Неодамна една научна истражувачка мисија на Антарктикот во длабочините под прекривката од мраз пронајде животни форми кои, според нив, “не би требало да постојат во оваа средина“.
Неочекувано, повеќе видови на животни, засега неидентификувани, беа откриени на околу еден километар под мразот, како опстојуваат во трајна темнина, оддалечени стотици километри од морето и од кој било друг познат извор на храна. Нивното присуство во оваа екстремна средина го доведува во прашање сè она што засега го знаеме за опстанокот во навидум невозможни услови.
Резултатите од набљудувањата, спроведени од тимот во чијшто од состав се научници од повеќе универзитети ширум светот, беа објавени неодамна во Frontiers in Marine Science, додека видеото од дупчењето низ мразот во длабочините и откривањето на живот под мразот станаа “вирални” на YouTube.
Откривањето на овие нови животни беше сосема случајно. Тимот под водство на Џејмс Смит и Пол Анкер од БАС го дупчел мразот со цел да обезбедат примероци од морското дното под ледникот Филшнер-Рона (Filchner-Ronne), којшто е втор по големина во светот со површина од 425 000 квадратни километри. Се дупчело приближно во центарот на површината од ледникот, на околу 260 km од глацијалниот фронт, областа каде ледникот завршува над Веделовото Море. Сондата требала да се спушти на околу 900 метри за да најде пронајде вода во течна состојба, а потоа да продолжи кон морското дно од коешто требало да се земат примероците. Но, откако мразот бил пробиен и низ дупката била спуштена камера, научниците забележале на морското дно огромен камен покриен со 16 сунѓери и уште 22 примероци на животни кои сè уште не се идентификувани, но за кои се претпоставува дека се работи за некој вид ракови 'прилепци'.
Откритието изненадува затоа што, барем теоретски, овој вид животни не би требало да бидат таму. Се работи за се неподвижни форми на живот кои се хранат со хранливи материи што ги добиваат при филтрирање на околната вода. Проблемот лежи во тоа што карпата на којашто тие биле пронајдени е оддалечена речиси 300 километри од глацијалниот фронт, и е речиси цел километар под мразот. Во вакви услови нема сончева светлина, со што се исклучува присуството на фотосинтетски организми со кои би можеле да се хранат сунѓерите, додека најблиската морска струја која доаѓа од отворено море и може да донесе хранливи материи е оддалечена цели 600 km! Па како тогаш овие животни преживуваат?
Постојат повеќе хипотези. Една од нив е дека тие можеби имаат многу долг животен циклус, што не би било чудно бидејќи сунѓери стари повеќе од 10 000 години веќе се пронајдени на Антарктикот, а притоа и да имаат многу бавен метаболизам па за да преживеат се хранат еднаш во годината а можеби е еднаш во еден век, што е можеби доволно голем временски период за некои хранливи состојки да успеат да пристигнат од отворено море до нивниот дом.
Научниците би сакале да истражат овие животни подетално и да се разгледа можноста дали се работи за нови видови. За ова да се реализира тие ќе мора да употребат далечински управувани микро-возила опремени со камера.