Честопати се среќаваме со поимите базичен репродукциски број R0 и ефективен репродукциски број Rt (или Re). Да видиме во што се состои разликата меѓу нив.
Базичниот репродукциски број R0 кажува колку лица може да зарази еден заразувач, доколку сите со кои стапил во контакт се чувствителни, односно подложни на зараза. На скицата со црни линии, при R0=4, гледаме дека еден заразен им го пренел вирусот на четворица.
Меѓутоа, во поодмината фаза на епидемијата сите четворица нема да бидат чувствителни, поради прележување на болеста, а подоцна и поради вакцинацијата. Нека уделот на чувствителни (тие што НЕ прележале или не биле вакцинирани) во популацијата изнесува S/N=1/4, каде што S е бројот на чувствителни (сусептибилни), а N е вкупниот број на жители во целата популација. Во тој случај, иако вирусот бил пренесен на 4 лица, од нив ќе се разболи секое четврто лице (1/4 од 4), односно само едно лице. Така доаѓаме до ефективниот репродукциски број
Rt = R0 • S/N = 4 • 1/4 = 1
Значи, ефективниот репродукциски број Rt кажува колку лица во просек може да зарази еден заразувач, земајќи ја предвид и стапката на имунитет кај популацијата (S/N).
Во нашиот пример, при Rt=1 имаме проста репродукција, па во секоја наредна генерација се заразува во просек точно по еден нов случај. Доколку би немало прележаност (S/N=1) би било Rt=R0=4, па сите лица на скицата би биле црвени – од едно лице во првата генерација би имале 4 во втората, 16 во третата итн.
Инаку, за да се создаде колективен имунитет и бројките на заразени спонтано да се намалуваат, потребно е уделот на чувствителни да биде помал од 1/R0, односно уделот на имуни да биде поголем од 1-1/R0 (во нашиот пример 0,75, односно 75%).