Рубрика: Медицина
Симулација на четиридневен тотален локдаун
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 26.03.2021 - 11:00

Есента видовме една упростена симулација за тоа како функционира тоталниот локдаун за време на четиридневен продолжен викенд. Да ги видиме сега пресметките со земање предвид на точната дистрибутивна функција на веројатноста на серискиот интервал (времето од покажување на симптоми на примарниот заразувач до покажување симптоми на заразениот), прикажана на првата слика.

Ќе сметаме дека за време на викенд локдаунот тие што ќе покажат симптоми нема да ја пренесат заразата на други (освен евентуално на домашните), поради целосно прекинатите контакти со околината. Значи, се работи за тотален 96 часовен локдаун без излегување од дома. Понатаму ќе претпоставиме дека средниот дневен број на нови случаи пред локдаунот изнесувал 1000, колку што имаме деновиве.

На третата слика е прикажан дел од табелата со пресметките, додека на втората слика се прикажани резултатите. Како што се гледа од дијаграмот на втората слика, во саботата и неделата одвај да има намалување на броевите на нови случаи – тогаш практично излегуваат на виделина тие коишто се заразиле пред петокот. Всушност, заради доцнењето на резултатите од тестирањата, нема да има видливо намалување на бројките пред вторникот.

Најголемото намалување е од понеделникот до средата после локдаунот, кога бројките на нови случаи би опаднале од просечно 1000 пред викендот на помалку од 300 после локдаунот. Ова е под претпоставка дека ефективниот репродукционен број изнесува Rt=1. Доколку Rt е над единица бројките од среда би започнале одново полека да растат, но во апсолутни бројки растот ќе биде повеќе од три пати помал отолку пред локдаунот. Нормално, не е исто дали заразата ја пренесуваат 1000 или само 260 лица дури при истата преносливост.

Од понеделникот понатаму би се продолжило со сегашните рестриктивни мерки, со евентуално дополнително скратување на работното време на кафеаните. Откако населението ќе се одмори од локдаунот, по две недели да се повтори локдаунот и бројките да се соборат на помалку од 100.

Доколку бројките потоа одново забегаат нагоре (да речеме над 300 дневно), според овој алгоритам да се притиска на сопирачката и да не се дозволува нов неконтролиран раст. Во меѓувреме населението масовно да се вакцинира и така да се стави крај на епидемијата.

Толку е едноставно, ова не е атомска физика!

Забелешка: дистрибутивната функција на првата слика важи за старите соеви на вирусот, за британскиот сој серискиот интервал е во просек уште пократок. Како резултат на ова скратување и соборувањето на бројките би било побрзо и поголемо.

Клучни зборови: