Некако се навикнавме на бавнорастечките дневни бројки и се надевавме дека опаѓачката стапка на позитивни тестови сепак нема да дозволи посериозен раст. Но, од денеска имаме нов проблем на списокот на проблеми – седумдневната стапка на позитивни тестови (црвената линија на вториот дијаграм) ја проби горната линија на надолниот коридор, означен со парот зелени линии на истиот дијаграм. Дневната стапка на позитивни тестови (18,09%) исто така се искачи на нивоа невидени уште од 20 јануари. Тоа, во комбинација со растечкиот ефективен репродукциски број (чиј последен седумдневен просек моментално изнесува Rt = 1,26 ± 0,43, највисок од 2.11.2020) ни покажува дека британскиот тип на вирусот B.1.1.7 (којзнае, можеби и јужноафриканскиот B.1.35) е веќе во силна експанзија.
Со надминувањето на дневната бројка на нови случаи над критичната вредност од 450, повторно ни се враќа на маса стариот проблем со недоволниот капацитет за идентификација, следење и изолирање на контактите на заразените. Да се потсетиме, 35-те епидемиолози во целата држава, од кои секој може епидемиолошки да обработи најмногу 13 случаи дневно, го определуваат споменатиот лимит од 450. Сега повторно сме на прагот на распаѓање на тој систем на следење (односно ситуацијата ќе биде сè помалку под контрола), што ќе предизвика уште понеконтролирано ширење на епидемијата.
Но, дали само британскиот тип на вирусот предизвикува нов бран или пак брановите на епидемијата нормално се повторуваат со определена временска периода? Многумина ќе се сетат кога пред околу еден месец го разгледавме фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупнен број на случаи, на третиот дијаграм), нацртан во двојни логаритамски координати. Тогаш рековме дека ќе следиме дали графиконот ќе ја пробие долната црвена линија на трендот (што би значело дефинитивно гаснење на епидемијата) или пак ќе се одбие од истата линија и ќе започне нов нагорен циклус. За жал, се остварува второто сценарио, како што се гледа на третиот дијаграм. Изгледа како да е нормално вирусот во одредени временски интервали да мутира (каде било во светот) и да предизвикува сè поопасни нови бранови – сè до постигнувањето на колективен имунитет од прележување или вакцинален колективен имунитет (што ќе дојде побргу).
Конечно, сè побрзиот раст на бројот на хоспитализираните (сината линија на четвртиот дијаграм) ни служи како конечна потврда на новиот бран. Од 560 на 690 хоспитализирани дојдовме за помалку од три недели. Да се водело повеќе сметка и со остри рестриктивни мерки максимално да се потиснела епидемијата, додека ќе беше во надолна фаза во текот на декември и јануари, болниците ќе беа испразнети, па наместо од 560 на 690, ќе бележевме зголемување, да речеме, од 200 на 330 и ќе бевме многу далеку од болничките лимити ‒ како просторни, така и кадровски. Во меѓувреме се работело само на проширувањето на просторните капацитети, но кадровските ‒ се подразбира без некакво поголемо докажување ‒ не можеле да се подобрат ни малку.
Никако да го земеме примерот од државите од азиско-пацифичкиот регион, најдобрите ученици, кои одбија да живеат во коегзистенција со вирусот и со најостри мерки успеваат цело време да ги држат бројките на ниво на спорадично заразување. Бројките на починати, пак, им се на ниво на статистичка грешка ‒ едноцифрени или ниски двоцифрени на милион жители, наспроти нашите 1 500 на милион.
И така, ден по ден изгубивме преку 3 000 луѓе без испукан куршум, главно поради глупост и неспособност. Тоа се 30 чети луѓе, односно 10 баталјони, 5 полка или една цела бригада жива сила! Ама лошите ученици не би биле лоши кога не би правеле такви грешки.