Рубрика: Омнибус
Одбележан денот на смртта на Милтон Манаки
Автор: Перица Поповски
Објавено на 05.03.2021 - 18:30

Букет свежо цвеќе за великанот Милтон Манаки

Секако, повод за овој текст е одбележувањето на денот на неговата смрт пред 57 години. Денес, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија градоначалничката Наташа Петровска, делегација од Комуната на Власи и од Кино клубот “Студио Милтон Манаки”. Притоа беше истакнат неговиот придонес за градот  Битола, за Македонија и Балканот во целост.

Кога пишувам за големиот фотограф и снимател Милтон Манаки, тоа го правам со големо задоволство. Причината е едноставна – бев редовен посетител на неговите изложби на фотографии, а и лично го познавав.  Иако сè уште бев мало дете, нему не му пречеше да ми објаснува за некои фотографии. Веројатно тоа беше садење на никулецот на мојата љубов кон фотографијата и подвижните слики.

Милтон Манаки е роден во Авдела, на 9 септември. Бил првиот македонски филмски снимател, но и првиот филмски снимател на Балканот, титула што ја дели заедно со неговиот постар брат Јанаки.

Првите снимки ги направил во 1905 година. Негови најпознати трудови се "Посетата на турскиот султан Мехмед В Решад на Солун и Битола”, "Романска делегација во Македонија”, "Номади, Каракачани”, "Принцот Александар Караѓорѓевиќ во посета на Битола”, "Погребот на Митрополитот Емилијанос од Гревена”, потем филмските записи за прославите на верскиот празник "Водици” во Бер и во Битола, како и серија снимки на селски и градски свадби, на народни обичаи, ритуали и празнувања, но и познатите кадри од репресалиите врз македонското население по Илинденското востание. Имал ателје и кино-сала која изгорела во пожар во 1939 година доведувајќи го до банкрот. Од  пред неколку години во Битола на Широк сокак е изградена нова кино-сала во знак на сеќавање.

 Наследството на Манаки вклучува десетици илјади фотографии и околу две илјади ролни филмски материјал. Благодарејќи на неговите фотографии можеме да дознаеме за начинот на живеење, за обичаите и настаните на овие простори.

Постои анегдота дека Милтон го запрел маршалот Тито на железничката станица во Битола со зборовите: “Го запрев Султанот да го фотогрфирам и ве запирам и Вас за да ја одбележам вашата посета на нашиот град.” Секако, Маршалот се насмевнал и дозволил, па за навек останала и таа фотографија.

Милтон Манаки го заврши животниот пат на 5 март 1964 година во Битола

Во знак на неговото дело и делото на неговиот брат Јанаки секоја година во Битола се одржуваат Фестивалот на долгометражни филмови “Браќа Манаки” и Фестивалот за документарни аматерски филмови “Камера 300”.

Клучни зборови:
Букет свежо цвеќе за великанот Милтон Манаки

Букет свежо цвеќе за великанот Милтон Манаки

Милтон Манаки со својата Камера 300

Милтон Манаки со својата Камера 300

Прошетка низ Битола со пајтон, 1930 година

Прошетка низ Битола со пајтон, 1930 година

Стефан Хаџиантоновски, голем поддржувач на делото на Милтон Манаки

Стефан Хаџиантоновски, голем поддржувач на делото на Милтон Манаки