Како што вчера јави порталот space.com, на небото над јужниот дел на Англија бил забележан поголем метеор кој се распаднал во атмосферата.
Метеорот протатнал на небото во вид на огнена топка во неделата околу 10 часот навечер по локално време, при што забележливо било откршување на повеќе помали парчиња. Жолто-зелената трага на метеорот можела да се забележи сè до Ирска и Холандија, а појавата била придружена со карактеристичен звук на експлозија од пробивање на звучниот ѕид.
Светла трага на ноќното небо над Англија
Научниците кои ги анализирале снимките на кои бил забележан метеорот ја исклучуваат можноста дека се работи за сателит или каков и да е објект направен од човечка рака. Снимките врз основа на кои е пресметано дека објектот се движел со брзина од околу 48 000 km/h овозможиле и реконструкција на неговата претходна патека и орбитата околу Сонцето. Објектот во најголем дел орбитирал некаде помеѓу Марс и Јупитер, но понекогаш приоѓал до Сонцето на растојание помало од 1АЕ (астрономска единица). За потсетување, 1 АЕ е растојание еднакво на оддалеченоста на Земјата од Сонцето.
Научниците се надеваат дека ќе можат да пронајдат некои од деловите од некогашниот астероид што паднале на тлото додека тој се распаѓал во воздух, откако навлегол во атмосферата. Во таа насока им биле дадени и упатства за постапка на локалните жители кои ќе забележат некој од фрагментите.
Патеката по којашто се движел метеорот и областа каде се очекува да се најдат фрагменти од него (извор: Google Earth/Natural History Museum/UKFall)
Мрежата на UKFall на која се забележани повеќето од снимките располага со над 30 камери поставени на различни локации во Велика Британија. Настанот кој се одиграл во неделата навечер бил забележан од нивните камери на шест локации – во Кардиф, Манчестер, Хонитон, Линколн, Кембриџ и Бејвин Гарден Сити.