Во овој времеплов го одбележуваме денот кога пред точно 25 години човекот, претставуван од велемајсторот Гари Каспаров, за првпат изгуби една шаховска партија од компјутер. Покрај ова го славиме роденденот на шведскиот хемичар и минеролог Теодор Клаве, и им оддаваме почест на математичарката Софија Ковалевскаја и на германскиот физичар Вилхелм Рентген. Се сеќаваме и на првиот судир на два вештачки сателита во орбитата на Земјата...
10.2.1996 – Каспаров загуби од компјутерот Deep Blue
Пред точно 25 години светскиот шампион и шаховски велемајстор Гари Каспаров, ја за започна првата партија од мечот против Deep Blue, компјутерскиот систем на IBM создаден со една единствена цел – да игра шах.
Длабокото синило (Deep Blue) беше наследник на шаховските компјутери Чиптест (Chiptest) и Длабока Мисла (Deep Thought) кои ја имаа истата цел – да се победи човекот во партија шах. И Длабокото синило успеа каде неговите претходници потфрлија. Во првата од вкупно 6 партии, тој успеа да го победи рускиот велемајстор Каспаров. Тоа ќе биде првата победа на компјутер над некој светски шаховски шампион. Куриозитет е што Каспаров ја предаде партијата во реми-позиција, како што покажаа подоцнежните анализи. Но, и покрај овој првичен пораз, Каспаров од целиот меч ќе излезе како победник, со краен резултат од 4 добиени партии, наспроти 2 добиени од страна на компјутерот.
Длабокото синило ќе ‘почека’ една година за во реванш мечот да го порази велемајсторот Гари Каспаров.
Длабокото синило имаше можност да предвиди до 6 можни потези и нивни исходи на противникот. Во една прилика Гари Каспаров ќе каже дека во нормални услови тој предвидувал три до пет можни потези и нивни исходи кога играл со човек и дека немал потреба од вршење на подалекусежни пресметки. (Н. С.)
10.2.1840 – Роден е Пер Теодор Клеве
Пер Теодор Клеве (Per Teodor Cleve) е шведски хемичар и минеролог. Познат е по откритието на хемиските елементи холмиум (Ho) и тулиум (Tm). Елементите ги открил додека истражувал примерок на ербиум оксид. Кога Клеве успеал да го отстрани сиот ербиум од соединението, во садот му останале две супстанци – една со кафеникава и друга со зеленкаста боја. Кафенестата супстанца ја нарекол холмиум, по неговиот роден град Стокхолм, додека зеленикавата ја нарекол тулиум, според Туле, старогрчкиот назив за Скандинавија.
Клаве е заслужен и за откритието дека дидимиумот е соединение, а не засебен хемиски елемент, како што дотогаш се сметало. Всушност, дидимиумот во својот состав крие два одделни хемиски елемента – неодимиум и празеодимиум. (Н. С.)
10.2.1891 – Почина Софија Ковалевскаја
Најпознатата жена научник пред дваесеттиот век, познатата математичарка Софија Ковалевскаја (Софья Васильевна Ковалевская) е родена е во Москва во 1850 година. Дала значаен придонес во математичката анализа, парцијалните диференцијални равенки и во механиката. Важела за жена-еталон и инспирација во математиката во светот. Исто така, била првата жена која стекнала докторат, но во денешната, модерна смисла на тој збор и прва жена именувана за редовен професор во северна Европа и една од првите жени која работела како уредник во научно списание. А сето тоа да се постигне во тоа време на строго традиционални родови односи и класичната сомничавост од општеството во жената како индивидуа која може да е успешна и на тие полиња е навистина, така да се каже, херојско дело.
Почина на денешен ден, во 1891 година, во Стокхолм, Шведска. (Т. С.)
10.2.2009 – Првиот судир на два вештачки сателита во орбитата
Првиот судар помеѓу два вештачки сателита се случи кога сателитот тежок 560 килограми, Иридиум 33, на компанијата Иридиум Комуникејшнс, ‘налета’ на рускиот воен сателит Космос 2251, тежок ‘само’ 2251 килограм. Релативната брзина помеѓу двата сателити изнесуваше 11,7 километри во секунда.
Судирот генерираше преку 2000 парчиња со пречник од најмалку 10 сантиметри и илјадници други помали парченца кои останаа неконтролирано да орбитираат околу Земјата.
До 2016 година во атмосферата навлегле и согореле околу една четвртина од парчињата. Повеќе големи парчиња создадени при судирот остануваат во орбита и претставуваат потенцијален ризик за оштетување на другите сателити во земјината орбита при евентуален судир. (Н.С.)
10.2.1923 – Почина Вилхелм Рентген
Вилхелм Конрад Рентген (Wilhelm Conrad Röntgen) е германски физичар, професор на неколку универзитети во Германија. Во 1895 г. ги открил т.н. икс-зраци – електромагнетни бранови, подоцна наречени “рендгенски“. Во 1901 година за ова откритие му беше врачена Нобеловата награда за физика. Рентген ја донирал паричната награда на универзитетот каде што работел. Како и Пјер Кири, Рентген одбил да го патентира неговото откритие затоа што сакал човештвото како целост да има корист од ова откритие.
Во негова чест, во 2004 година, Меѓународниот сојуз за чиста и применета хемија (IUPAC) по неговото име го именува хемискиот елемент 111 – рендгениум, радиоактивен елемент со бројни нестабилни изотопи. (Н. С.)