Блискиот предок на современиот човек, Неандерталецот, бил способен да разбира и да создава човечки говор – вака тврди новото истражување на еден меѓународен научен тим чиишто резултати беа објавени оваа недела во Nature Ecology and Evolution.
Според научниците вклучени во него, се работи за едно од најважните истражувања од оваа област, а конечните наоди се цврсти и јасни. Тоа е едно од неколкуте истражувања кои се потпираат на фосилни докази за испитување на еволуцијата на јазикот, тема којашто е мошне ‘деликатна’ за истражување во антропологијата.
Еволуцијата на јазикот и лингвистичките капацитети на Неандерталците, се едно од прашањата за еволуцијата на човекот за коешто долго време нема дефинитивен одговор. Новото истражување ја реконструираше способноста за слух кај неандерталците со цел да се дојде до заклучок за начинот на којшто тие комуницирале.
При истражувањето биле користени снимки од компјутерска томографија со висока резолуција кои им овозможиле на научниците да се направат виртуелни 3Д-модели на структурата на уво од Хомо сапиенсот и од Неандерталецот. Податоците добиени од 3Д-моделите потоа биле внесени во софтверски модел со цел да се процени способноста за слух до 5kHz, фреквенциски опсег што ги опфаќа повеќето од звуците во говорот на современиот човек.
Споредено со фосилните остатоците пронајдени на археолошкото наоѓалиште Атапуерка во Шпанија, кои им припаѓаат на нивните постари предци, Неандерталците покажале за нијанса подобар слух во опсегот од 4 до 5 kHz, што е мошне близу до способноста за слух на современиот човек. Покрај ова истражувачите можеле, и го пресметале, фреквенцискиот опсег на максималната осетливост, нешто што технички е познато како зафатен опсег, за секој од овие видови. Се покажало дека Неандерталците имаа поширок слушен опсег од нивните претци од Атапуерка, и повторно многу поблизок до оној на современиот човек.
Според истражувачите, присуството на слични слушни способности, особено на слушниот опсег, покажува дека Неандерталците веројатно поседувале комуникациски систем кој бил подеднакво комплексен и ефикасен како тој на современиот човек.
Научниот тим кој стои зад трудот го развива ова истражување речиси две децении и, заедно со други соработници, продолжува да ги проширува анализите и на дополнителни фосилни наоди од други видови.