Рубрика: Астрономија и астронаутика
Деманти за откритието на знак за постоење живот на Венера
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 09.03.2021 - 12:15

Минатата година една научна екипа објави дека открила присуство на фосфин во горните слоеви на атмосферата на Венера. Наодот го добиле со анализа на оптичките спектрални линии од атмосферата. Сега новите анализи на податоците, направени од два други научни тима, независно еден од друг, го оспоруваат овој наод...

Минатата година една научна истражувачка екипа објави дека откриле знак којшто можеби укажува на постоење живот на планетата Венера. За оваа можност пишувавме во “Откриен знак кој упатува на постоење живот на Венера!?”, а тука накратко ќе ве потсетиме за што точно се работи.

Научната екипа тогаш објави дека открила присуство на гасот фосфин (phosphine) во горните слоеви на атмосферата на Венера. Наодот го добиле по набљудување на атмосферата и анализа на оптичките спектрални линии во неа на фреквенција 266,94 GHz, најнапред преку телескопот JCMT (James Clerk Maxwell Telescope) сместен на Хавајските острови, а потоа наодот го потврдиле со набљудувања од радиотелескопот ALMA (Atacama Large Millimeter Array), лоциран во пустината Атакама во Чиле. Со анализа на идентификуваните спектрални линии, екипата заклучила дека тие му припаѓаат на гасот фосфин, којшто се состои од еден атом фосфор и три атома водород. Сега доаѓа најбитното – гасот фосфин се генерира на нашата планета Земја во индустриските процеси, но многу побитно е тоа што се јавува како отпаден продукт на живите микроорганизми. Водејќи се од ова екипата заклучила дека наодот може да значи постоење некаков вид живот во атмосферата на Венера, со оглед на тоа што на Венера не постојат индустриски процеси при коишто би се создавал гасот.

Атмосферата на Венера снимена од јапонскиот орбитер Акацуки 

Можноста за постоење на некаков вид вонземски живот на планетата Венера претставува голем предизвик за научниците, па се отвори обемна дебата околу тоа прашање. Во дебатата главно преовладуваа сомнежи во веродостојноста на наодот, па за да ги проверат резултатите беа формирани две нови истражувачки екипи, кои независно една од друга, извршиле реопсервација на атмосферата на Венера. Врз основа на новите податоци, добиените со најпрецизна аналитичка метода, неодамна беа објавени две дополнителни студии во коишто се демантира првобитниот наод за постоењето на гасот фосфин во атмосферата на Венера.

Првата студија е реализирана од истражувачката екипа под водство на Алекс Акинс (Alex Akins), технолог на JPL (Jet Propulsion Laboratory) во Пасадена, Калифорнија. Екипата одново ги обработила податоците добиени од опсерваторијата ALMA, вршејќи прецизна и детална анализа. На крајот екипата заклучила дека не се забележани спектрални линии карактеристични за гасот фосфин, чиешто постоење го пријави претходната екипа. Ова е првиот демант на веродостојноста на претходниот наод.

Опсерваторијата АЛМА сместена во пустината Атакама во Чиле

Втората студија е направена од научната екипа под водство на Ендрју Линковски (Andrew Lincowski), астроном од Универзитетот во Вашингтон, САД. Екипата изврши реопсервација на претходниот наод од опсерваторијата JCMT, така што ја моделираше структурата на атмосферата на Венера на различни височини во однос на нејзината површина. Со анализа на новодобиените податоци екипата констатира дека новата спектралната слика подобро се објаснува со присуство на гасот сулфур диоксид (SO2), а не со гасот фосфин, каков што беше заклучокот на првата екипа. Имено, гасот сулфур диоксид е вообичаено присутен во атмосферата на Венера до височина од 80 km над нејзината површина. Ова е втор демант на првобитниот наод.

Телескопот JCMT на Хаваите

Двата нови наоди се објавени деновиве во списанието Astrophyѕical Journal Letters.  

Сепак, извесен број научници сметаат дека прашањето околу животот на Венера сè уште не е завршено, па така претстојат нови истражувања и анализи.

Засега останува фактот дека во Сончевиот систем живот постои единствено на нашата планета – Земјата.

Клучни зборови:
Атмосферата на Венера снимена од јапонскиот орбитер Акацуки

Атмосферата на Венера снимена од јапонскиот орбитер Акацуки 

Опсерваторијата АЛМА сместена во пустината Атакама во Чиле

Опсерваторијата АЛМА сместена во пустината Атакама во Чиле

Телескопот JCMT на Хаваите

Телескопот JCMT на Хаваите