Рубрика: Медицина
Македонскиот црн биланс од ковид-19 е многу поголем од пријавеното
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 27.02.2021 - 12:00

Вчера Државниот завод за статистика го објави месечниот статистички извештај за февруари 2021 година во кој се и податоците за бројот на умрени во 2020 во споредба со неколку години наназад. Се забележува многу голема бројка за декември 2020 година и дека во 2020 има околу 5000 повеќе смртни случаи отколку што е просекот за неколку години претходно, како и тоа дека оваа одвишна смртност е поголема од официјалните 3100 починати од ковид-19 во 2020 година.   

Вчера Државниот завод за статистика го објави месечниот статистички извештај за месец февруари 2021 година, којшто може да се најде на веб-страницата на заводот (https://www.stat.gov.mk/publik.../2021/Bilten%2002%20MAK.pdf). Во табелата "Природно движење на населението" дадена на страница 71 се податоците за бројот на умрени во 2020 во споредба со неколку години наназад. Се забележува многу голема смртност во декември 2020 година и дека бројот на починати во цела 2020 е за околу 5000 поголем во споредба со неколку претходни години (25 049 за 2020, а 20 188 е просекот за 2014-2019). Исто така може да се забележи дека оваа одвишна смртност е поголема од официјалните 3100 починати од ковид-19 во 2020

Ако 3205 умрени во ноември ни изгледаа многу, што да кажеме за 4460 во декември? Врз основа на податоците од изминатите 60 месеци, просечната месечна смртност изнесува 1694, со 95% интервал на доверба од 1336 до 2051. При 4460 умрени имаме просечна одвишна смртност од 2766 умрени, со 95% интервал на доверба од 2409 до 3123. Од овој број, само 718 се објаснети со официјалната смртност од ковид-19 во текот на месец декември. Остатокот до 2766, односно во апсолутни бројки 2048 (со 95% интервал на доверба од 1691 до 2405) е таканаречена необјаснета смртност. Таа е необјаснета со официјалните ковид-жртви, но ја објаснуваме со нерегистрираните, кои исто така починале од ковид-19, но во домашни услови.

Тука треба да додадеме уште две работи. Прво, многу веројатно кон оваа бројка се додадени и многубројни починати од ноември, кога всушност беше регистриран најголемиот официјален број на умрени од ковид, дури 788.

Второ, овие нерегистрирани умрени најверојатно не биле ни тестирани ни дијагностицирани. Ова го заклучуваме од стапката на леталитет кај дијагностицираните, таканаречен CFR (Case Fatality Rate), којшто цело време имаше прилично константна вредност од околу 3% за време на октомвриско-ноемврискиот пик. Јасно е и зошто – бројот на државни тестирања беше ограничен, многу луѓе ниту можеа да дојдат на ред за тестирање, а без позитивен тест таман не мораа ниту да ги примаат на болница. Многу лукаво решение за прикривање на вистинскиот проблем. Освен тоа, многумина не можеа да си дозволат да платат по 12 000 денари за приватно тестирање (во семејства со една плата тоа е вистинско мало богатство), па останале дома самите да се лекуваат, колку што знаеле и умееле. Таму ги заразувале и домашните и епилогот од сето тоа го гледаме на дијаграмот на втората слика. Притоа здравствените власти сето ова стоички го одмолчија, повторувајќи ја мантрата дека сè е под контрола, оставајќи ги кафеаните да работаат со нескратено работно време, каде вирусот неконтролирано се ширеше. Оваа веќе многупати го покажавме на дијаграмите на ефективниот репродукциски број Rt. Сега сме на почетокот на новиот, четврт бран, но поуките не се извлечени, па за половина година веројатно истото ќе го констатираме од летните извештаи на ДЗС.

Инаку, независно од извештаите на Заводот, уште во текот на ноември видовме од споредбениот дијаграм на вистинскиот број на активни случаи и бројот на хоспитализирани (на дијаграмот на четвртата слика) дека кусокот на хоспитализации изнесуваше околу 800, дури сметајќи со лабораториски дијагностицираните случаи. Но, “необјаснетата“ одвишна смртност, којашто дури сега излегува на виделина, покажува дека тој број бил многу поголем. Тоа се лицата кои никогаш не успеале ниту да се тестираат, а камоли болнички да се лекуваат.

Ако ги додадеме новопронајдените 2700 смртни случаи (700 од ноември и 2000 од декември), доаѓаме до досегашниот црн биланс од околу 5800 смртни случаи од ковид-19, односно за околу 87% повеќе од официјалниот број од 3100 умрени од ковид-19.

Но, како што рековме, пред нас е четвртиот бран, кој оваа привремена бројка најверојатно ќе ја зголеми најмалку на 8 000, сметајќи и со идните непријавени смртни случаи.

Тоа ќе биде цената на оваа несериозна авантура на толерирање соживот со вирусот и правење компромиси меѓу јавното здравје и економијата.

Клучни зборови: