Проектот, познат по не толку инвентивното име “Проект Мост” е иницијатива на Ријксватерштат (Холандската агенција за јавни работи и менаџирање со води), Микиел ван дер Клеј во соработка со Техничкиот универзитет во Ајндховен. Се работи за обид на примена на иновативни, нови техники во архитектонската градба, а особено на 3Д печатење со бетон, како и изнаоѓање на нови начини за соработка помеѓу образовните институции, државата и приватниот сектор во овој сегмент.
Во потрага по идеална локација градот Нијмеген бил избран како носител на титулата Главен “зелен” град на Европа за 2018 година, а пресудна била и желбата да се одбележи овој момент. Од холандската владина агенција сметаат дека овој проект е своевидна градба на иднината, со којашто ќе се докаже иновативната технологија на 3Д печатење со бетон.
Додека изградбата на мостот во Нијмеген е во полн ек холанѓаните планираат изградба уште на четири вакви мостови на северот од земјата. Иако понекогаш изгледа дека 3Д печатењето се користи воглавно за проекти каде акцент се става на естетиката, во суштина секојдневно се изнаоѓаат нови примени за оваа технологија при изградба на објекти со целосно практична примена. Ова придонесува за пораст на пазарот со 3Д печатење на градби во целиот свет.
Од дигиталниот дизајн и од градежништвото се очекува да постават нови концепти во изградбата кои ќе носат помали ризици и подобри услови. Технологијата за 3Д-печат има потенцијал за изработка на поевтина, побрза и трајна градба која нема да биде ограничена во поглед на обликот и формата. Во таа насока и иницијаторите на Проектот Мост се нафатија да истражат повеќе дизајни коишто е речиси невозможно да се реализираат со конвенционалните техники во градежништвото, сè со цел да се утврди дали 3Д-печатењето, покрај другите погодности што ги нуди, може да обезбеди и поголема слобода во планирањето на дизајнот. Првиот тест-мост беше изработен од Техничкиот универзитет, додека конечната изведба на мостот е доверена на компанијата БАМ (BAM), којашто ги дели производните погони со компанијата Weber Beamix.
Можноста за слобода во архитејтонскиот дизајн сепак не е без предизвици во поглед на структурната безбедност, изнаоѓање на методи за анализа на овие форми како и одредувањето на влезот на 3Д принтерот. За структурни пресметки во конкретниов проект била ангажирана фирмата Сумум Инженеринг (Summum Engineering), која била задолжена за изработка на параметарски модел.Овој модел потоа бил подложен на низа тестови за структурни оптоварувања, по што била генерирана внатрешната геометрија на мостот. Биле одредени трите клучни сегменти за печатење – сегменти од надворешните површини на мостот, внатрешната структурна геометрија и конечно, патеките за печатење за 3Д-печатачите.