Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 4.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 04.03.2021 - 17:30

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на Џорџ Гамов, исклучителен научник и популаризатор на научната мисла. Исто така одбележуваме и 85 години од првиот лет на  цепелинот Хинденбург, како и денот кога британците пред 346 години го добиле првиот официјален кралски астроном...

 

4.3.1904 – Роден е Георги ‘Џорџ’ Гамов

Георги ‘Џорџ’ Гамов е руско-американски нуклеарен физичар, космолог и писател. Докторирал на Универзитетот во Ленинград, денешен Санкт Петерсбург, во 1928 година. Својата истражувачка работа ја продолжил во Копенхаген, со престои на универзитетите во Гетинген и Кембриџ, каде се занимавал со проблеми од областа на квантната механика и нуклеарната физика. Го поставил моделот на капка на атомските јадра и ја развил квантната теорија на радиоактивните процеси, со којашто се објаснуваат термонуклеарните реакции ви внатрешноста на ѕвездите. Емигрирал од Советскиот Сојуз во 1934 година и станал професор по физика на Универзитетот Џорџ Вашингтон во САД. Во доцните триесетти години од минатиот век ја проучувал еволуцијата на ѕвездите и односот на маса и луминозитет, а следните десет години ќе ги помине проучувајќи фи космолошките проблеми.

Гамов бил еден од главните пропагатори на Фридмановата теорија за експандирачка вселена, од којашто подоцна ќе произникне теоријата на Големиот прасок (Биг Бенг), којашто почетоците на космосот ги поставува во големата експлозија што се случила пред повеќе милијарди години. Гамов воочил дека вселената во своите рани фази создала услови за синтеза на хемиските елементи што денес би требало да постојат во изобилство насекаде во вселената. Со проширувањето на неговите интереси во доменот на биохемијата и истражувањата на дезоксирибонуклеинската киселина (ДНК) го поттикнал развојот на современата генетска теорија.

Од 1956 бил професор на Универзитетот Болдер во Колорадо, каде останал до својата смрт во 1968 година. Џорџ Гамов е познат и по неговата работа на полето на популаризација на науката, како автор на повеќе научно-популарни книги, за што во 1956 година ја добил Кулинговата награда на УНЕСКО. (Н. С.)

 

4.3.1936 – Прв лет на цепелинот LZ 129 Hindenburg

LZ 129 Hindenburg, со регистерска ознака D-LZ 129, бил голем комерцијален патнички цепелин и еден од водечките германски воздухоплови меќу двете светски војни, воздушните бродови од класата Хинденбург. Овој цепелин бил најдолг во класата и по обем бил најголемиот воздухоплов било кога направен. Проектиран е и изграден во погоните на компанијата Цепелин сместана во Фридрихшафен, а својот прв лет воздухопловот го прави на 4 март 1936 година.

LZ 129 Хиндербург летал од март 1936 до 6 мај 1937 година. При слетувањето во Лејкхрст, во Њу Џерси (САД), веднаш откако го реализирал својот прв трансатлантски лет до Северна Америка, воздухопловот се запалува и бива потполно уништен. Во несреќата гинат вкупно 36 луѓе. Точната причина за оваа несреќа сè уште е тема на многу претпоставки. (Н. С.)

 

4.3.1675 – Hазначен е првиот Кралски астроном во Англија

Џон Флемстид (John Flamsteed), роден на 19 август 1646 бил англиски астроном. Неговото главно постигнување е подготовката на Catalogus Britanicus, кадешто се каталогизирани 3000 ѕвезди, и изработката на ѕвездениот атлас Atlas Coelestis. И двете дела се објавени по неговата смрт. Флемстид е и прв којшто го забележал Уран, но погрешно го каталогизирал како ѕвезда. Во 1675 е назначен како Кралски астроном, титула којашто за првпат била доделена тогаш. Флемстид го поставил и темелот на Кралската опсерваторија во Гринвич. (Н. С.)

Клучни зборови:
Георги ‘Џорџ’ Гамов

Георги ‘Џорџ’ Гамов

Џорџ Гамов на универзитетот во денешен Санкт Петерсбург

Џорџ Гамов на универзитетот во денешен Санкт Петерсбург

Џорџ Гамов

Џорџ Гамов

Подготовка на Хинденбург пред лет

Подготовка на Хинденбург пред лет

Фотографија од првиот лет на Хинденбург

Фотографија од првиот лет на Хинденбург

Изгледот од салонот и трпезаријата на Хинденбург

Изгледот од салонот и трпезаријата на Хинденбург

Џон Флемстид, првиот Кралски астроном

Џон Флемстид, првиот Кралски астроном