Рубрика: Биологија
Бактериите што нафта јадат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.03.2021 - 17:15

Подводната микробиолошка опсерваторија поставена во Фарско-Шетландскиот Канал од страна на научниците од Универзитетот Хериот-Ват откри дека во овие води виреат мноштво бактерии кои се хранат со нафта. Откритието може да помогне при справувањето со некоја евентуална нафтена дамка од идните излевања на нафта во океанските води.

Се работи за прва опсерваторија од ваков вид во водите на североисточниот дел од Атлантикот, област каде се лоцирани повеќе наоѓалишта на нафта и гас, и каде не стивнува ни бродскиот сообраќај.

Сè уште е непознато дали ова изобилство од бактерии што се хранат и ја разградуваат нафтата се должи на континуирано излевање на нафта, но едно е сигурно – бактериите се сосема подготвени да се справат со загадувањето кое се должи на индустриската активност во овој дел од океанот.

Бактериите што ја разградуваат нафтата имаат клучна улога при расчистувањето на нафтените дамки – тие се појавиле во изобилство по несреќата на Deepwater Horizon во Мексиканскиот залив, на пример. Што не е ни чудно – за овие типови микроби нафтата е основен извор на храна.

Научниците ја следеле распространетоста на овој тип бактерии на различни длабочини и локации во Фарско-Шетландскиот Канал, во текот на две години. Целта била одредување на распространетоста и количината на овие микроби во нормални услови, кога нема несреќно излевање на нафта во океанот. Било откриено невообичаено високо ниво на овој тип бактерии, кои сочинувале 15 - 20% од микрофлората во регионот. Во редовни услови процентуалната застапеност на овие бактерии е околу 1% и помалку. Научниците не се сигурни зошто ова е така и дали аномалијата се должи на природниот проток на нафта од дното на океанот, или пак на континуираното загадување од нафтените платформи.

Детектирањето на она што е вообичаеното ниво на бактерии што се хранат со нафта во овие води би било од огромна помош за утврдување на влијанието на нафтените излевања во иднина и успешното спревување со нив, но и при справувањето со други проблеми, како што се ацидификацијата и затоплувањето на океаните.

Тимот планира да продолжи со следење на состојбата во Фарско-Шетландскиот Канал и се надева да открие која е причината за нетипично големото изобилие на овие типови бактерии во овие води.

Истовремено тимот планира изградба на слични микробиолошки опсерватории и на други локации.

Истражувањето е финансирано од Кралското друштво, Друштвото за применета микробиологија и Морскатa алијанса за наука и технологија на Шкотска (МАСТС).

Истражувањето беше објавено во mBio, списание на Американското друштво за микробиологија.

Клучни зборови: