Според ефективниот репродукциски број Rt, речиси цел месец сме во мало, но јасно забрзување. Вчера министерот Венко Филипче појасни дека британскиот вид на вирусот B.1.1.7 се изедначил со домашните видови, НО засега само во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Тоа ја менува прогнозата, така што сепак не се движиме по најбрзото и најлошото сценарио, туку по едно средно сценарио за раст на Rt до некое максимално просечно ниво од околу 1,3 штом новиот вирус се рашири на целата територија на државата.
Со таква прогноза за Rt (којшто во себе веќе ја содржи факторизирана и прележаноста), новиот пик нема да ја достигне висината на октомврискиот пик, односно би требало да биде понизок и поразлеан на дијаграмот на 14-дневната кумулативна инциденца (прикажан на вториот дијаграм).
Веќе еден месец, 14-дневната инциденца се зголемува, што е резултат на забрзувањето, односно во просек имаме поголеми дневни бројки отколку пред 14 дена. Големата прележаност (но и локализираноста на новиот вирус само во три града) го намалува ефективниот репродукциски број и затоа зголемувањето засега не изгледа многу големо. Но, дека сме далеку од потребниот колективен имунитет најдобра потврда е Кавадарци, којшто со кумулативна инциденца од 7,2 % (толкав дел од населението бил досега лабораториски дијагностициран позитивен на ковид-19), па сепак таму бележиме најголем раст на дневните бројки, најголема 14-дневна инциденца и најголем број на активни случаи на 100 000 жители (преваленција). Неколку града исто така „се разбудија“, па бројките и таму започнаа да растат (додека нашите здравствени власти сè уште ја следат ситуацијата).
Иако имунитетот од прележување (стручно наречен серопреваленција на антитела) не е доволен за колективен имунитет, рековме дека сепак помага и го ограничува растот на бројот на нови случаи. Ако ја погледнеме линијата на дневниот број на тестирани (жолтата линија на третиот дијаграм), којшто е одраз на експонираноста на населението на вирусите, моментално имаме експонирања речиси како во октомврискиот пик, но тоа не е следено со пропорционален број на новодијагностицирани (сега имаме околу 300 дневно, наспроти тогашните 1 000). На што можеме да се надеваме во наредниот период? Поради големата преносливост на новиот вирус, веројатно ќе го достигнеме лимитот на капацитетите за тестирање и нема да видиме голем пораст кај дневните бројки. Затоа погледот ќе го насочиме на бројот на хоспитализираните, а по две недели и на умрените.
Инаку, просечната стапка на позитивни тестови (црвената линија на третиот дијаграм) сè уште полека се спушта, со нормални осцилации поради неделниот циклус на тестирањата. Многу е важно дали ќе го пробие нагоре тој надолен тренд или сè ќе остане како што е.
На полето на морталитетот, а особено леталитетот, работите не се менуваат на подобро. По завчерашниот лажен сигнал за намалување на неделната стапка на леталитет, таа повторно се врати на покачените вредности над 3 % (сината линија на четвртиот дијаграм). Тоа поткачување хронолошки дури се поклопува со одобрувањето на лекот ивермектин во лекувањето на болните од ковид. Бидејќи тој лек се дава само како дополнување на редовната терапија, јасно е дека не можел да предизвика влошување, но ете не се забележува ни подобрување на стапката на леталитет. Тоа може да значи една од овие две работи: или ивермектинот не го препишуваат во болниците (и покрај тоа што е веќе ставен во протоколите за лекување!) или од него нема значајна корист, ако веќе се дава.
Во посебен напис ќе се осврнам на моите статистички анализи за ивермектинот врз основа на анкетата на https://quant.data.blog/, но засега кратко ќе кажам дека нема статистички значајна разлика во намалувањето на леталитетот (ниту пак во зголемувањето), но таа неопределеност најмногу се должи на сè уште недоволно големиот статистички примерок. Затоа уште еднаш би сакал да апелирам за помош преку помасовно учество во анкетата и известување за излечени и починати, со или без ивермектин.