Како што веќе пишавме во времепловот за 6.2.2021, вчера се навршија точно 50 години откако екипажот на Аполо 14 го напушти тлото на Месечината. А на денешен ден пред 50 години, леталото со астронаутите ја напушти и месечевата орбита. Во тие моменти, од внатрешноста на командниот модул Китихок, астронаутите имаа можност да ја посведочат и оваа спектакуларна глетка забележана на фотографијата подолу.
На неа Земјата осветлена од Сонцето се издига над лунарниот хоризонт, над површината исполнета со кратери, од далечната страна на нашиот природен сателит.
Аполо 14 беше третата мисија со човечки екипаж што се спушти на површината на Месечината. За време на престојот на локацијата Фра Мауро астронаутите монтираа лабораторија којашто остана да извршува различни испитувања на Месечината, а на заминување со себе понесоа 49,2 килограми месечев материјал. Меѓу нив беше и каменот наречен Големата Берта, за којшто подоцна се утврди дека содржи фрагменти од метеорити кои потекнуваат од Земјата. Интересно е и тоа што во леталото Китихок на ‘прошетка’ до Месечината биле и околу 400-500 семиња на дрва кои подоцна ќе бидат засадени насекаде околу светот, и ќе станат познати како Месечеви дрвја.