Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.02.2021 - 18:00

Во овој времеплов ги славиме родендените на автомобилскиот гениј и инженер, Андре Ситроен, и на американскиот пионер од областа на видео-гејмингот Нолан Бушнел. Покрај ова го одбележуваме постигнувањето на Маринер 10 и денот кога за првпат во етерот беше емитуван “пипс”сигналот за ознака на точно време...

 

5.2.1924 – За првпат е употребен звучниот сигнал “пипс” на програмата на BBC

Шестте кратки сигнали, популарно познати како “пипс”, биле дизајнирани за да го означат прецизниот почеток на секој час на радиото BBC. Денес сигналот за точно време на Гринвич (Greenwich Time Signal - GTS), се слуша на BBC Радио 4, но и на другите мрежи на BBC. Временските сигнали засновани врз истиот принцип постојат и во други земји.

Уред за сигналот за време од Гринич на Савој Хил, првото седиште на Би-Би-Си

За првпат овој сигнал е емитуван на 5 февруари 1924 година. Бил осмислен од кралскиот астроном Сер Франк Вотсон Дајсон (Frank Watson Dyson) и генералниот директор на BBC Џон Рит (John Reith). Првично “пипсот” бил контролиран од два механички часовници лоцирани во Кралската опсерваторија Гринич кои имале електрични контакти. Користени се два часовника во случај на дефект на еден од нив. Овие испраќале сигнал секоја секунда до BBC, по што ги претворале во емитуван звучен осцилаторен тон. Вкупно има шест кратки звучни сигнали, кои се јавуваат на секоја од 5-те секунди што водат до часот и на самиот час. Секој “пипс” е тон од 1 kHz, од кои првите пет траат по една десетина од секундата, додека последниот трае половина секунда. Вистинскиот момент кога се менува часот – “ознаката за време” – е на самиот почеток на последниот “пипс”.

До 1972 година “пипсот” бил со еднаква должина, но заради конфузијата околу тоа кој е последниот сигнал, последниот сигнал сега е со продолжена должина. (Д. М.)

 

5.2.1974 – Сондата “Маринер 10“ и Венера

Американската вселенска сонда “Маринер 10“ ги испрати нејзините први фотографии одблиску (5768 км) од атмосферата на Венера. Но Маринер 10 не е првото летало направено од човекот коешто дојде до Венера. Имено, честа за ова им припаѓа на Русите и веленските мисии Венера 2 (прелет) и 3 (слетување). Но, она што Маринер 10 го истакнува е што се работи за прво летало за чиешто патување и траекторија е искористена гравитацијата на една планета за да се достигне друга. Имено, користејќи ја гравитацијата на Венера, “Маринер 10“ во март истата година се доближи и до Меркур. (Г. П.)

 


5.2.1878 – Роден е Андре Ситроен

Андре Ситроен (André Citroën) е исклучителна личност. Природно надарен за многу области и филозофии од животот. Голем инженерски гениј (неправедно запоставен од околината на ова поле). Само еден момент од овој дел од неговиот инженерски опус: системот за управување (кормиларење) на прочуениот брод ТИТАНИК е негово дело. Голем иноватор: запчениците за пренос на огромни оптоварувања со стрелести запци се негова иновација (ова е искористено како амблем на неговата фирма). Голем менаџер: прв од Европа оди во САД, кај Хенри Форд, и темелно го проучува сериското производство на автомобили и тој систем на производство прв го воведува во Европа, со што го прави автомобилот достапен и за посиромашните слоеви, со оглед на ниската цена на чинење. Голем биснисмен: безмилосно, дрско, со коцкарски, крајно ризични потези и суверено ја управува својата компанија – прочуениот Ситроен, кој конструира и произведува автомобили што техничко-технолошки се далеку пред своето време, што е причина за финансиски проблеми и пад на неговата империја гледано на подолг временски рок (денеска е под капата на Пежо). Исклучително хуман човек: прв во Европа воведува бесплатен појадок за своите вработени во текот на работното време. Голем маркетинг жонглер и експерт: ја закупува Ајфеловата кула која во рекламни цели ја осветлува со своето име. Кога запаѓа во финансиски тешкотии, го спасува Мишлен, но спасителот ги гаси светилките на Ајфеловата кула. Голем коцкар (комарџија): коцкањето му била тајна страст која редовно ја практикувал во текот на целиот живот, а нагласено при крајот на животот. Да почитувани! Тоа е генијот со име Андре Ситроен, гордост на француската автомобилска индустрија и највредниот негов бисер. Богохулие е (во Франција) да се зборува нешто против овој гениј. (Т. С.)

 

5.2.1943 – роден е Нолан Бушнел

Нолан Бушнел (Nolan Kay Bushnell) е американски инженер, пионер во изработката на автомати за видео-игри, домашни видео-игри и домашни комјутери. Бушнел заедно со Тед Дабни (Ted Dabney) во далечната 1972 година ја основа американската компанија Атари, којашто подоцна ќе го даде и компјутескиот систем со напредната графика Атари 2600. Една од најпознатите креации на Бушнел е конзолата за видео-играта Понг на Ралф Баер. (Н. С.)

Клучни зборови:
Уред за сигналот за време од Гринич на Савој Хил, првото седиште на Би-Би-Си

Уред за сигналот за време од Гринич на Савој Хил, првото седиште на Би-Би-Си

График на пипсот

График на 'пипсот'

Сондата Маринер 10

Сондата Маринер 10

Андре Ситроен

Андре Ситроен

Нолан Бушнел

Нолан Бушнел