И како да си немавме доволно секирации со разноразните болештии, со климатските промени, со можноста да нè мавне некој поголем астероид, па и со неизбежната судбина кога за околу 5 милијарди години Сонцето ќе ја спржи целата планета, еве уште една грижа за која треба да му ја мислиме... За околу една милијарда години кислородот во земјината атмосфера ќе биде толку редок што на Земјата секоја од покомплексните форми на живот нема да може да преживее. Од друга страна ова значи дека не треба да му ја мислиме за Сонцето што ќе нè проголта
Денес кислородот сочинува околу 21% од Земјината атмосфера. Ваквиот атмосферски сооднос ја прави Земјата идеална за развој на комплексни аеробни организми, какви што сме и ние, луѓето. Но, на самиот почеток по формирањето, Земјата и не можела да се пофали со некои високи нивоа на кислород, напротив. Нивото на кислород било мошне ниско, а сосема е веројатно дека тоа повторно ќе стане такво и во некоја далечна иднина. Вакви се сознанијата до кои дошле научниците преку моделирање на климатските, биолошките и геолошките системи за проучување на насоката во којашто ќе се движат промените во атмосферските услови на Земјата.
Според Казуми Озаки од Универзитетот Тохо во Фунабаши, Јапонија, и Крис Рајмхард од Техничкиот институт на Џорџија во Атланта, САД, кои ги правеле истражувањата, земјината атмосфера ќе го задржи високиот процент на кислород во слетните милијарда години, по што количината на кислород за краток период ќе падне на нивоата од времето пред 2,4 милијарди години, пред т.н. Голем оксидациски настан.
Главна причина за промената е поврзана со Сонцето. Имено, како што ќе старее нашето Сонце ќе станува сè пожешко и ќе емитува сè поголема енергија. Истражувачите пресметале дека ова ќе доведе до намалување на јаглеродниот диоксид во атмосферата, со оглед на тоа што тој ја апсорбира топлината по што се распаѓа. Па за околу една милијарда години нивото на јаглерод диоксид во атмосферата ќе стане толку ниско што организмите кои опстојуваат со фотосинтеза, тука секако вклучувајќи ги и растенијата, нема да бидат во можност да преживеат а со тоа и да создаваат кислород. Поморот на овие организми ќе биде главната причина за намалувањето на количината на кислород во атмосферата. Ахем, дали ова значи дека намерно треба максимално да го загадуваме воздухот со горење разни материјали, за да го зголемиме нивото на јаглероден диоксид? Не, баш...
Истражувачите предвидуваат дека истовремено ќе дојде до пораст на количеството на метан, чиешто ниво во атмосферата ќе стане за 10 000 пати поголемо од количината присутна денес во неа.
Притоа штом еднаш ќе започнат, сите промени ќе се случуваат мошне брзо сметано на геолошката временска скала – според пресметките на научниот тим атмосферата ќе го изгуби кислородот во временска рамка од отприлика 10 000 години. Биосферата нема да може да се прилагоди на оваа промена на условите за живот, па на површината на Земјата ќе може да егзистираат само микроорганизми.
Промената ќе го опфати и земскиот и водениот живот. Озонскиот слој ќе го снема, по што Земјата и нејзините окени ќе бидат изложени на високо ултравиолетово зрачење и топлина од Сонцето.
Истражувањето е спроведено како дел од проектот на НАСА за истражување на населивоста на планетите, а резултатите ќе бидат користени при потрагата по вонземски живот на други планети. Типично, можноста за постоење на услови за живот на планетите се проценува со детектирање на т.н. кислороден биомаркер. Според Озаки и Рајнхард при потрагата по вонземски живот би можеле да се користат и други биомаркери. Тие го предлагаат, на пример, јаглеводородното замаглување во атмосферата на егзопланетите, кое би претставувало подолготраен маркер за можно присуство на вонземски живот.
Оригиналниот научен труд е објавен во Nature Geoscience.