Рубрика: Аудио и видеотехника
Почина Лу Отенс „таткото” на аудиокасетата и компакт дискот
Автор: Димац Митковски
Објавено на 12.03.2021 - 10:00

Оваа недела ја примивме веста дека почина Лодевијк Фредерик ‘Лу’ Отенс, холандскиот инженер којшто го револуционизираше начинот на којшто ја слушаме, но и создаваме музиката. Ова го направи подарувајќи ни ги првите вистински преносни носачи на звук – аудио касетата и компакт дискот. Иако денес овие две нешта можеби ја губат смислата на своето постоење, не така одамна тие беа многу повеќе од предмет – беа медиум за лична аудио креација и запис на емоции, можност да се направи ‘личен’ музички избор, но и едноставна можност да се сними сопствената музика како демо-верзија, или пак да се направи аудио-потсетник по бурната ноќ, како во случајот на Кит Ричардс, на пример. Аудио касетата и CD-то навлегоа толку бргу и толку длабоко во нашето секојдневието така што во 70-тите и 80-тите речиси и да немаше дом без касетофон, а во 90-тите мнозинстовото веќе поседувавме некаков CD-плеер.

 

Лодевијк Фредерик ‘Лу’ Отенс (Lodewijk Frederik “Lou” Ottens), холандскиот инженер заслужен за создавањето на аудио касетата и на компакт дискот, почина на 6 март 2021 година, на 94-годишна возраст, во Дуизел, Холандија. Пронајдокот на Отенс го трансформираше начинот на којшто луѓето ја слушаат музика. Од нивното воведување во 60-тите години на минатиот век во целиот свет се продадени околу 100 милијарди касети.

Лу сакаше музиката да биде пренослива и достапна. Целта на Отенс беше да направи нешто едноставно и прифатливо што секој може да го користи. Тој се залагаше Филипс да го лиценцира овој нов формат бесплатно за другите производители, отворајќи го патот за касетите да станат светски стандард. Касетите нè научија како да го користиме нашиот глас, дури и кога пораката доаѓаше од туѓи песни, снимени на макотрпно составениот сопствен музички избор во вид на ‘микстејп’.“, кажа режисерот Зак Тејлор, кој поминал неколку денови со Отенс при снимањето на неговиот филм “Касета: документарен филм“.

Лу Отенс е роден на 21 јуни 1926 година во Белингволде, Холандија. Уште од најрана возраст Отенс се интересира за техниката. За време на Втората светска војна, како тинејџер, изработил радиоприемник со којшто тајно ја слушал радиопрограмата од слободните краеви на Европа. По војната, Отенс студира машинство во училиштето Техниш Хогес во Делфт. За дополнителни приходи, три години работел како нацрт-конструктор во фабрика за производство на рентген опрема. Во 1952 година се стекнал со диплома за инженер. Истата година се приклучил на одделот за електроника во Филипс (Philips). Својата кариера ја започнал во одделот за деловна механизација на главната индустриска група во Ајндховен. Во 1957 година бил префрлен во фабриката на Филипс во белгискиот град Хаселт, со 1500 вработени кои произведувале магнетофони и звучници.

Во 1960 година, Отенс станува шеф на новиот оддел за развој на производи во Хаселт. Под негово водство бил развиен EL 3585, првиот преносен магнетофон на Филипс кој користел класични ролни со лента, од којшто ќе се продадат повеќе од 1 милион примероци во светски рамки. Филипс во тоа време имал три фабрики за производство на магнетофони. Во Ајндховен се произведувале магнетофони за професионалниот пазар, во Виена скапи магнетофони наменети за аудиофилскиот потрошувачки пазар, а во Хаселт фокусот бил на помалите и на поевтините уреди за широка потрошувачка. Сите произведени снимачи биле од типот со класични магнетофонски ролни.

Неколку компании, сепак се обидувале да дизајнираат т.н. „музичка касета”, еден вид црна кутија во која ќе бидат сместени и макарите и лентата. Намената била да се поедностави работата со снимачот. Врз основа на успехот на EL 3585, во Филипс Хаселт се појавил план за развој на пренослив касетофон. Новиот производ комерцијалниот оддел го нарекол „џебен снимач”. Уредот морал да биде евтин и мал, со мала потрошувачка на батериите и со разумен квалитет на звукот. Изборот на касетата бил од суштинско значење во планот. Од 1959 година, Филипс Хаселт е во контакт со RCA за нивниот систем на касети. Сепак, Отенс открил дека системот RCA не е соодветен за употреба во компактните мобилни уреди поради големите димензии на касетата и релативно големата брзина на репродукција на лентата од 9,5 cm/s. Па така, било одлучено сами да развијат мала касета што ќе се заснова на касетата од RCA.

За почеток, Отенс ги определил димензиите на уредот за репродукција. Сфаќајќи ја задачата буквално, да дизајнира снимач за во џеб, тој исекол парче дрво што ќе може да го собере во страничниот џеб од неговата јакна. Тоа парче дрво станало модел според кој ќе биде дизајниран првиот преносен касетофон EL 3300. Врз основа на големината на уредот за репродукција, Отенс го одредил форматот на касетата. Избрал потесен фреквентен опсег, сличен на оној што се користел во конкурентскиот систем на CBS, и стандардна брзина од 4,75 cm/s. За развој на касетата и опремата за репродукција Отенс располагал со тим од десет до дванаесет техничари, главно млади луѓе од Белгија и Холандија, кои во Ајндховен  веќе стекнале искуство во дизајнирање или производство на грамофони и на магнетофони и сега ова знаење го применувале во лабораториите на Филипс.

Во 1963 година развојот на касетата и уредот за репродукција во Хаселт веќе напредувал толку многу што во Филипс одлучуваат да го прикажат на јавноста за време на Меѓународниот саем во Берлин. Презентацијата на Филипс била веднаш прифатена со голем ентузијазам во аудио светот. Но на саемот биле присутни голем број јапонски претставници кои внимателно сликале сè што е новитет. Нешто подоцна, јапонски копии на касетата на Филипс ќе се појават на пазарот. Овие касети ќе бидат малку поголеми од оригиналните на Отенс.

Во 1966 година Отенс оди во посета на Јапонија и таму делегацијата на Филипс преговара со десет електронски компании. Филипс ја дал својата понуда дека касетата може да се преземе како стандард без компензација за авторските права. Требало да се плати само за технологијата на опремата за репродукција. Всушност во оваа технологија клучен бил механизмот патентиран од Филипс кој магнетните глави ги вметнувал во касетата. Јапонската компанија Сони сакала да ја избере касетата што ја развил Отенс заради нејзините помали димензии. Следеле долги преговори околу авторските права. На крајот Филипс решил да им понуди бесплатна лиценца за опремата за репродукција на сите електронски компании во светот. Една по друга компаниите за електроника го презеле системот „Филипс“ и развивале свои уреди за репродукција и снимање на аудио касети. Добавувачите на магнетни ленти пуштиле касети C60 и C90 под нивно име, со времетраење од 60, односно 90 минути. Некои производители кои ја презеле аудио касетата избрале друго име, но на крајот сите го користеле името „касета“. Со текот на времето биле продадени околу 100 милијарди аудио касети.

Една интересна епизода од историјата на аудио касетата е поврзана со создавањето на еден од можеби најголемите и најзначајните хитови во историјата на рок музиката – I can’t gеt no satisfaction од Rolling Stones. Една ноќ Кит Ричардс долго се обидувал да компонира нова песна, и на крај уморен заспал. Утредента кога се разбудил не можел да се сети дали успеал да компонира нешто ново, но забележал дека касетата од касетофонот (што го користел да ги забележи идеите) била стасана до крај. Направил rewind до почетокот, пуштил play и многу се изненадил кога го слушнал оној генијален гитарски риф, срцето на песната Satisfaction... а потоа 40 минути ‘рчење (според неговите зборови). Така, да не била аудио касетата од Филипс, денес можеби ќе бевме ускратени за една генијална рок композиција.

Во 1969 година Отенс станува директор на Филипс Хаселт. Бидејќи касетата била успешна ширум светот, побарувачката за касетофони од Филипс исто така се зголемила, па се зголемил и бројот на вработени на над 5000. Фабриката не само што доставувала комплетни снимачи на касети, туку произведувала и посебни електромеханички погонски системи за компактната касета. Овие погони биле вградувани во нивните снимачи од други фабрики на Филипс и други компании. Успехот на компактната касета продолжил да се зголемува.

Во 1972 година, Отенс бил назначен за технички директор на “Аудио” одделот за главната индустриска група Филипс. Лабораторијата за физика на Филипс во тие години вршела истражување за видеозаписи користејќи оптичко снимање. Toj сфатил дека оваа технологија нуди можности за подобрување на квалитетот на аудиото. Со бесконтактното отчитување на ласерот, проблемот со абење на плочите од винил и на лентите исто така би бил минато. Заедно со неговиот тим одлучиле дека нема друг начин освен да се префрлат на дигитална техника.

Бидејќи аудио одделот го немал потребното знаење, бил формиран тим од седум техничари со искуство во дигитална технологија.Тимот го изградил првиот лабораториски модел на дигитален диск во 1977. Отенс бил воодушевен и основал специјална лабораторија за развој, која ја нарекол Лабораторија за развој на компакт дискови, име што потекнува од компактната касета. Бил додаден и мал производствен капацитет за тест дискови. Притоа требале да бидат задоволени три услови – квалитетот на звукот на компакт дискот требал да биде повисок од оној на лонг-плеј плочата (LP), CD репродукторот требало да биде доволно евтин и продукциските куќи да можат да ја задржат постојната опрема за студиската употреба.

Првиот модел на CD репродукторот бил готов во март 1979 година и прикажан е на дводневна прес конференција во Ајндховен на која присуствувале повеќе од 300 новинари. Веднаш по конференцијата Отенс и неговиот тим заминале за Јапонија. Целта на патувањето била да се најдат поддржувачи за промовирање на компакт дискот како светски стандард. Делегацијата посетила голем број електронски компании каде станало јасно дека јапонските конкуренти нема да се договорат за стандард или заеднички развој. Исто така, станало јасно дека Сони се стекнал со големо искуство во оптичко снимање и дека нивното дигитално знаење е далеку пред тоа на Филипс. Сепак, тие сè уште работеле со диск со големина на LP. Обидите да се намали големината им биле неуспешни. За време на посетата, Сони понудил понатамошен заеднички развој на системот од кој ќе произлезе компакт дискот на Филипс-Сони.

Речиси 20 години откако Филипс ги воведе касетните ленти, Отенс ѝ помогна на компанијата да развие технологија на компактни дискови за пазарот за масовна потрошувачка и, со Сони, да одредат формат што ќе стане стандард на индустријата.

По неговото патување во Јапонија, Отенс ќе биде назначен за технички директор на групата за видео која била многу поголема и попрофитабилна од одделот за аудио, како една од најголемите играчи на глобалниот пазар на ТВ-уреди. Палетата на производи била проширена во 1972 година со видео-запис, еден од првите системи за снимање на слика и звук што работел со касети. Првично, видео-записот бил успешен, но во меѓувреме се појавил натпревар со Betamax од Sony и VHS од JVC.

Од 1 јануари 1985 година, Управниот одбор на Филипс ги споил главните индустриски групи за аудио и видео во потрошувачка електроника. Отенс не бил дел од новото раководство. Му била доверена посебна задача: тој го презел раководството со проектот за подобрување на индустриската логистика во одделите за потрошувачи на Филипс. Тој проект бил успешен и донел до значителни заштеди на трошоците.

Отенс бил пензиониран на 21 јуни 1986 година. На својот проштален прием, на сите присутни им подарил копија од книга во која ги запишал своите искуства во развојот на производот, производството, логистиката и управувањето со индустријата. Некои од општите совети во нив се: скратете го времето за водење, поедноставете кога е можно, работете заедно, не изразувајте перформанси само во пари и вработувајте повеќе жени.

Лу Отенс даде значаен придонес во развојот на носачи на звук. Во списанието на Кралскиот институт за инженери, во една статија од 2007 година за историски пронајдоци во аудио областа покрај, на пример фонографот на Едисон, грамофонот на Берлинер, магнетните снимки на Поулсен, ЛП плочата на Голдмарк  ги вбројува и компактната касета и компакт дискот на Лу Отенс. Во строга смисла на дефиницијата, Отенс не беше пронаоѓач. Компактната касета и ЦД-то се пронајдоци на Филипс. Тој беше човекот што „само“ ги иницираше обете откритија. Заслугите на Отенс лежат во фактот дека тој внимавал на можностите за нови техники и за иновативните апликации на постојните техники. Тој го комбинираше ова со длабок поглед на пазарот и одлучност. Беше еден од првите што имаше јасна визија за минијатуризацијата како двигател на технолошките иновации од последните децении на 20 век. Неговото мото беше: „помало е подобро”. За него, помалото значеше посигурно, поевтино, подобра преносливост и помала потрошувачка на енергија.

Лу Отенс и компакт касетата
Лу Отенс и компакт касетата

Лу Отенс и компакт касетата

Креирањето на звучен запис пред аудио касетите

Креирањето на звучен запис пред аудио касетите

Од нивното создавање продадени се околу 100 милијарди аудио касети

Од нивното создавање продадени се околу 100 милијарди аудио касети

Првиот касетофонот на Филипс EL 3300

Копија на првиот касетофонот на Филипс EL 3300 

Првиот касетофонот на Филипс EL 3300

Првиот касетофонот на Филипс EL 3300 

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година

Промоција на касетофонот на Филипс EL 3302

Промоција на касетофонот на Филипс EL 3302

8 март 1979 – Јоп Синју од Филипс го претстсави првото CD

8 март 1979 – Јоп Синју од Филипс го претстсави првото CD

Првиот тест отпечаток на CD од 1979година – Aлпската симфонија на Ричард Штраус

Првиот тест отпечаток на CD од 1979година – Aлпската симфонија на Ричард Штраус во изведба на Берлинскиот филхармониски оркестар под диригенстката палка на Херберт фон Карајан

На 30 ноември 1981 година Visitors од ABBA станува првиот поп-албум издаден на CD

На 30 ноември 1981 година Visitors од ABBA станува првиот поп-албум издаден на CD

Во 1981 албумот Living Eyes на Bee Gees ќе биде употребен за првиот јавен приказ на CD

Во 1981 албумот Living Eyes на Bee Gees ќе биде употребен за првиот јавен приказ на CD за време на тв-емисијата на BBC “Светот на утрешнината (Tomorrow’s World).

Рекламен оглас за ЦД-плеер од Филипс

Рекламен оглас за ЦД-плеер од Филипс

Јоп ван Тилбург од Филипс заедно со претседателот на Сони Акио Морита и маестро Херберт фон Карајан

Јоп ван Тилбург од Филипс заедно со претседателот на Сони Акио Морита и маестро Херберт фон Карајан

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година

Касетофонот на Филипс EL 3302 од 1968 година