Рубрика: Медицина
Четвртиот бран забрзано се крева
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 17.03.2021 - 23:30

Денешните 1 293 се петтиот најголем број на новодијагностицирани лица од почетокот на епидемијата до денес, а четвртиот бран е сè уште далеку од својот пик. Репродукцискиот број Rt не е многу висок – точно е во границите на предвидувањата – но бидејќи стартувавме со високи 300 случаи на ден, со малку чекори (сериски интервали од 4 дена) стигнавме до тука. Ќе бев изненаден од бројките доколку во неделата вечер не ги видов колоните од паркирани возила во мојата улица и насекаде низ градот. Луѓето масовно одеа во посети за Поклади-прочка, заборавајќи дека се наоѓаме среде епидемиски бран. Знаејќи дека британскиот сој на вирусот има пократко време на инкубација, денешните високи бројки точно го одразуваат неделниот високоризичен настан.

Покрај високиот дневен број на нови случаи, загрижува и денешната висока стапка на позитивни тестови (31,58%), потоа седумдневната стапка (25,64%), која нагло порасна за повеќе од еден процентен поен, како и стапката на позитивни тестови во ИЈЗ Скопје (43%).

Можеби најзагрижувачки индикатор е бројот на активно хоспитализирани, којшто денес се искачи на 1 179. Оваа бројка е за повеќе од 200 поголема отколку во есенскиот бран, при истиот број на активни случаи (на дијаграмот на третата слика).

Што би можело ова да значи? Од една страна можеби е позитивна вест, затоа што во болниците успеваат да се сместат многу повеќе болни отколку во есенскиот бран. Од друга страна, пак, можеби е лоша вест, затоа што оваа варијанта на вирусот можеби испраќа многу повеќе луѓе на болничко лекување. Второто објаснување е сосема веројатно, затоа што од болниците пристигнуваат вести дека речиси 80% од хоспитализираните се на кислородна поддршка, што кажува дека повторно се примаат само најтешките болни и дека можеби веќе нема место за полесните, односно паѓа во вода претпоставката дека сега има повеќе место. Во секој случај, стапката на хоспитализација сега е повисока отколку минатата есен при истиот број на активни случаи.

На планот на смртноста работите исто така се влошуваат. Со еден поглед на кривата на кумулативниот морталитет (на дијаграмот на четвртата слика) се гледа дека таа го зголемила нагибот, односно темпото на умирање сè повеќе се зголемува. Прогнозата, според решенијата на диференцијалните равенки на SIR моделот (светло виолетовата линија), дури и во едно оптимистичко сценарио за среден ефективен репродукционен број Rt=1,10 и стапка на леталитет од 3%, предвидува дека до крајот на месецот ќе стигнеме блиску до 3 700 вкупно починати.

Во меѓувреме, одново почна да се повторува мантрата дека сè е под контрола, дека ноќниот полициски час е сосема доволен и дека нема потреба од дополнителни мерки. Просто не се знае кој се однесува понеодговорно и понепромислено – дали здравствените власти или населението.

Сè на сè, прогнозите се прилично мрачни, репродукцискиот број Rt останува упорно над единица, забрзувањето на бројките продолжува, а пикот сè уште не е на повидок. Останува прогнозата за пик околу 1 април, а дотогаш треба некако да се издржи.

Клучни зборови: