Кон средината на овој месец руските научници го пуштија во употреба најголемиот подводен телескоп во светот со чија помош, низ беспрекорно чистите води на Бајкалското езеро, тие ќе можат да погледнат во длабочините на универзумот.
Изградбата на длабинскиот подводен телескоп започна во 2015 година. Основната намена на телескопот со ознака Бајкал–ГВД е набљудување на најмалите досега познати честички – неутрината. Сместен е на длабочина од 750 до 1300 метри на оддалеченост од околу 4 километри од брегот и е со волумен од половина километар кубен.
Како што веќе пишувавме и претходно, неутрината многу тешко се детектираат а ефективен медиум за оваа намена е токму водата. Предлогот за употреба на природен медиум за детектирање на високоенергетските неутрина прв ја предложил советскиот физичар Мојсеј Александрович Марков во 1960 година. За детекција на неутрината клучна е черенковата светлина што ја создаваат наелектризираните честички кои се создаваат во интеракција со неутрината. Притоа слатководните басени и чистотата на водата во нив се од неизмерна важност во процесот на детекција, додека покривката од мраз која опстојува до два и пол месеци на површината од Бајкалското езеро е подеднакво важен бонус за оваа работа.
Пловната опсерваторија се состои од низи стаклени топки и челични модули прикачени за нив, a модулите се поставени длабоко во студените води на езерото низ дупка во површинскиот мраз. Во моментов целосно е комплетирана првата фаза од изградбата, со којашто детекторот на неутрина станува целосно оперативен, а во наредните неколку години се планира надградба на телескопот така што неговиот конечен волумен ќе изнесува еден кубен километар.
Според руските научници Бајкал–ГВД е најголемиот детектор на неутрина на северната хемисфера, а Бајкалското Езеро коешто е најголемото и најдлабокото слатководно езеро во светот, е идеален избор за сместувањето на длабинската опсерваторија. По својата големина детекторот ќе може да се мери со огромниот Ice Cube телескоп при американската истражувачка станица на Јужниот Пол, којшто е закопан длабоко под мразот на Антарктикот.
Телескопот Бајкал–ГВД е плод од соработката на научници од Чешка, Германија, Полска, Русија и Словачка.