Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 11.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 11.02.2021 - 16:00

Во овој времеплов ги славиме родендените на американскиот пронаоѓач и бизнисмен, Томас Алва Едисон, и на унгарскиот физичар Лео Силард. Го одбележуваме денот кога јапонците за првпат испратија сателит во космосот, а и денот кога во вселената се изврши и втората надградба на телескопот Хабл. Покрај ова одбележуваме и 45 години од смртта на авиоинженерот и конструктор на воздухоплови, германецот Александер Липиш ...

 

11.2.1847 – Роден е Томас Алва Едисон

Како што го опишуваат, Томас Алва Едисон (Thomas Alva Edison) бил еден од најголемите американски пронаоѓачи, со заведени 1093 патенти, и успешен бизнисмен. Пронашол многу уреди во областа на генерирање на електричната енергија, масовните комуникации, снимањето на звукот и филмот. Неговите пронајдоци како фонографот, филмската камера, долготрајната практична електрична сијалица, имаат широка примена во модерниот индустријализиран свет.

Едисон е еден од првите пронаоѓачи кој применил организирана научна и тимска работа во процесот на пронаоѓањето. Работел со многу пронаоѓачи и вработени. Ја основал првата индустриска истражувачка лабораторија (Менло Парк) која се занимавала со создавање знаење и потоа негова примена.

Роден е во Милан, Охајо, но пораснал во Порт Хјурон во државата Мичиген, откако семејството се преселило таму во 1854 година. Тој присуствувал на училиште само неколку месеци. Неговата мајка, која порано била учителка, го научила на читање, пишување и аритметика.

Еден биограф го опишал како мошне љубопитно дете, кое научило многу работи читајќи самостојно. Уште како дете, тој се воодушевувал од технологијата и поминувал часови работејќи на експерименти дома. Едисон развил проблеми со слухот на 12-годишна возраст. Подоцна станал целосно глув на едното уво и едвај слушал на другото. Својата кариера ја започнал продавајќи слатки, весници и зеленчук во возовите што сообраќале од Порт Хјурон до Детроит. До 13-годишна возраст остварувал профит од 50 долари неделно, од кои повеќето биле наменети за купување опрема за електрични и за хемиски експерименти.

Едисон се обучил за телеграфски оператор и почнал да работи во Стратфорд, во Онтарио, на железничката пруга Гранд Транк. Во 1866 година, на 19-годишна возраст, се преселил во Луисвил, Кентаки, каде што работел во Вестерн Јунион. По кратко време заминал за Њујорк каде ја започнал долгата низа претприемачки активности, откривајќи ги своите таленти како бизнисмен. На крајот, неговото претприемништво било од клучно значење за формирање на околу 14 компании, вклучувајќи го и Џенерал електрик, која сè уште е една од најголемите јавно тргувани компании во светот.

Едисон починал од компликации со дијабетесот на 18 октомври 1931 година, во неговиот дом Гленмонт, во Левелин Парк, Вест Оринџ, Њу Џерси. (Д.М.)

 

11.02.1970 – Лансиран првиот јапонски сателит   

Во 1970 година во Јапонија е лансиран сателитот “Осуми 5“. Првите 4 обиди во претходните четири години за лансирање на сателит беа неуспешни. Лансирањето е изведено со помош на ракетотоата “Ламбада 4С“ од страна на Институтот за вселенски и аеронаутички науки при Токискиот универзитет. Со лансирањето на овој 24-килограми тежок сателит, Јапонија во тој момент стана 4-тата држава во светот којашто лансирала свој сателит. Пред неа сателити лансираа тогашниот СССР –“Спутник“, 4 октомври 1957; потоа САД – “Експлорер 1“, 31 јануари 1958; и Франција – “Астерикс 1“, 26 ноември1965. По Јапонија, неколку месеци подоцна и Кина го лансираше својот прв сателит, “ДФХ-1“, 24 април 1970, а шеста беше Велика Британија со сателитот “Просперо“, лансиран на 28 октомври 1972 година. (Г. П.)

 

11.2.1898 – Роден е Лео Силард

Лео Силард (Leó Szilárd) e унгарско-американски физичар, познат по тоа што ја вовел идејата за нуклеарна верижна реакција.

За време на неговите студии во Берлин професори му биле Алберт Ајштајн, Макс Планк и Макс фон Лауе, а неговите постдипломски студии успешно ги крунисал со докторат од областа на термодинамиката. Во 1927 година и самиот ќе стане професор на Универзитетот во Берлин. Веќе следната година ќе го предаде патентот за линеарен акцелератор на честици, а година дена подоцна и патентот за циклотрон.  

Тој открил дека ако при некој процес се испуштаат повеќе неутрони отколку што биле потребни за негово иницирање тогаш постои можност за настанок на нуклеарна верижна реакција. Верижните реакции веќе биле познати од хемијата, каде најчесто предизвикуваат неконтролирано ослободување на енергија, односно експлозија. Меѓутоа, Силард во физиката предвидува такви реакции кај лесните атоми. Во експериментите работени по откривањето на нуклеарната фисија на ураниумот, Силард открил дека при процесот на фисија се ослободуваат повеќе неутрони отколку што биле употребени при нејзиниот зачеток и во овој процес ја препознал предвидената нуклеарна верижна реакција. Плашејќи се од употребата на ова откритие за изработката на нуклеарно оружје од страна на нацистичка Германија, тој го крие ова големо откритие. Но, во 1934 година, група научници предводени од Ирен Жолио-Кири и Фредерик Жолио-Кири објавиле дека бомбардирањето со алфа честички предизвикува вештачка радиоактивност кај стабилните елементи. Истата година, своето откритие го објавува и Енрико Ферми.

Во 1938 година Лео Силард се сели во Америка, каде ја продолжува својата работа во Њујорк. Нешто подоцна ќе му се придружи и Енрико Ферми, со кого ќе соработуваат во изработка на првиот нуклеарен реактор во рамките на проектот Менхетн. Всушност, токму Силард и Алберт Ајнштајн во 1939 година во писмото упатено до Френклин Рузвелт, ќе се заложат за програма за развој на нуклеарно оружје во страв дека нацистичка Германија веќе работи на ова поле.

Но и покрај неговото иницирање и активно учество во проектот кој ја даде првата атомска бомба, Силард  бил пацифист. Тој започнал петиција во која се залагал за демонстрација на уништувачката моќ на атомската бомба, наместо нејзина примена врз цели со огромна популација на цивилно население.

По војната Силард ја напуштил физиката и се нафатил со проучувања од областа на биологијата, Тој е еден од основачите на Институтот Салк за студии од областа на биологијата. (Н. С.)

 

11.2.1976 – Почина познатиот инженер Александер Липиш

Познатиот авио-инженер и конструктор на воздухоплови, Германецот Александер Липиш (Alexander Martin Lippisch) роден е во 1894 година во Минхен (Баварија), а умира на денешен ден во 1976 година. Бил пионер на аеродинамиката кој дал важен придонес во разбирањето на воздухопловите без опашка, делта крилата итн. По Втората светска војна се преселил и работел во САД. Негово најпознато дело е воениот авион Месершмит (Messeschmitt Me 163). По Првата светска војна соработува со компанијата Цепелин и оттогаш датира неговото интересирање за техниката и за воздухопловите без опашка. Првите негови инженерски остварувања биле проектите на едрилици (Espenlaud E-2). (Т. С.)

 

11.02.1997 – Втора надградба на Хабл

Во 1997 година, членови на екипажот на спејс шатлот “Дискавери“, во мисијата именувана како STS-82, ја изведоа втората планирана надградба на вселенскиот телескоп “Хабл“ кој беше лансиран на 24 април 1980 година. Со дотогаш рекордни пет поправки изведени во вселената, при што беа користени 150 алатки и делови, астронаутите успеаја целосно да заменат два инструмента и да поправат дел од постојните, со што уште повеќе се зголеми употребливата вредност на и дотогаш мошне користениот вселенски телескоп.   (Г. П.)

Клучни зборови:
Томас Алва Едисон

Томас Алва Едисон

Првиот јапонски сателит Осуми 5

Првиот јапонски сателит Осуми 5

Првиот јапонски сателит Осуми 5

Првиот јапонски сателит Осуми 5

Унгарско-американскиот физичар  Лео Силард

Унгарско-американскиот физичар  Лео Силард 

Професорот Лео Силард

Професорот Лео Силард 

Лео Силард и Алберт Ајнштајн во писмо до Рузвелт ќе се заложат развој на нуклеарно оружје од страна на САД

Лео Силард и Алберт Ајнштајн во писмо до Рузвелт ќе се заложат развој на нуклеарно оружје од страна на САД

Александер Липиш

Александер Липиш

Втората надградба на телескопот Хабл

Втората надградба на телескопот Хабл

Втората надградба на телескопот Хабл

Втората надградба на телескопот Хабл