Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.04.2021 - 18:45

Во денешниот времеплов одбележуваме 120 години од раѓањето на Хети Александер, американскиот педијатар и микробиолог која го откри причинителот на менингитисот, 110 години од раѓањето на математичарот Катберт Херд, пионер од областа на компјутерската техника, како и 194 години од раѓањето на британскиот хирург и зачетник на антисептичката хирургија Џозеф Листер ...

5.4.1901 – Родена е Хети Александер

Хети Александер (Hattie Alexander) е американски педијатар и микробиолог. Ако некогаш во детството сте заболеле од менингитис предизвикан од Haemophilus influenzae, тогаш веројатно сте преживеале благодарение на работата на оваа неверојатна жена.
Причинител за детскиот менингитис е бактериска инфекција којшто предизвикува воспаление на ткивата што го покриваат мозокот и ’рбетниот мозок. Ова вообичаено предизвикува треска со висока температура, а претставува едно од најчестите бактериски инфекции кај малите деца. Кога д-р Александер започнала да ја истражува оваа бактерија во 1940 година, децата коишто биле заразени од оваа форма на менингитис во кој било случај умирале. Таа развила серум и третман којшто имал големо влијание за намалување на смртноста при оваа состојба. Првичните резултати од нејзината работа придонеле за намалување на смртноста од 100% на околу 20%. Денес овој тип на менингитис се лекува со многу помоќни антибиотици.

Хети Александер открила дека бактериите еволуираат со цел да создадат отпорност на антибиотикот што се користи за нивно сузбивање. Ова откритие ја насочило нејзината работа кон полето на микробската генетика, а потоа и кон откритијата на ДНК што ги контролира карактеристиките на бактериите коишто ја предизвикуваат болеста.

Александер е првата жена претседател на Американското здружение на педијатри. (Н. С.)

 

5.4.1827 – Роден е Џозеф Листер

Џозеф Џексон Листер (Sir Joseph Jackson Lister) е британски хирург, истражувач и основач на антисептичката хирургија. Листеровите истражувања примарно биле насочени кон проучување на микроскопските промени во ткивата предизвикани од воспалителните процеси. Кога се запознал со откритијата на Пастер во врска со микроорганизмите, објавени во неговиот труд од 1864 година, Листер веднаш започнал сопствени истражувања при коишто ги применил размислувањата на Пастер во врска со бактериите. Притоа тој правилно заклучил дека воспалението на хируршките рани настанува како последица од навлегувањето на микроорганизмите во самата рана и од нивниот понатамошен развој. Со оглед на тоа што не постои безбедна можност за примена на Пастеровото решение за уништување на бактериите со топлина кај живи организми, Листер прибегнал кон користење на хемиски средства за уништување на микроорганизмите во раната. По примената на карболна киселина (позната како фенол) за стерилизирање на хируршките инструменти и чистење на раните, Листер постигнал значително намалување на постоперативните инфекции кај своите пациенти, правејќи ја хирургијата побезбедна за животот на пациентите кои претходно масовно умирале како резултат на постоперативна инфекција на раните.

Неговите теории првично не биле добро примени меѓу неговите колеги медицински професионалци, но биле добро прифатени од страна на медицинските школи и школските болници. Ова придонело веќе следната генерација на доктори да го препознаат Листер како основач на современата хирургија. (Н. С.)

 

05.04.1911– Роден е компјутерскиот пионер Катберт Херд

Катберт Херд (Cuthbert Hurd) беше математичарoт ангажиран директно од претседателот на IBM, Томас Вотсон постариот, на почетокот на 1949 година и беше вториот вработен во IBM во тоа време со звање доктор на науки. На почетокот на 1950-тите Херд тивко го охрабрувал врвот на IBM да влезе во бизнисот со компјутери, убедувајќи ги дека постои пазар за научни компјутери. Во тоа време, IBM постигнувал голем профит од својот традиционален бизнис со сметководствените панч-картички, така што била потребна голема внатрешна промена во компанијата за евенуално менување на курсот на производството. Првиот голем успех на Херд бил продажба на 10 компјутери од моделот 701 на IBM – првиот комерцијален компјутер наменет за обемни научни пресметки, којшто се изнајмувал за 18 000 американски долари месечно. Набргу потоа, Херд станал менаџер на тимот во IBM кој под водство на Џон Бакус го создал и го развил програмскиот јазик FORTRAN.

Херд почина на 22 мај 1996 година во Портола Вали, Калифорнија. (И. З.)

Клучни зборови:
Хети Александер

Хети Александер

Хети Александер

Хети Александер

Џозеф Џексон Листер – татко на антисептичката хирургија

Џозеф Џексон Листер – татко на антисептичката хирургија

Компјутерскиот пионер Катберт Херд

Компјутерскиот пионер Катберт Херд

Компјутерскиот пионер Катберт Херд

Компјутерскиот пионер Катберт Херд