Луѓето кои живеат со ефектите на Кроновата болест можеби конечно ќе можат да здивнат, благодарение на истражувањата спроведени под водство на Универзитетот Мекмастер.
Брајан Кумбс од Универзитетот Мекмастер тврди дека неговиот тим го идентификувал сојот од адхерентно-инвазивната бактерија ешерихија-коли (AIEC), кој честопати бил пронаоѓан во цревата на луѓето со Кронова болест.
“Ако ја испитате цревната обвивка на пациентите со Кронова болест, ќе откриете дека околу 70 до 80 проценти од нив имаат позитивен тест за AIEC бактериите, но една од работите што не ја разбираме е зошто е тоа така.“, вели Кумбс, професор и претседател на Одделот за биохемија и биомедицински науки и Канадскиот истражувачки центар за патогенезата на инфективните болести. “Веруваме дека AIEC е потенцијален предизвикувач на Кроновата болест.”
Со мутација на секој ген на специфичниот вид AIEC и тестирање на начинот на којшто мутираните бактерии се развиваат кај глувците, истражувачите успеале да утврдат кои гени им овозможуваат на бактериите слободно да ги колонизираат цревните облоги кај луѓето со Кронова болест.
Постдокторандот Вел Еленави (Wael Elhenawy) кој го предводел истражувањето на Универзитетот Мекмастер (фото. Универзитет Мекмастер)
AIEC бактериите растат во биофилмот што ги покрива клетките што го обложуваат цревниот ѕид, штитејќи се на овој начин и од природниот имун одговор на организмот и од дејството на антибиотиците. Во посоченото истражување, тимот ја идентификувал критичната структура на протеините на површината од бактериите којашто им овозможува да растат во биофилмот.
Кумбс вели дека Кроновата болест е предизвикана од неможноста на имуниот систем да го “исклучи“ неговиот воспалителен одговор на цревните бактерии. Симптомите вклучуваат тежок пролив, замор, губење на тежина и неухранетост.
Тековните третмани се насочени кон олеснување на ефектите од воспалението, но не ја решаваат основната причина за настанокот на состојбата.
“Пристигнуваат нови терапии – чекор поблиску сме во откривањето на тоа како оваа бактерија, поврзана со Кронова болест, живее во цревата и штом го сториме тоа, ќе можеме да развиеме нови лекови“, вели Коумбс.
Наодите на тимот се објавени во Nature Communications.