За првпат производ на Пипистрел видов многу одамна, на еден приказ за летање во Битола. Искуството се повтори и следната година. Бев воодушевен од изработката, употребените материјали и, секако, целосниот изглед. Потоа следуваше средба со Пипистрел Вирус кој имаше прелет Скопје – Битола – Скопје. Општ мој впечаток беше и е дека се работи за вонсериски воздухоплов, како и што се докажа.
Пипистрел Велис Електро е словенечки лесен авион, дизајниран и произведен од Пипистрел од Ајдовчина. Авионот како тип беше верифициран во jуни 2020 година, a наменет e првенствено за основна обука на пилоти. Се работи за целосно електричен авион и се испорачува комплетен и подготвен за летање. Велис eлектро е и првиот авион во светот со потполно електричен погон кој доби сертификат за тип. Ако во минатиот период Пипистрел имаше непријатности поради откажување на мотор и, буквално, паѓање во езеро, по што следеше пропадната продажба на авиони, оваа година доживува препород, постигнувајќи низа извонредни резултати – поставува рекорди во висина и во домет, на што се надоврзува финансискиот успех и, секако, признанието за извонреден квалитет на воздухопловите, во секој поглед.
Како што пренесе порталот Aviationweek, Американската команда за специјални операции (SOKOM – U.S. Special Operation Comand), во соопшението дадено на прес-конференција за медиумите на 21 мај откри дека ги користи специјалните Пипистрелови платформи при долготрајните набљудувачки мисии. Секако, производителот на својот интернет-сајт ја потврди таа вест, откривајќи дека се работи за воздухопловот Surveyor. Една недела подоцна, на 28 мај, Aviationweek ја пренесе информацијата дека SOCOM набавил Пипистрелови беспилотни системи, како дел од програмата, во вкупна вредност од 63 милиони долари. Како што се наведува, се работи за специјално подготвени воздухоплови наменети за собирање видеозаписи, опремени со камери и други разузнавачки уреди, коишто оперираат на висина од 9000 метри и се со времетраење на лет од околу 30 часа. Моделите имаат големи крила коишто овозможуваат безмоторно летање и речиси едрење.
По повод продажбата на авиони за Американската команда за специјални операции, основачот и генерален директор на Пипистрел, Иво Бошкарол даде изјава за словенечката агенција СТА. Во таа пригода тој изјави: “Американската армија и воената воздухопловна индустрија се најголемиот извозник на воздухоплови, но заради ваквите специјални воздухоплови дојдоа во малата Словенија или во уште помалата Ајдовчина, бидејќи не можат сами да направат толку добри летала по таква цена.”
И ова е веројатно вистината, бидејќи САД отекогаш го избирале најдоброто и по квалитет и по цена, независно од каде тоа доаѓа. Своевремено кружеше една анегдота дека САД сакала да набави околу 3000 авиони од типот Утва-75, изработени по максимално високи стандарди. Но, од фабриката Утва едноставно морале да ја откажат нарачката, бидејќи ниту имале таков капацитет, а верувам и квалитет за да ги задоволат американските стандарди.
Технички податоци
Најнапред да напоменам дека Пипистрел електро има повеќе верзии, а презентираните податоци се однесуваат за стандардната.
Авионот се темели на моделот Пипистрел Вирус. Има големи крила, конфигурација на две места, затворена кабина со влез од врати на двете страни. Фиксната опрема за слетување е трицикл. Изработен е претежно од композитни материјали, со распон на крилата од 10,71 m и вкупна површина на крилата од 9,5 m2.
За погон е избран електромоторот со течно ладење Пипистрел Е-811, со максимална моќност од 57,6 KW (77КС) и 2500 вртежи во минута за 90 секунди при полетување и просечна моќност 49,2 KW (66 КС) при 2350 вртежи во минута за континуирано работење. Моторот е развиен во соработка со словенечките инженерски компании Емрас и Емсозо, а се напојува со две литиумски батерии од моделот Пипистрел PB345V124-L (345V DC /11.0 KW/h) со течно ладење, поврзани паралелно.
Пипистрел електро се оперира со 1 член на екипажот (пилот) којшто може да има придружба од 1 патник, со што се исполнува двоседиот капацитет. Во беспилотната верзија на леталото оваа маса може да се замени со соодветна опрема до истата просечна тежина. Максималната брзина и брзината на крстарење на леталото се исти – 181 km/h.
По периодот за сертификација, којшто траеше нешто помалку од 3 години, дизајнот го доби својот сертификат за тип од Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) на 18 мај 2020 година. Кратката временска рамка за првото овластување за авион со електричен погон ЕАСА ја припишува на блиската соработка меѓу производителот и агенцијата.
Е-811 е првиот авион со елетричен мотор сертифициран од ЕАСА.