Рубрика: Медицина
Бројот на заразени расте но леталитетот опаѓа
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 08.03.2021 - 12:15

Ефективниот репродукциски број Rt, нашиот главен индикатор на забрзувањето, веројатно веќе ги достигна максималните вредности, како што британскиот сој стана причинител на повеќе од 70% од новите зарази. Се разбира, при Rt>1 сè уште имаме (и ќе имаме) зголемување на дневните бројки на нови случаи, но благодарение на состојбата со прележаноста веројатно нема да ги достигнеме вредностите од октомвриско-ноемврискиот пик (до 1 400 на ден). Додуша, со дневниот број на тестирања сме близу до лимитите, па со намалената стапка на позитивни тестови ниту можеме да откриеме повеќе нови случаи.

Денес еден друг индикатор, седумдневната стапка на леталитет (сината линија на дијаграмот на втората слика) достигна речиси рекордно ниско ниво од само 1,91%. Во просек толку проценти починале во изминатите 7 дена од дијагностицираните пред 10-16 дена. Пониска стапка на леталитет имало само еднаш, во неделата која завршила на 13.8.2020 (1,8%). Останува да претпоставуваме на што се должи намалениот леталитет во последните денови - дали на новиот сој на вирусот, евентуално на зголемената ефикасност на лекувањето со помош на ивермектин (според сведоштвата на пулмолозите, на пример Д-р Дејан Докиќ) или на некаков сезонски фактор. Сè друго е исто како и порано, односно не можело да има значително влијание. Се разбира, можно е да се работи и само за случајна статистичка варијација, но таа претпоставка лесно ќе ја докажеме или отфрлиме во наредните недели. 

Намалениот дневен морталитет го забележуваме и на дијаграмот на третата слика. Дневните бројки постојано се намалуваат со текот на времето, иако дневните бројки на нови случаи започнаа да се зголемуваат уште пред повеќе од 10 дена (колку што просечно изнесува временското доцнење од дијагносицирањето до смртниот исход). Ќе почекаме уште десетина дена да бидеме сигурни, но засега ситуацијата со леталитетот изгледа подобрена.

Релативно ниските вредности на ефективниот репродукциски број Rt прават експоненцијалниот раст на бројот на нови случај да не биде премногу изразен и да може колку-толку да држи чекор со дневните бројки на оздравени, што резултира со бавен раст на бројот на активни случаи, но што е уште поважно и на бројот на хоспитализирани. На дијаграмот на четвртата слика сината линија ни покажува многу благо зголемување на вкупниот број на дијагностицирани, а портокаловата и виолетовата линија го покажува вкупниот број на оздравени и починати, кои заради временското доцнење се уште не ја зголемиле стрмината на дијаграмот. Но, жолтата линија, која го прикажува бројот на активно хоспитализираните и која претставува разлика меѓу вкупниот број на хоспитализирани (од една страна) и броевите на оздравените заедно со починатите (од друга страна), во овој бран многу побавно расте отколку во есенскиот бран. Умерено високиот Rt придонесува испишувањето да држи чекор со приемот на нови болни, така што најверојатно нема да дојде до преполнување на болниците. Дури и да се случи повторно да има 1 400 хоспитализирани, тоа нема да бидат само најтешките случаи (како есента), туку ќе има место и за лекување на средно тешките случаи.

На крај една мала дискусија околу необјаснетиот дел на одвишната смртност во ноември и декември, добиена со споредба на извештаите на Државен завод на статистика и официјалните бројки на умрени од ковид-19. Многумина (дури и некои големи имиња) мислат дека таа необјаснета одвишна смртност се должи на нелекување и умирање од други, нековид болести. Секако, дека во одреден степен тоа се случувало (тие нековид умрени се индиректни жртви на епидемијата), но ако било така, ќе имавме голема необјаснета смртност рамномерно распоредена во сите месеци започнувајќи од март 2020, а не само во ноември и декември 2020. Огромниот скок на необјаснетата одвишна смртност временски се поклопува со есенскиот пик на епидемијата, што јасно кажува дека тоа се ковид-жртви. Второ, некои тврдат дека немало умрени во домашни услови, а кои останале недијагностицирани. Ниту ова тврдење не може да биде точно, затоа што стапката на леталитет (CFR - Case Fatality Rate) цело време е приближно константна. Ако тие кои умреле во домашни услови (а не влегле во официјалната статистика на умрени од ковид) биле навистина дијагностицирани, стапката на леталитет би била пониска за половина есента - но тоа не се случило. Значи, паѓа во вода и тврдењето дека немало умрени кои останале недијагностицирани. За тоа не треба некаква голема математика, доволно е да се потсетиме на редиците пред ковид-центрите, уплаканите лица на очајните луѓе за кои немало тестови или на кои им се кажувало да одат дома и да седат во изолација. Од друга страна, не ги примале ни во болница затоа што немале позитивни тестови. На тој начин, официјално проблем немало, а во стварност луѓето тивко умирале дома, а тој факт излезе на виделина во месечните билтени на Државниот завод за статистика.

Клучни зборови: