Рубрика: Информатика
За е-трговијата и првиот онлајн регистар на е-трговци во Македонија
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 22.03.2021 - 11:15

Денес, во услови на пандемија, употребата на е-трговијата бележи пораст. Со цел да се заштитит граѓаните од потенцијални измами и учество во сивата економија, преку купување единствено од регистрирани е-трговци, Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места во Македонија, регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија.

Пазарите играат централна улога во економијата, олеснувајќи ја размената на информации, добра, услуги и плаќања. Во процесот тие создават економска вредност за купувачите, продавачите, пазарните посредници и за општеството во целина. Е-пазар е пазар кадешто купувачите и продавачите разменуваат добра и услуги за пари, но тоа го извршуваат по електронски пат, со посредство на eлектронската трговија. Е-бизнисот е поширока дефиниција од електронската трговија, која опфаќа не само купување или продавање на добра и услуги, туку исто така и услужување на купувачите, соработка со бизнис партнерите итн.

Зависно од степенот на дигитализираност, електронската трговија има три основни сегменти׃ производ, процес и добавувачки застапник. Сите три сегмента можат да бидат физички или дигитални. Зависно од тоа имаме ״чиста״, односно ״делумна״ електронска трговија.

Првиот термин „електронска“ се однесува на средството (медиумот) преку кој се извршува дејствието. Под овој термин може да се подразбира секој начин (форма) на комуникација кој исклучува физички контакт меѓу учесниците во прометот, а вклучува некаков вид електронско средство. Суштината на е-трговијата се базира на користење на интернетот како средство преку кое продавачот и купувачот комуницираат и го склучуваат договорот за купопродажба, односно се врши нарачката и плаќањето на производите и услугите. За да се направи нарачката се користат веб-базирани софтверски апликации, познати и како потрошувачки кошнички (shopping cart), додека пак за потребите на плаќањето се користи посебен веб-портал за плаќање.

Денес, во услови на пандемија, употребата на е-трговијата бележи пораст –социјалното дистанцирање, задолжителниот карантин и другите мерки за справување со пандемијата на COVID‑19 ги натераа потрошувачите да ги зголемат купувањето онлајн, но и употребата на социјални медиуми, интернет-телефонијата, е-конференциите и стримингот на видеа и филмови.

Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ)го објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места во Македонија, коишто се регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции. Во текот на 2020 година АЕТМ ја лансира платформата “eТрговија за сите” која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија. Онлајн регистарот на е-трговци, изработен во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија, има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата. Со ова се цели да се намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија – граѓаните би се заштитиле себеси преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите би ги унапредиле своите процеси, корисничкото искуство и би одиграле едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

“Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2800 е-купувачи кои беа дел од сеопфатната Анализа на е-трговија, 2020 година, 47% од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61% од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48% од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27% се изјасниле дека ретко добиваат. Над 70% од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки. Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница.” – вели д-р Нина Ангеловка, претседател на Асоцијацијата за е-трговија

Во јануари тие го воведоа и „беџот за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака што би им помогнала на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.

Листата на регистрирани е-трговци во Македонија може да ја проследите на следниов линк https://ecommerce4all.mk/moduli/siva-ekonomija/e-trgovci/

Клучни зборови: