Последниве пет дена во секој изминат ден дневните бројки на нови случаи беа поголеми од соодветниот ден од претходната недела – јасен знак дека имаме мало, но сепак мерливо забрзување. Тоа се гледа според ефективниот репродукционен број, дури пресметан со три различни методологии и со разни периоди на усреднување. Се гледа и по подвижните средини (не се прикажани), дури и најбавно променливата, 14-дневната која веќе започна полека да искачува.
Се совпаднаа три фактори коишто придонесуваат за зголемување на репродукциониот број Rt, а тоа се последното продолжување на работното време на кафеаните, поаѓањето на децата на училиште (во селата понекаде има настава со по 15 ученици, без онлајн настава), како и тивкото ширење на британскиот сој на вирусот, B.1.1.7.
Ефектот од кафеаните и училиштата веќе го видовме и го измеривме и не би требало да има понатамошно влошување. Напротив, со текот на времето поради прележувањето и природното имунизирање репродукциониот број Rt би требало да започне да опаѓа. Меѓутоа, влијанието на британскиот сој допрва ќе го видиме. Колку побргу ќе започне да се зголемува репродукциониот број, толку е поголема преносливоста на новиот вирус. Во најлошото сценарио за преносливоста (Rt=1,5 за новиот вирус) деновиве веќе би требало да дојде до изедначување на бројноста на новите случаи од двата соја, а со преземањето на водството во наредите денови би виделе и зголемување на Rt. Во поумерените сценарија ни останува најмногу уште еден месец. Колку подоцна започне зголемувањето на дневните бројки и Rt – толку помала би била преносливоста на новиот сој. Во отсуство на рестриктивни мерки ни преостанува само да чекаме и пасивно да гледаме што ќе се случува.
Јасно беше дека од силен надолен тренд дневните бројки не можат веднаш да преминат во нагорен тренд, туку ќе мора да помине период на консолидација, односно рамен (хоризонтален) тренд со приближно еднакви дневни бројки на нови случаи или приблично еднаков број на активни и хоспитализирани случаи. Се чини дека деновиве сме во таа фаза или многу блиску до неа. На дијаграмот на втората слика забележуваме дека бројот на активни (портокаловата линија) и хоспитализирани (сината линија) практично повеќе не опаѓаат. Надолниот тренд речиси сосема исчезна и веќе имаме поставена сцена за почеток на новиот нагорен циклус.
Застојот го забележуваме и на фазниот портрет H-I (хоспитализирани наспроти реално активни случаи, портокаловата линија на третата слика). Портокаловата линија повеќе не оди налево и надолу, туку започна да прави меандри (во црвеното крукче), слично како што правеше во горната точка на застој, на пикот од епидемијата (во зеленото крукче). Ова талкање може да потрае уште извесно време, но во секој случај веројатно ќе има разврска со фаќање нов правец нагоре и надесно, знаејќи дека британскиот вирус е веќе меѓу нас.
Додека ние мирно спиеме, во Албанија британскиот вирус веќе зема замав, а таму тоа стана побргу видливо бидејќи до сега немаа високи бројки на случаи од стариот вирус, а веројатно и понизок степен на колективен имунитет. Инаку, на истиот дијаграм гледаме дека во последно време властите побрзале да затворат многу заборавени отворени случаи (сината линија нагло скшнала во лево), но се уште има извесен број одвишни отворени случаи.
Конечно, последниот индикатор кој кажува дека намалувањето се ближи кон својот крај (ако не е веќе завршено) се броевите на тестирања и стапката на позитивни тестови (на дијаграмот на четвртата слика). Бројот на тестирања последниве денови започна да расте, што покажува дека се повеќе луѓе биле експонирани на вирусот, односно стапиле во ризични контакти. Иако седумдневниот просек на стапката на позитивни тестови се уште благо се намалува, дневните стапки осцилираат во еден хоризонтален канал, што веќе индицира точка на застој.
Како што рековме, во отсуство на рестриктивни мерки ни преостанува пасивно да чекаме и да видиме што ќе се случи, а во меѓувреме сите мислечки луѓе треба да ги засилат превентивните мерки, исто како веќе да се наоѓаме во нов бран.
д-р Дејан Трајковски е редовен професор на Универзитетот "Св. Климент Охридски" Технички Факултет - Битола (ТФБ). Има објавено повеќе научни трудови во меѓународни научни списанија од областа на на структурното и механичко инженерство. Од почетокот на пандемијата д-р Дејан Трајковски редовно објавува статистички анализи за пандемијата врз основа на достапните официјални податоци