Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.02.2021 - 21:45

Денес го одбележуваме денот кога Џек Килби поднесе барање за првиот патент за интегрирано коло, изумот што ќе донесе револуција во техниката. Пред точно 110 годин Ролс-Ројс ја претстави маскотата “Духот на екстазата“, додека пред точно педесет години астронаутите од мисијата Аполо 14 го напуштија тлото на Месечината и се упатија назад кон Земјата...

 

6.2.1959 – Џек Килби од Тексас инструментс го поднел првиот патент за интегрирано коло

Интегрираниот чип или коло (ИК) е измислен во текот на 1958–1959 година. Идејата за интеграција на електронските кола во еден блок се родила кога германскиот физичар и инженер Вернер Јакоби (Werner Jacobi) го патентирал првиот познат интегриран транзисторски засилувач на една плочка во 1949 година, а британскиот радиоинженер Џефри Дамер (Geoffrey Dummer) предложил да се интегрираат различни стандардни електронски компоненти во монолитен полуспроводнички кристал во 1952 година. Една година подоцна, Харвик Џонсон (Harwick Johnson) поднел патент за прототип на ИК. Помеѓу 1953 и 1957 година, Сидни Дарлингтон (Sidney Darlington) и Јасуо Таруи (Yasuo Tarui) предложиле слични дизајни на чипови каде што неколку транзистори можеле да делат заедничка активна област, но немало електрична изолација за да се одделат едни од други.

Индустријата не можела да ги спроведе овие идеи, сè дури не дошло до чекор напред кон крајот на 1958 година. Три лица од три американски компании решиле три основни проблеми што го попречувале производството на интегрирани кола. Џек Килби (Jack Kilby) од Texas Instruments, на 6 февруари 1959 година, го патентирал принципот на интеграција, го создал првиот прототип на ИК и го комерцијализирал. Пронајдокот на Килби бил хибридно интегрирано коло, наместо монолитен чип со интегрирано коло. Во текот на наредните години се појавиле и други пронаоѓачи кои понудиле поусовршени верзии на интегрирани кола, како на пример Роберт Нојс (Robert Noyce) со првиот монолитен ИК чип. Texas Instruments, кој го поседувал патентот за пронајдокот на Килби, започнал ‘патентна војна’, која била решена во 1966 година со договор за вкрстено лиценцирање. Нема консензус за тоа кој го измислил првиот интегриран чип. На Килби му била доделена Нобеловата награда за физика во 2000 година “за неговиот удел во пронаоѓањето на интегрираното коло”. (Д. М.)

 

6.2.1911 – Претставена маскотата на Ролс Ројс

Прочуената маскота “Духот на екстазата“ (Spirit of Ecstasy) промовирана е во Англија на овој ден 1911 година. На американците ова име им било премногу комплицирано и затоа таму е позната како “Летечката дама“. Тоа е најпознатата маскота на еден автомобил познат по тоа што гарантира престиж и висок статус на неговиот сопственик. И овој момент бил основниот мотив за ангажирање на младиот уметник Чарлс Сајкс кој гарантирал на сопственикот на оваа автомобилска фирма дека нема да понуди кич од уметност од што стравувал. И успеал во тоа. Извајал совршено уметничко дело.

Маскотата во текот на десетлетијата се менувала по сите параметри. Ја менувала големината и материјалот. Во почетокот била посребрена, а денес се прави од не’рѓосувачки челик. Секако, по нарачка може да се направи од чисто сребро или злато, па дури и од кристал. Друг интересен момент е што на допир брзо се вовлекува во своето лежиште што има двојна намена: и безбедносна во смисла заштита на пешаците при удар и како превентива од крадење. (Н. С.)

 

6.2.1971 – Аполо 14 ја напушта Месечината

Во 1971 година, “Аполо 14“ стана третото летало коешто се спуштило на Месечината носејќи човечки екипаж. Лунарниот модул слетува претходниот ден во 9 часот и петнаесет минути. Посадата во состав командант – Алан Шепард и пилот – Едгар Мичел, станаа петтиот и шестиот човек кои чекореле на Месечината.

Посадата изведе 2 прошетки на површината на Месечината, едната на 5 и втората на 6 февруари. Како куриозитет може да се спомене дека на денешен ден Алан Шепард влезе во историјата на голфот како првиот човек кој ја заигра оваа игра на Месечината :) . Неговата пасија кон голфот го поттикнала да прошверцува во неговиот костим глава од палка и топче за голф коишто потоа ги употребил.

За време вкупниот 4-часовен престој Шепард и Мичел монтираа лабораторија којашто остана да извршува различни испитувања на Месечината, а на заминување со себе понесоа 49,2 килограми месечев материјал. Три дена подоцна, на 9 февруари, Аполо 14 се спушти безбедно во водите на Тихиот Океан. Аполо 14 е последната мисија со дводневен престој на површината. Следните 3 мисии ќе бидат опремени со лунарен ровер, ќе имаат подолг престој на површината на Месечината и поширок опсег на истражувања. (Н. С.)

Клучни зборови:
Џек Килби

Џек Килби

Џек Килби

Џек Килби

Маскотата Духот на екстазата

Маскотата Духот на екстазата

Екипажот на мисијата Аполо 14

Екипажот на мисијата Аполо 14

Алан Шепард влезе во историјата на голфот како првиот човек кој ја заигра оваа игра на Месечината

Алан Шепард влезе во историјата на голфот како првиот човек кој ја заигра оваа игра на Месечината