RAVN-X e беспилотно летало со можност за лансирање ракети, создадено за испраќање на мали сателити во орбитата без потреба од лансирна рампа. Првиот модел подговен за лет, дело на стартап компанијата Aevum, беше претставен на почетокот од месец декември. Неговата прва мисија, лансирање за потребите на американските вселенски сили, веќе беше закажана веднаш по завршувањето на сите тестови, за почетокот од оваа година.
Иако компанијата Aevum веќе склучила повеќе договори за воени цели, “кеширајќи” околу 1 милијарда американски долари, нејзиниот основач и директор Џеј Скајлас смета дека системот RAVN-X може да се покаже мошне корисен за брзо лансирање на мали сателити опремени со научни инструменти во специфични орбити.
Дронот RAVN-X е долг колку два автобуси и изгледа како некое чудно механичко суштество кое е половина птица и половина ракета. Леталото полетува од обична писта, се вивнува високо во атмосферата каде ја лансира ракетата прицврстена за неговото тело. Ракетата продолжува кон вселената каде ги испушта сателитите кои може да тежат од 100 до 500 килограми. Системот е целосно автономен и нема потреба од некоја скапа инфраструктура за негова поддршка, нешто што е незамисливо кај класичните ракети кои имаат потреба од лансирни рампи и придружна инфраструктура.
Се чини дека токму овие карактеристики им го привлекле вниманието на американските Вселенските сили, кои склучиле договор со малата компанија за реализација на нивната мисија АСЛОН-45 – која се состои од поставуање на повеќе мали сателити чијашто цел би била подобрување на системот за “предупредување во реално време во случај на закана“.
RAVN-X не е прво летало со вакви можности. Системот Пегаз на компанијата Нортроп Груман веќе има реализирано десетици летови од моментот кога првпат закрстари на небото некаде во 90-тите години на минатиот век. Слична е функционалноста и на леталото Launcher One на Virgin Orbit чијшто прв обид да се вивне кон небесата можеби заврши неславно, но затоа оваа година поправниот испит го помина беспрекорно – со лансирање на 10 CubeSats сателити за потребите на НАСА. Она што RAVN-X го двои од леталата Пегаз и Launcher One е тоа што тие користат традиционални, пилотирани авиони, наспроти беспилотното летало на Aevum. Колку оваа можност е атрактивна за пазарот ќе покаже времето. Според експетите пазарот со мали летала со лансирни можности е висококонкурентен и веќе покажува знаци на заситување, па може да “поднесе” уште најмногу две до три нови оператори, а RAVN-X е само еден од стотината слични проекти кои се во развој.
Во таа насока, според нив, успехот на RAVN-X веројатно ќе зависи од инвентивноста на неговите креатори во поглед намалување на трошоците за употреба на леталото, што веројатно би се постигнало со ‘рециклирање’ на лансирните системи. Зацртаната цел на Aevum е да ги сведат лансирните трошоци на неколку илјади долари за килограм корисен товар, колку што во моментов приближно чини лансирањето со ракетата Falcon 9 на SpaceX. Предноста на RAVN-X над ракетите на Маск би се состоела во овозможувањето поголема контрола врз распоредот на лансирање и можноста за попрецизно доставување на товарот до неговата оптимална орбита.
За ваквите фини нијанси во изборот кои во некои сегменти од науката и техниката прават огромна разлика, нарачателите во моментов плаќаат повеќе од 20 000 американски долари за носење на килограм товар во орбита, колку што приближно изнесува цената за ваков вид услуги на компанијата Rocket Lab Electron која оперира со лансирање мали ракети од тлото.