Едно истражување што ги користи сателитските податоци го вклучи алармот – нашата планета го губи мразот со брзина предвидена во најлошото сценарио
Во текот на изминатите 30 години, Земјата го губи мразот со многу побрза стапка отколку во минатото. Годишната загуба во 2017 година изнесувала 1,3 милијарди милијарди тони наспроти загубата од 0,8 милијарди милијарди тони забележана на почетокот на 90-тите години од минатиот век. За да можете да си ја претставите големината на милијарда милијарди тони, замислете си коцка мраз со страна од 10 километри! А сега помножете ја оваа коцка со споменатите бројки.
Истражувањето го спровеле група научници од Универзитетот во Лидс, Велика Британија, користејќи податоци добиени од сателитите на ЕСА, ЕРС, Енвисат и Криосат, како и од мисиите Коперникус – Сентинел-1 и Сентинел-2, а беше објавено во The Cryosphere. Во него се укажува дека во изминативе 23 години имало зголемување на стапката на загуба на мраз за 65%. Тоа главно се должи на наглото зголемување на загубите во ледените прекривки на Антарктикот и на Гренланд. Топењето на мразот од ледените плочи и од глечерите го зголемува нивото на светските мориња и океани, а со тоа го зголемува и ризикот од поплави во крајбрежните појаси, нешто што носи сериозни последици за општеството, економијата и за животната средина.
Водечкиот автор на студијата, Томас Слејтер, истражувач во Центарот за поларно набљудување и моделирање во Лидс, укажува дека „во овој момент ледените плочи се однесуваат според најлошите сценарија утврдени од Меѓувладиниот панел за климатски промени. Покачувањето на нивото на морето, ако сè продолжи со исто темпо, ќе има многу сериозни влијанија врз крајбрежните заедници веќе во овој век“.
Студијата е прва од овој вид што го испитува севкупниот мраз што исчезнува на Земјата со помош на сателитски набљудувања и опфаќа 215 000 планински ледници од сите краишта на планетата, поларните ледени прекривки на Гренланд и на Антарктикот, но и сантите мраз и големите ледени површини што слободно пливаат во водите околу Антарктикот, Арктикот и во Јужниот Океан.
Вклучувањето на оваа количина податоци и добивањето на ваква сеопфатна анализа не би било возможно без сателитите во орбитата, со кои редовно се следи состојбата со мразот во секоја точка на Земјата. Зголемувањето на загубата на мразот е предизвикано од затоплувањето на атмосферата и на океаните, за кои се вели дека се загреани за 0,26 °C, односно 0,12°C, споредено со температурата во ’80-тите години на минатиот век. Само за време на истражувањето се случила загуба од 7,6 милијарди милијарди тони морски мраз на Арктикот и загуба од 6,5 милијарди милијарди тони ‘слободен’ мраз од околината на Антарктикот.
Според научниците, една од клучните улоги на арктичкиот морски мраз е да го рефлектира сончевото зрачење назад во вселената, што помага во одржување на студот во областите што тој ги прекрива. Колку е помала количината на морскиот мраз, толку повеќе се зголемува апсорпцијата на сончевата енергија во океаните и во атмосферата.
Половина од загубите на мраз се случиле на копното – изгубени се 6,1 милијарди милијарди тони мраз од глечерите на планините, 3,8 милијарди милијарди тони мраз на Гренланд и 2,5 милијарди тони милијарди милијарди тони од ледената покривка на Антарктикот. Пресметано е дека овие загуби го подигнале глобалното ниво на морињата и океаните за околу 35 милиметри. Се проценува дека за секој сантиметар покачување во нивото на светските мориња и океани, околу еден милион луѓе кои живеат во низински региони се под ризик да бидат раселени.