Рубрика: Аеронаутика
Пипистрел Велис Електро ја освојува Европа
Автор: Перица Поповски
Објавено на 17.02.2021 - 14:30

Oд претставникот на Пипистрел за Италија проструи информација дека оваа година Франција ќе набави 50 авиони Пипистрел Велис Електро. Авионите би биле наменети за проширување на развојот за основната пилотска обука во аероклубовите ширум Франција.

Грин Аеролиз (Green Aerolease), подружница на групата W3 основана од Шарл Кабилик (Charles Cabillic), го објави првото партнерство со словенечкиот Pipistrel Aircraft, светски лидер во електричното воздухопловство. Договорот ќе започне со нарачка на 50 двоседи од EASA сертифицираниот авион Пипистрел Велис Електро, дизајниран за обука на пилоти кои сакаат да се стекнат со ППЛ лиценца за летање.

Со ова Грин Аеролиз и Пипистрел ја зајакнуваат својата соработка и посветеност кон одржливиот сектор и регионална мобилност, овозможувајќи распоредување на електрични авиони со ниска бучава и нула емисија на штетни гасови на регионалните аеродроми и урбани населби, каде нивото на бучава не дозволува авиони со клипни мотори. Во партнерство со Француската аеронаутичка федерација, првите 50 авиони ќе бидат понудени за изнајмување на пилотски  училишта и клубови за обука на следната генерација на пилоти. Всушност, 84% од клубовите сметаат дека електрична авијација е решение за ограничување на штетното влијание на авијацијата врз животната средина, а околу 70% од нив се подготвени да се опремат со овој нов авион. Во Европа има околу 100 мали аеродроми кои имаат сериозни проблеми со ограничувања на летот, и каде обуката не е дозволена поради бучава. Со “глас” од само 60 ДБ Велис Електро потполно ги исполнува условите да биде присутен на тие аеродроми.

По “освојувањето” на Франција оваа година, Пипистрел планира постепено да го освои европскиот пазар. Имено, во следните 3 години, 200 електро авиони од Пипистрел ќе бидат распоредени во Франција, а голем интерес за Велис Електро веќе покажале во Германија и во Италија. Секако, надежите се дека трендот на проширување ќе ги зафати и другите европски земји.

Финес Макс  (Finese Max), дистрибутер на Пипистрел во Франција, ќе работи во партнерство со Грин Аеролиз за управување со мрежата за поддршка, услуги и одржување по продажбата, со цел  да ја одржат максималната достапност за возниот парк Велис. Грин Аеролиз се фокусира на поддршка и вложувања во декарбонизација на авијацијата и лесната авијација, овозможувајќи забрзување на револуционерните иновации.

Компанијата Пипистрел Авион, формирана во 1989 година, е меѓу светските лидери во дизајнот и во производството на економични авиони со ниско влијание врз животната средина. Воедно Пипистрел е првиот и засега единствен европски производител на електро авиони што добил ЕАСА сертификација за неговиот “Пипистрел Велис Електро”. Како што веќе пишувавме лани, авионот ги има сите квалитети на идеален авион за почетничка обука на пилоти. Со него Пипистрел покажа дека електричен авион не само што е можен, туку е и комерцијално одржлив.

Клучни зборови:
Пипистрел Велис Електро во фаза на лет

Пипистрел Велис Електро во фаза на лет

Кокпитот на Пипистрел Велис Електро

Кокпитот на Пипистрел Велис Електро

Пипистрел Велис Електро пред полетување

Пипистрел Велис Електро пред полетување

Пипистрел Велис Електро во лет

Пипистрел Велис Електро во лет