 11 ќе помине покрај најблиската ѕвезда во ова соѕвездие. (Н. С.)

 

6.4.1829 – Починал големиот норвешки математичар Нилс Абел

Судбината неправедно се поигра со животот и кариерата на Нилс Абел (Niels Henrik Abel). Бил скромен, трпелив и никогаш за ништо не се жалел, ниту обвинувал некого. Целиот свој краток живот го поминал во сиромаштија. Учел директно од славните претходници и современици проучувајќи ги нивните оригинални дела. Но потрагично е што неговите генијални ремек-дела воопшто не биле разгледани и оценети од неговите славни современици (Гаус, Коши), па никако не можел да се пробие во математичките кругови со што би ја обезбедил својата егзистенција како универзитетски професор. Се разболел од туберкулоза и немајќи пари за лекување, умира на 27-годишна возраст. Негово ремек дело е “Расправа за неалгебарските функции”, а ја докажал и неможноста за решавање на алгебарската равенка од петти степен. Исто така, оставил брилијантни трудови од проблематиката на конвергенцијата на редовите, Абеловите интеграли и елиптичките функции. (Т. С.)

 

6.4.1965 – Лансиран е првиот комерцијален сателит

Интелсат 1 (Intelsat I), познат и како Прва ластовичка (Early Bird), е првиот комуникациски сателит, прв во серијата сателити Интелсат (Intelsat) наменета да обезбедо глобални комуникациски можности.

Интелсат 1 го овозможи првиот прекуокеански ТВ-пренос а остана во функција три и пол години по лансирањето. Интересно е што бил употребен и при мисијата Аполо 11.

Сателитот сè уште се наоѓа во орбита а накратко беше вклучен во 1990 година по повод 25 годишнината од неговото лансирање. (Н. С.)

Стјепан Градиќ

Стјепан Градиќ

Антони Фокер

Антони Фокер

Авионот именуван Крушево од типот Фокер100 на некогашната македонска авиокомпанија Палер Македонија

Авионот именуван Крушево од типот Фокер100 на некогашната македонска авиокомпанија Палер Македонија

Пионир во космосот (уметничка визија)

Пионир во космосот (уметничка визија)

Траекторијата на Пионир 11

Траекторијата на Пионир 11

Пионир 11 крај Сатурн (уметничка визија)

Пионир 11 крај Сатурн (уметничка визија)

Нилс Абел

Нилс Абел

Споменикот на Нилс Абел во Универзитетот во Осло

Споменикот на Нилс Абел во Универзитетот во Осло

Првиот комерцијален сателит Интелсат 1

Првиот комерцијален сателит Интелсат 1