Во денешниот времеплов одбележуваме 125 години од раѓањето на Ида Таке Нодак, жената која ја предвиде нуклеарната фисија, а го славиме и роденденот на нуклеарниот физичар Лев Арцимович, таткото на Токамак реакторот. Покрај ова оддаваме почит на делото на рускиот научник Сергеј Виноградски, а се сеќаваме и на денот кога iTunes Store го пречекори прагот од 10 милијарди продадени песни...
25.2.1896 – Родена е Ида Таке Нодак
Ида Таке Нодак (Ida Tacke Noddack) е германска физичарка и хемичарка позната по тоа што прва ја вовела идејата за нуклеарна фисија. Ида Нодак е една од првите жени во Германија која студирала хемија и е дел од првата генерација на студентки во Германија. По дипломирањето работела во хемиската лабораторија на берлинската фабрика за турбини на АЕГ.
Нодак го критикувала хемискиот доказ на Енрико Ферми за неговите експерименти во коишто постулирал дека со бомбардирање на неутроните добил трансураниумски елементи. Во нејзиниот труд “За елементот 93”, Нодак ќе укаже дека на голем број можности но ќе се фокусира на неуспехот на Ферми хемиски да ги елиминира сите елементи полесни од уранот во неговите опити, наместо да се ограничи на оловото. Овој труд се смета за мошне значаен бидејќи во него ќе предложи дека “е сосема веројатно дека јадрото може да се распадне на неколку поголеми делови, кои секако ќе бидат изотопи на познати елементи но нема да бидат соседи на озрачениот елемент”. Со ова таа ќе ја предвиди можноста за она што подоцна ќе биде наречено нуклеарна фисија. Но, нејзината торија немала експериментален доказ ниту соодветна теоретска основа, па овој труд ќе биде игнориран и исмејуван и покрај точноста на искажаното. Во 1932 година Германија ќе донесе закон што ќе им забрани на мажените жени да заработуваат и ќе ги примора да останат во домот. Нодак ќе го избегне ова со тоа што ќе добие статус на “неплатен соработник”, но истовремено на нејзината работа ќе биде гледано со потценување од страна на колегите мажи.
Идејата за нуклеарна фисија на Нодак подоцна ќе биде сепак докажана. Во 1938 година спроведувајќи експерименти слични на оние на Ферми, Ирен Жолио-Кири, Фредерик Жолио-Кири и Павле Савиќ ќе наидат на она што ќе го наречат “интерпетациски потешкотии” кога претпоставените трансурански елементи ќе покажат својства на лантаноиди наместо на некој од соседните елементи. Во декември истата година Ото Хан и Фриц Штрасман ќе понудат хемиски доказ дека претходно претпоставените трансурански елементи се всушност изотопи на бариумот. Хан ќе и пише на својата колешка во егзил Лизе Митнер за резултатите од неговите експерименти. Митнер заедно со Ото Фриш ќе обезбедат теоретска поддршка и математички доказ за она што ќе биде наречено нуклеарна фисија. Фриш и експериментално ќе ја верификува а фисијата со помош на облачна комора, потврдувајќи го ослободувањето на енергија. На овој начин, конечно, оригиналната хипотеза на Нодак ќе стане општоприфатена.
Ида Нодак, заедно со нејзиниот сопруг Валтер, го откри и хемискиот елемент рениум. Рениумот е претпоследниот откриен елемент којшто се наоѓа природно во стабилна форма. Елементот бил изолиран од руда платина и од минералот колумбит.
Била трипати номинирана за Нобеловата награда за хемија. (Н. С.)
25.2.1909 – Роден е Лев Андреевич Арцимович
Лев Арцимович е руски физичар познат како татко на Токамак реакторот за проучување на контролираниот процес на фузија.
Арцимович работел на полето на нуклеарната физика и плазмата. Од 1930 до 1944 година работел на Физичко-техничкиот институт Иоффе во Санкт Петерсбург, а во 1944 година бил вклучен во советскиот проект за создавање на атомска бомба. Од 1951 па сè до неговата смрт во 1973 година Арцимович ќе биде на челото од Советската програма за фузиона енергија.
Под негово водство за првпат во лабораториски услови била постигната термонуклеарна фузиска реакција. Неговото откритие, Токамак реакторот со помош на магнетно поле ја држи затворена плазмата во мал кружен простор, во форма на ѓеврек, додека таа се загрева до моментот кога започнува процесот на нуклеарна фузија.
Во 1966 година Лев Арцимович ќе стане почесен член на Американската академија на науки и уметности. Еден од кратерите на Месечината го носи неговото име. (Н. С.)
25.2.1953 – почина Сергеј Виноградски
На денешен ден почина познатиот руски научник од областа на микробиологијата, екологист и експерт за почва Сергеј Виноградски. Во научниот свет е познат по тоа што го открил /покренал концептот на циклус на животот. Дипломирал во 1881 година и престојувал во Санкт Петербург за степен на магистер по ботаника (во 1884 година), а од следната година започнал да работи на Универзитетот во Стразбур. Станал познат по својата работа со сулфурни бактерии. Во 1888 се сели во Цирих, каде што почнал да се занимава со проучување на процесот на нитрификација и идентификување на родовите (на бактериите) нитрозомонас и нитозококус, кои го оксидираат амониум катјонот во нитрит. Роден е 1856 година во Киев (Украина), тогаш во составот на Руската Империја. (Т. С.)
25.2.2010 – продадена десет милијардитата песна преку iTunes Store
На овој ден во 2010 година Apple објави дека ја продал својата десет милијардита песна преку iTunes Store. Десет милијардитата песна "Guess Things Happen That Way" од Џони Кеш, ја купил Луи Сулцер од Вудсток, на кому Епл му додели картичка за подароци од 10 000 долари. Музичката продавница продаде околу 25 милиони нумери во 2003 година. Три години подоцна, таа бројка надмина 1 милијарда. iTunes е број еден продавач на музика во светот и има најголем светски музички каталог со над 12 милиони песни. Денес, онлајн продавницата може да се пофали со 50 милиони песни и повеќе од 100 000 филмови со висока резолуција и 55 000 ТВ-емисии. (И. З.)