Новите резултати од ултравиолетовиот спектрографски инструмент на мисијата Џуно на НАСА за првпат го следеа раѓањето на утринските аурорални бури – зголемувањето на сјајот на поларната светлина што се јавува во раните утрински часови, а е специфично за спектакуларните аурори на Јупитер. Овие огромни, непостојани светлински изблици се јавуваат во обете поларни зони на Јупитер.
Претходно оваа појава била забележана при набљудувањата направени со помош на земските телескопи, а и со помош на вселенскиот телескоп Хабл.
Утринските бури се состојат од кратко но интензивно зголемување на сјајот и широчината на главните аурорални овали на Јупитер. Ауроралните овали претставуваат издолжени светлосни завеси што ги опкружуваат обата пола на Јупитер во близина на линијата каде атмосферата ‘излегува’ од темнината на утринскиот регион. Појавата за првпат била забележана во 1994 година со помош на камерата за набљудување бледи објекти на телескопот Хабл.
Пред мисијата Џуно, ултравиолетовата аурора на Јупитер можеше да се набљудува од Земјата само од страничен поглед, при што за астрономите беше невидливо сè што се случува на ноќната страна од планетата. Набљудувањата направени со другите мисии на НАСА – Војаџер, Галилео, Касини, се случуваа од релативно големи растојанија и, со оглед на нивната различна примарна мисија, ‘очите’ на овие сонди никогаш не биле вперени директно во половите на Јупитер. Токму затоа податоците добиени од сондата Џуно, која се наоѓа во орбитата на Јупитер се многу битни, меѓудругото и за лоцирање на зачетокот на ауроралните бури.
Истражувачите откриле дека утринските бури се раѓаат на ноќната страна од гасниот џин. Како што ротира планетата, појавата што наскоро ќе прерасне во аурорална утринска бура се врти заедно со планетата, навлегувајќи во дневната страна, каде овие комплексни и интензивно светли аурорални карактеристики добиваат уште поголем сјај, емитувајќи некаде од стотици до илјадници гигавати ултравиолетова светлина во вселената. Скокот на сјајот укажува на тоа дека утринските бури на Јупитер ослободуваат најмалку 10 пати повеќе енергија во горната атмосфера на планетата од типичната аурора.
Истражувачите забележале дека целиот процес е мошне сличен на оној во кој се генерираат земските аурори наречени ‘подбури’. Подбурите потекнуваат од краткотрајните нарушувања во Земјината магнетосфера – регионот на вселената во којшто се простира магнетното поле на планетата, при што доаѓа до ослободување на енергија во високите слоеви на јоносферата. Сличноста помеѓу земските и јупитеровите подбури навистина изненадува, со оглед на тоа што магнетосферите на двете планети се сосема различни. Магнетосферата на Земјата во суштина се контролира при интеракцијата на сончевиот ветер со магнетното поле на Земјата. За потсетување - сончевиот ветер претставува проток на наелектризирани честички чијшто извор е Сонцето. Магнетосферата на Јупитер е претежно исполнета со честички кои ‘успеале да избегаат’ од вулканската месечина Jо. Имено, магнетното поле на Јупитер ги заробува овие честички кои потоа се јонизираат.
Новите откритија ќе им овозможат на научниците да ги продлабочат нивните сознанија за разликите и за сличностите во механизмот за настанок на поларната светлина, обезбедувајќи подобро разбирање за начинот на којшто овие прекрасни планетарни феномени се случуваат на планетите во, но и вон нашиот Сончев систем.
Резултатите од истражувањето беа објавени минатата недела во научното списание AGU Advances.