Експанзијата на универзумот астрофизичарите ја препознаваат во појавата на т.н. црвено поместување на светлинскиот спектар во сјајот на подалечните објекти и неговата еднообразност. Меѓутоа, група од 4 индиски астрофизичари со примена на една поинаква, построга метода утврдила поинаква слика за црвеното поместување...
Според актуелниот Биг-Бенг модел за почетокот на универзумот, сè започнало пред околу 13,8 милијарди години со експлозија на една енормно мала честичка, сингуларитет со бесконечно голема енергија. Во процесот енергијата се трансформирала во материја според Ајнштајновата равенка на векот E = m · c2. Ваквото сценарио, со експлозија на Универзумот во неговиот почеток, произлезе од сознанието за перманентната експанзија, ширење на Универзумот или, со други зборови кажано, перманентното меѓусебно оддалечување на галаксиите. Експанзијата на универзумот астрофизичарите ја препознале во појавата на т.н. црвено поместување (red shift) на светлинскиот спектар кон црвеното браново подрачје во спектарот на светлинскиот сјај емитуван од далечните светлински извори (галаксиите). Имено, ваквото поместување во спектарот се појавува кога светлинските извори се оддалечуваат од набљудувачот, а токму таков е случајот со далечните галаксии.
Но, која е причината за експанзијата на Универзумот? Aстрофизичарите ja објаснуваат експанзијата како последица од почетната експлозија (ете го Биг-Бенгот), при што материјата се разлетала концентрично во сите насоки (ете ја експанзијата). Ова се појдовните премиси врз кои се темели актуелниот Биг-Бенг модел.
Еволуција на Универзумот по Биг-Бенгот
Сега следи најбитното. Рековме дека Биг-Бенг моделот произлегува од опсервацијата и анализата на “црвеното поместување”, кое на истражувачите им изгледаше континуирано еднообразно, што е и логично. Меѓутоа, група од 4 индиски астрофизичари, во соработка со Ширар Рој (Sirar Roy), професор на индискиот Национален институт за напредни студии во Бенгалор, со примена на поинаква, построга метода – Singular Value Decompositio Method (SVDM), утврдила поинаква слика за црвеното поместување. Групата констатирала дека поместувањата во светлинскиот спектар кон црвениот опсег не се толку еднообразни како што се сметаше, туку тие се периодично променливи, што не е својствено за еднообразна континуирана експанзија на универзумот. Со оваа констатација тие фрлаат сомнеж кон на егзактноста на моделот Биг-Бенг, кој како што рековме, се заснова на континуирана еднообразност во црвеното поместување. Нивниот наод е публикуван во светски познатиот Astronomy & Astrophysics journal.
Ова не е првпат некои од научниците да изразат сомнеж во егзактноста на теоријата за Биг-Бенгот. Првиот ваков сомнеж датира од 1973 година, и е формулиран во хипотезата од астрофизичарот Вилијам Тифт (William Tifft). Иметно, тој исто така ја оспоруваше еднообразноста на црвеното поместување и претпочиташе периодична променливост на спектарот во тоа поместување.
Вториот пример за сомнеж е теоријата Хојл-Нерликар, на астрофизичарите Фред Хојл (Fred Hoyle) и Џејент Нерликар (Jayant Narlikar). Тие ја оспориле употребата на квазарите како светлински извори за детекција на црвеното поместување, истакнувајќи дека тие не се ѕвезди, туку црни дупки во центрите на галаксиите, па нивниот сјај произлегува од честичките на материјата што перманентно паѓа во дупката. Како што укажале тие со текот на времето количеството на оваа материја се менува, а со тоа се менува и сјајот на квазарите, па се добиваат погрешни слики за црвеното поместување.
Во врска со сите искажани сомнежи, наведениот соработник на групата, Ширар Рој, изјавил дека нивниот наод за периодичност во црвеното поместување можеби ги подржува ваквите алтернативни хипотези.