Во денешниот времеплов одбележуваме 120 години од раѓањето на Лајнус Полинг, американскиот хемичар кој е единствен научник што сам ја освоил Нобеловата награда двапати. Покрај ова ги славиме и родендените на ренесансниот гениј Јoст Бирги, човекот кој ја подигна прецизноста во мерењето на времето и првите астрономски карти, и на канадскиот архитект Френк Гери, и неговиот оригинален скулпторски и смел стил на изведби го направи светски познат.
28.2.1901 – Роден е Лајнус Карл Полинг
Лајнус Полинг (Linus Carl Pauling) е американски хемичар и биохемичар, а дал и значителен придонес во кристалографијата, биологијата и медицината. Многумина го сметаат за водечки хемичар на 20 век.
Полинг е.еден од пионерите во областа на квантната хемија и механика. Имено, тој прв ја истражувал примената на квантната механика во хемијата. Неговите истражувања за хемиските врски ќе му ја донесат Нобеловата награда за хемија во 1954 година. Полинг ќе го претстави концептот електронегативност, односно способноста на атомот да привлече електрони за да формира врски. Скалата за електронизација на Паулинг ќе се користи долго време.
По Втората светска војна, Полинг ќе стане гласен критичар на атомското оружје и ефектите од неговата употреба. Неговите напори за елиминирање на надземните тестови на атомски орудија ќе му ја донесе Нобелобата награда за мир во 1962 година. Со ова тој ќе стане единствениот научник кој двапати ја освоил Нобеловата награда сам, а згора на тоа за две различни области. (Н. С.)
28.2.1552 – Роден е Јост Бирги
На денешен ден, роден е еден интересен гениј – Јост Бирги / Јобст Бургиус (Joost Bürgиi / Jobst Burgius), швајцарски часовничар, изработувач на астрономски инструменти и математичар.
Нема записи каде го научил часовничарскиот занает, но станал најиновативниот изработувач на часовници и на научни инструменти на неговото време. Имал клучна улога во изработката на астрономските карти. Неговите иновации во изработката на часовниците ќе придонесат часовниците да станат многу попрецизни, па за првпат ќе почнат да се користат и како научни инструменти. Тие станале доволно прецизни за временски да се следи привидното движење на ѕвездите и на небеските тела и прецизно да се пресмета нивната положба.
Додека бил работно ангажиран како изработувач на инструменти на кралевите во Касел и во Прага имал клучна улога во изработката на првите астрономски карти. Ги измислил логаритмите како работна алатка за своите астрономски пресметки, независно од Непер, но долго време не го имал објавено овој свој изум. Во 1604 година стапил во служба на светиот римски цар Рудолф II, подарувајќи му го глобусот на светот. Работел за царскиот астроном Јохан Кеплер (Johannes Kepler). Импресивна биографија, нема што. (Т. С.)
28.2.1929 – Роден е Френк Гери
Френк Гери (Frank Gehry) е канадско-американски архитект и дизајнер чијшто оригинален скулпторски, честопати смел стил на изведби, го направи светски познат.
Како реакција на студениот и честопати едноличен модернистички стил, слично како и многу негови современици, Гери започнува да експериментира со необични експресивни форми, одбидувајќи се да најде сопствен израз.
Раните експерименти се мошне воочливи во реновациите направени на неговиот сопствен дом во Санта Моника, Калифорнија. Способноста на Гери да ги наруши очекувањата на набљудувачот за употреба на традиционални материјали и форми го смести во застапниците на деконструктивизмот во архитектурата, иако истовремено е поврзуван и со постмодернизмот.
Однесувајќи се кон секоја нова нарачка како кон “скулпторски предмет, просторен сад, простор исполнет со светлина и воздух“, во текот на 80 и 90 години од минатиот век, Гери добива порачки од целиот свет. Негови дела од овој период се Музејот и фабриката за мебел Витра во Вајл на Рајна, Германија (изградени 1987); Американскиот центар во Париз (граден 1988 – 1994); и Музејот на уметноста Фредерик Вајсман при Универзитетот во Минесота во Минеаполис, САД (изградба 1990 – 1993).
Репутацијата на Гери расте кон крајот на деведесеттите години од минатиот век. Во тоа време, неговиот стил подразбира брановидни објекти кои потсетуваат на скулптура со слободна форма. Оваа форма веројатно го достига својот зенит во неговата визија на Гугенхајм музеот во Билбао, Шпанија, изграден во периодот од 1991 до 1997 година.
Повеќе од опусот на Гери може да видите тука (Н. С.)
28.2.1966 – FCC го носи актот за Право на приватност (FC)
Американското FCC (Federal Communications Commisions) треба да донесе пресуда за заштита на правата на американските граѓани. Тие го донесуваат актот за Право на приватност којшто ја опфаќа директната и индиректна употреба на радиоконтролирани уреди.
Правото на приватност е елемент во повеќе правни традиции којшто ја ограничува можноста владините и приватните активности да ја загрозуваат приватноста на поединецот. Концептот на приватност ја користи теоријата на природните права и генерално одговара на новите технологии за информации и комуникација. Во Соединетите американски држави како прва експлицитна декларација за правото на приватност честопати се наведува написот “Правото на приватност“, објавен во Прегледникот на Харвардскиот правен универзитет, со датум 15 декември 1890 година, а напишан од адвокатот Семјуел Д. Ворен и идниот врховен судија Луис Брандеис. (И. З.)