Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 10.03.2021 - 12:15

Во денешниот времеплов го одбележуваме денот кога пред точно 15 години oрбитерот MRO – Mars Reconnaissance Orbiter, влезе во орбитата на Марс и ја започна со својата плодна мисија, но и моментот кога пред точно 25 години се појави третата генерација на Netscape интернет-прелистувачот, првата директна и сериозна конкуренција на Мајкрософт на ова поле. Покрај ова го одбележуваме  откритието на прстените на Уран и роденденот на изумителот на интервалните бришачи Роберт Кернс...

10.3.2006 – Mars Reconnaissance Orbiter влезе во орбита на Марс

Орбитерот МРО (MRO – Mars Reconnaissance Orbiter) на НАСА имаше за цел да ја истражува геологијата и климата на Марс. Беше лансиран на 12 август 2005 година, а во себе носеше инструменти за истражување на атмосферата на Марс, но и за барање знаци за присуство на вода на Марс. На 10 март сондата влезе во својата прва орбита околу Црвената планета, на висина којашто ја намали потрошувачката на гориво. Во наредните шест месеци, користејќи го отпорот од атмосферата на Марс како кочница, МРO се постави во постабилна оперативна орбита.

Меѓу првите фотографии што МРО ги испрати беа сликите од лендерите Викинг и од роверите коишто ја истражуваат површината на Марс. Камерата на МРО фотографираше темни ленти, што наликуваа солена вода што тече низ падините од мразот растопен за време на пролетта на Марс. Радарот за потповршински истражувања на МРО откри глечери што се простираат на десетици километри, закопани под површината на Марс. Камерата на орбитерот, пак, направи фотографии од лавини што се струполуваат низ падините на ридовите во близина на северниот пол, а откри и повторувачки образец во наслагите на карпестите слоеви, што може да е показател за редовна промена во оската на ротација на Марс. Сликите од нови ударни кратери направени од МРО на географските широчини меѓу 40° и 60° N, го потврдија присуството на потповршински воден мраз на длабочини до 74 см.

Сè на сè, телекомуникацискиот систем на МРО досега има испратено повеќе податоци отколку вкупно сите меѓупланетарни мисии. Се очекува МРО и понатаму да испраќа податоци, како и да служи како стабилен сателит за препраќање на податоците од идните мисии на Марс. Орбитерот има доволно гориво за да продолжи да работи и во наредната декада, ако не и подолго. Следење на орбитерот во живо тука (Н. С.)

 

10.3.1996 – Трета Netscape генерација

На денешен ден се појави третата генерација на Netscape веб прелистувачот, која стана жесток противник на Мајкрософт. Новиот Netscape беше насочен кон екстранетот и приватните интернет врски помеѓу компаниите. Конкуренцијата помеѓу двете компании кулминираше во 2002 година со судска разврска, при што со одлука на сојузниот судија Мајкрософт мораше својот оперативен систем да го овозможи достапен без Internet Explorer. Шест години подоцна AOL ја загуби битката и го згасна Netscape во 2008 година. (З. И.)

 

10.3.1977 – Откриени се прстените на Уран

Иако уште во 1789 година астрономот Вилијам Хершел при своите набљудувања на Уран ќе ги спомне прстените, сепак биле потребни речиси 2 века за тоа откритие конечно да се потврди. На 10 март 1977 година, астрономите Џејмс Елиот, Едвард Дунам и Џесика Минк неочекувано дошле до ова откритие. Неочекувано затоа што тие сакале да го искористат поминувањето на Уран пред ѕвездата SAO158687 за да можат да ја набљудуваат неговата атмосфера. Меѓутоа, при тој премин забележале дека 5 пати се прекинувала светлината од ѕвездата пред и по поминувањето на телото на планетата пред неа, набљудувано од Земјата.

На тој начин се потврдило дека Уран има најмалку 5 прстени. Уште четири други се забележани од Земјата со помош на сличен метод, а два нови открило леталото Војаџер 2 при поминувањето покрај планетата. Со тоа, бројот на прстени станал 11, а тие не можат да се видат од терестријален телескоп бидејќи се губат во светлината која ја рефлектира самата планета. За нив уште се знае и дека не се баш во кружна форма и не сите се поставени во истата рамнина со екваторот на планетата. (Г. П.)

 

10.3.1927 – Роден е изумителот на интервалните бришачи Роберт Кернс

Научникот кој ги изумил интервалните бришачи на ветробранското стакло кај автомобилите, Роберт Кернс (Robert Kearns) е роден на денешен ден. Бил гениј. И чуден човек. Имал и големи несреќи во животот, и тоа една голема на млади години, кога на денот на својата венчавка во левото око му удрила тапа од шампањот, така што речиси ослепел на тоа око и останал со оштетен вид. Возејќи се така во еден врнежлив ден во почетокот на седумдесеттите години во својот автомобил, делумно ослепен на едното око, многу тешко го поднел возењето затоа што го нервирала едноличната работа на бришачите. Дошол на идеја тие да работат на начин како што работат човековите очни капаци “чистејќи“ го нашето око на начин кој е многу подобар и помалку пречи, а тоа е повремено, во интервали да работат. Ја реализирал таа своја идеја со кондензатор кој се празни како тајмер за времена работа на бришачите. И успеал. Тој свој патент го понудил на многу автомобилски брендови, но сите го одбиле. Индикативно е што ФОРД при одбивањето му рекол дека ќе воведе таков изум, но тоа ќе биде свој (Фордов) патент. И да не должам: фирмите наголемо продавале автомобили со интервални бришачи, а кога го расклопил фордовиот механизам, видел дека тоа е всушност неговиот изум. Следувала тужба против сите познати автомобилски, претежно американски, брендови, од кои некој ги добил, а некои застареле. Трагична судбина. Но, тоа е животот. (Т. С.)

Клучни зборови:
Амблемот на мисијата МРО

Амблемот на мисијата МРО

Постигнувањата на мисијата МРО низ бројки

Постигнувањата на мисијата МРО низ бројки. Податоците се дадени по повод 13 години од неговото влегување во орбитата на Марс.

Споредба на количината на податоци добиени од  МРО со другите вселенски мисии на НАСА

Споредба на количината на податоци добиени од МРО со количината на податоци добиени од другите вселенски мисии на НАСА

Како изгледаше почетната страница на Netscape во 90-тите години

Како изгледаше почетната страница на Netscape во 90-тите години

Планетата Уран и нејзините прстени

Планетата Уран и нејзините прстени

Прстените на Уран

Прстените на Уран

Роберт Кернс и неговиот изум

Роберт Кернс и неговиот изум

Роберт Кернс

Роберт Кернс

Уметничка визија на МРО

Уметничка визија на МРО