Примероци од растителните видови за кои се сметаше дека засекогаш исчезнале сепак опстојуваат во дивината, во семенските банки и во ботаничките градини, но биле забележани како други видови што сега се признаваат како таксономски синоними.
Пред околу четириесетина години ботаничарот Волтер Скот како последен обид да го зачува ендемскиот вид од исчезнување, земал неколку корења од жолтото цвете Hieracium hethlandiae од локацијата којашто требало наскоро да стане ископ и ги засадил во дрвени саксии. Но овој обид за зачувување на растителниот вид не бил забележан од ботаничарите, па истиот момент кога ридот од каде Скот ги зел примероците бил срамнет со земја британската Национална мрежа за биодиверзитет го прогласила растителниот вид H. hethlandiae за исчезнат.
До својата смрт Скот се обидувал да го врати овој вид назад во дивината, обидувајќи се со садење на повеќе локации, но сите негови обиди биле јалови. За среќа, во ова успеала непрофитната организација за хортикултура Shetland Amenity Trust која во 2015 година успешно го враќа назад во дивината ова растение во рамките на нивниот проект за заштита на природното наследство. И, засега, билките напредуваат одлично.
H. hethlandiae е само едно од растенијата кое се најде на списокот од растенија за кои се сметаше дека се исчезнати, а сепак сè уште можат да се најдат живи примероци од нив. Списокот е дел од студијата што била објавена минатата недела во Nature Plants. Како што јавува The Scientist, истражувачите успеале да го утврдат вистинскиот статус за вкупно 36 ендемски растителни видови од Европа за кои се смета дека се засекогаш исчезнати. Опширната проверка и таксономска ревизија утврдила дека 17 од овие растенија успеале да “преживеат” во ботаничките градини, па авторите предлагаат тие да бидат тргнати од списокот на засекогаш исчезнати.
Истрагата започнала откако се појавил сомнеж во врска со некои од записите за исчезнатите растителни видови во научната литература и глобалната анализа спроведена во 2019 година. По ова уследила проверка на податоците и реалниот статусот на европските растителни видови со локалните научници од различни држави, со цел да се добијат понови таксономски податоци. Целиот потфат бил инспириран од проверка која во 2020 година ги опфатила северноамериканските ендемски растителни видови, по којашто било утврдено дека 14 растителни видови не се сосема исчезнати.
Некои од видовите биле најдени во дивината, но заведени под друго име. Ваков е случајот со Ligusticum albanicum, растение од семејството на целери, кое е ‘пронајдено’ живо во планините на Албанија, или растението Centaurea saxatilis кое е регистрирано под неговиот ‘алијас’ C. raphanina Sm., билка што сосема добро напредува во Грција.
Трудот укажа на потребата од повремена таксономска ревизија и проверка на податоците во врска со исчезнатите видови, но ја истакна и потребата за вреднување на локалното знаење и истражување во овој домен. Притоа се истакнува потребата од подобра комуникација помеѓу научниците кои ги составуваат листите за исчезнати видови и оние кои го имаат знаењето за видовите присутни на локално ниво.