Марс стана првата внатрешна планета од Сончевиот систем, се разбира по Земјата, на којашто беше проценета големината на нејзиното јадро.
Со помош на вселенската сонда Инсајт (InSight) за првпат научниците ѕирнаа во срцето на Марс. Користејќи ги инструментите кои го регистрираат ширењето на сеизмичката енергија низ внатрешноста на планетата научниците ја проценија големината на јадрото на оваа планета.
Мерењата укажуваат дека пречникот на јадрото на Марс изнесува околу 1810 до 1860 километри, што е речиси половина од големината на земјиното јадро. Но, сепак, и оваа големина е поголема од она што досега се претпоставуваше. Откритието укажува дека покрај доминантното количество на железо и сулфур, јадрото на Марс сигурно содржи и некои полесни елементи, како кислород, на пример.
Тимот на мисијата Инсајт ги презентираше мерењата оваа недела во рамките на виртуелната научна конференција посветена на Месечината и планетарните науки.
Карпестите планети како Земјата и Марс се поделени во неколку основни слоеви – кора (литосфера), плашт (мантија) и јадро. Знаењето на големината на секој од овие слоеви е клучно за да се разбере начонот на којшто планетата се формирала и се развила. Мерењата од сондата Инсајт ќе им помогнат на научниците да утврдат како при процесот на ладење на планетата, густото и исполнето со метали јадро на Марс се одделило од карпестата мантија што го опкружува. Јадрото е веројатно сè уште стопено, последица од огненото раѓање на Марс пред околу 4,5 милијарди години.
Единствените други карпести планетарни тела на коишто научниците успеале да го измерат јадрото се Земјата и Месечината. Мерењата добиени од Марс ќе им овозможат на научниците да добијат појасна слика за еволуцијата на планетите во Сончевиот систем. Слично на Земјата, и Марс некогаш имал силно магнетно поле кое било генерирано од течноста која течела низ неговото јадро, но со текот на времето ова јачината на ова магнетно поле драматично опаднала, што “помогнало” атмосферата на Марс да неповратно да избега во вселената, а површината на планетата да стане студена, гола и помалку гостопримлива за развој на живот.
Работата се надоврзува на претходните наоди од сондата Инсајт кои открија откриле слоеви во планетарната кора. Вселенската сонда слета на Марс во 2018 година и е прва мисија чијшто фокус е насочен кон проучувањето на внатрешноста на црвената планета. Лендерот, сместен во близина на екваторот на Црвената Планета, ги ослушнува “марсoтресите“ – потресите на тлото на Марс. Досега Инсајт регистрираше околу 500 потреси, што значи дека планетата е помалку сеизмички активна од Земјата, но многу повеќе од Месечината. Повеќето потресите се мошне мали, но речиси 50 од нив имале магнитуда од 2 до 4 степени, што било доволно за да се обезбедат информации за внатрешноста на планетата.
Опис за работата на InSight и очекувањата во врска со составот на почвата на Марс и градбата на планетата (илустрација: NASA/JPL-Caltech)
Слично како што тоа се прави со сеизмометрите на Земјата, Инсајт ја мери големината на Марсовото јадро посредно, со анализа на сеизмичките бранови што се одбиваат од границата помеѓу плаштот и јадрото. Со обезбедување на доволно вакви информации научниците од мисијата Инсајт можеа да ја пресметаат длабочината на која се наоѓа границата помеѓу јадрото и плаштот, а со тоа и големината на јадрото. Сеизмичките податоци укажуваат дека горниот дел од плаштот, којшто се протега на длабочина од 700 до 800 километри под површината, вклучува зона од згуснат материјал низ којшто сеизмичката енергија патува побавно.
Обидувајќи се да ги реплицираат условите во планетарните јадра, повеќе други научни тимови го испитувале однесувањето на различни комбинации на од хемиски елементи при високи притисоци и температури. Според научниците, проценкатата на тимот на Инсајт за густината на јадрото на Марс е во согласност со повеќето од овие лабораториски проценки.
Но, работата на Инсајт може наскоро да прекине. Имено, во текот на изминатите месеци врз соларните панели од сондата се натрупа доста прашина, со што се намали и количината на енергија што може да ја генерира сондата. Истовремено Марс е на пат кон најоддалечената точка на својата орбита околу од Сонцето, што дополнително ќе ја ограничи можноста за “полнење на батериите” на сондата. Ова значи дека тимот на Инсајт ќе мора да ја намали употребата на инструментите во наредните месеци. Во јануари научниот тим се откажа од употребата на термичката сонда која требаше да се вкопа во почвата и да го мери протокот на топлина низ неа. Ова се случи откако дојде до проблеми со триењето и "кртот", како што беше нарекувана оваа сонда, не успеа да се закопа доволно длабоко во почвата.
Драстичните температурни промени на Марс при преминот на денот во ноќ и обратно, создаваат "шум" во сигналите што ги детектира сеизмометарот на Инсајт, поради тоа кабелот што го поврзува лендерот со инструментот лежи изложен на површината на планетата. Сега, тимот се обидува да го изолира кабелот “закопувајќи” го со материјал од околината. Својата истражувачка работа лендерот ја извршува претежно ноќе, бидејќи во текот на денот ветровите предизвикуваат премногу тресење и овие потреси се мешаат со сеизмичките сигнали. Но, сезоната на ветрови на местото каде се наоѓа лендерот неодамна заврши и научниот тим со нетрпение ја очекува оваа сеизмичка тишина што ќе овозможи детектирање на поголем број “марсотреси” пред завршетокот на мисијата.