Во овој времеплов ги славиме родендените на рускиот физичар Николај Умов, програмерот Кенет Томпсон, авијатичарот Чарлс Линдберг и на американскиот астроном Клајд Вилијам Томбо. На овој ден реалната подморницата Наутилус измина ист број милји како и подморницата од славното дело на Жил Верн, Џон Џејкоб Ливингвуд ќе го создаде првиот синтетизиран радиоактивен елемент, а Рој Планкет ќе ја патентира супстанцијата тефлон...
4.2.1846 – Роден е Николај Умов, руски физичар
Николај Алексеевич Умов е роден во Симбирск (денешен Улјановск) во семејство на воен лекар. Дипломирал на одделот за физика и математика на Државниот универзитет во Москва во 1867 година и станал професор по физика во 1875 година. Студирал теоретска физика, читајќи ги делата на Габриел Ламе, Клебш и на Клаузиус, што значително влијаело врз оригиналноста на неговите подоцнежни идеи во физиката. Станал шеф на Одделот за физика на Московскиот државен универзитет во 1896 година и, заедно со Пјотр Лебедев, активно учествувал во основањето на Институтот за Физика. Организирал неколку образовни друштва. Бил претседател на Московското друштво на истражувачи на природата цели 17 години и е меѓу првите руски научници кои ја признале важноста на теоријата на релативноста. Во 1911 година, заедно со група водечки професори, го напуштил Московскиот универзитет во знак на протест против реакционерните активности на владата.
Умов бил првиот кој во физиката ги вовел основните концепти како што се брзината и насоката на движење на енергијата, кои денес се поврзуваат со векторот Умов-Поинтинг и густината на енергијата во дадена точка на просторот. За време на неговата работа во Одеса, во периодот од 1873 до 1874 година, ги објавил првите трудови во кои се содржани главните идеи за движење на енергијата. Откако го формулирал концептот на густина и движење на енергијата, напишал диференцијални равенки за движење на енергијата во еластичните медиуми и во флуиди.
Тој бил првиот научник што укажал на меѓусебна врска помеѓу масата и енергијата, предлагајќи ја формулата E = kmc2 каде 0,5 ≤ k ≤ 1, уште во 1873 година. Во 1875 година Умов решил општ проблем на дистрибуција на електрични струи во спроводливи површини од секаков вид. Од1888 до 1891 година тој експериментално ја истражувал дифузијата во водните раствори, поларизацијата на светлината во нетранспарентни медиуми, и го открил ефектот на хроматската деполаризација на светлината. Во 1900 година спровел темелна анализа на многу формули на Гаус во врска со копнениот магнетизам, што овозможило дефинирање на секуларните промени во магнетното поле на Земјата.
Умов починал на 28 јануари 1915 година во Москва. (Д. М.)
4.2.1923 – Роден е Кенет Томпсон
Кенет Томпсон (Kenneth Lane Thompson), заедно со Денис Ричи (Dennis Ritchie) го развил оперативниот систем UNIX во лабораториите на AT&T.
Оперативниот систем UNIX комбинираше голем број тајмшеринг и менаџмент опции достапни во Multics, од каде што потекнува и неговото име.
Колку за потсетување, Multics е проект од средината на 60-тите години на минатиот век и претставува прв обид за креирање оперативен систем кој ќе овозможи истовремена работа на повеќе корисници, како и истовремено извршување на повеќе разновидни операции/задачи (multitasking). (З. И.)
4.2.1906 – Роден е Клајд Вилијам Томбо (Clyde William Tombaugh)
Клајд Томбо е американски астроном, најпознат по откривањето на планетата Плутон на 18 февруари 1930 година. Работејќи во опсерваторијата “Ловел“ во Аризона, Томбо забележал аномалија на една фотографија снимeна на 23 јануари 1930, споредено со друга неколку дена постара. Имено, на фотографијата можело да се види нешто налик на ѕвезда која ја сменила својата позиција за неколку денови. Со тоа конечно во пракса се потврди постоењето на планетата Плутон, чија локација декади наназад беше претпоставувана и теоретски пресметана. Покрај ова откритие, Клајд Томбо има откриено уште и неколку други кластери на ѕвезди и галаксии, а ја набљудувал и површината на Месечината, Марс, Венера, Јупитер и на Сатурн. Инаку, Плутон претставува единствена планета во Сончевиот систем откриена во 20 век и единствена откриена од Американец. Тоа што во 2006 година го изгуби статусот на планета, сигурно не го намалува значењето на ова откритие. (Г. П.)
4.2.1936 – Радиумот Е стана првиот синтетички направен радиоактивен елемент
Ирена Кири-Жoлио и Фредерик Жолио ја откриле вештачката радиоактивност во 1934 година. Околу 40 супстанции станале радиоактивни по бомбардирање со атомски честички. Но, за разлика од радиумот, овие супстанции не се радиоактивни во природата. На 4 февруари 1936 година била обележана друга пресвртница во галопирачкиот напредок на атомската трансмутација со откривањето на неколку атоми на Радиум Е создадени во лабораториите на Универзитетот Беркли во Калифорнија.
Радиумот Е е седмата и последна фаза на распаѓање на радиумот пред тој да се претвори во полониум. Неговата атомска маса е 210. Д-р Џон Џејкоб Ливингуд (John Jacob Livingood) сфатил дека ако со милијарди честички го бомбардира елементот бизмут (атомска маса 209), некои од нив може да продрат во јадрото и да останат во него, претворајќи го бизмутот во радиум Е. За оваа намена како најдобри честички се покажале деутероните, чија атомска маса е 2. Кога деутероните (јадра на деутериуми) се доближиле до јадрото на бизмутот, тие се разложиле на протони и неутрони. Протоните се повлекле, но неутроните останале внатре.
Д-р Ливингуд го идентификувал создадениот елемент со фактот дека тој започнал да исфрла брзи електрони кои се намалиле за половина во период од околу пет дена. Ова било токму однесувањето на Радиум Е. (Р. М.)
4.2.1957 – Првата атомска подморница го оправдува името
USS Nautilus (SSN-571) е првата оперативна подморница на нуклеарен (атомски) погон и прва којашто во 1958 година крстосувајќи под морето помина под Северниот Пол.
Изградбата на оваа подморница којашто го дели името со фиктивната подморница Наутилус од прочуениот роман на Жил Верн “20 000 лиги под морето”, започнала во 1952 година. Свеченото крштевање било направено во јануари 1954 година а на него присуствувала и тогашната прва дама на САД, Мами Ајзенхауер. Изградбата на подморницата е завршена следната 1955 година.
Нуклеарниот погон и овозможил да остане нурната многу подолго од дизелско-електричните подморници, така што во првите години сруши многу рекорди и крстосуваше на места кои претходно беа недостапни и надвор од границите на дејство на “обичните“ подморници. Токму на денешен ден во далечната 1957 година, “бројчаникот” на изминати милји на USS Nautilus се изедначи со должината на патот којшто ја измина фиктивната подморница Наутилус на Жил Верн, којашто исто така во романот минува под Северниот Пол.
Нуклеарната подморница Наутилус беше ставена вон оперативна работа во 1980 година, а прогласена е за национален историски споменик во 1982 година. Сочувана е како музејски експонат во Воената библиотека и музеј во Гротон (Конектикат). Подморницата денес ја посетуваат околу 250 000 туристи годишно. (Т. С.)
4.2.1902 – Роден е Чарлс Линдберг
Чарлс Линдберг (Charles Lindbergh) е еден од пионерите на воздухопловството. Овој амeрикански авијатичар, познат и по прекарот Самотниот Орел, е најпознат по тоа што го извел првиот самостоен лет без прекин преку Атлантикот. Летот бил изведен на 20 и 21 мај во 1927 година со авионот “Духот на Сент Луис“. Линдберг полетал од Њујорк и се спуштил во Париз, прелетувајќи 5 836 km за 33 часа и 32 минути, освојувајќи ја Ортиговата награда (Orteig Prize) наменета за првиот човек што ќе го прелета Атлантикот во еден лег. (Н. С.)
4.2.1941 – Патентирана е супстанцијата Тефлон
Рој Планкет (Roy Plunkett) ја патентирал супстанцијата тетрафуороетиленски полимер позната како тефлон. Во амeриканското патентно биро овој патент е заведен под бројот 2 230 654.
Откритието било направено сосема случајно, при обидот да се пронајдат други видови на разладни супстанции. Материјалот со нелепливи својства во почетокот бил извонредно скап, па така првобитно тој бил користен само од страна на војската при производството на артилериски капсули, како и при производството на радиоактивни материјали. Но денес, со напредокот на технологијата на производство, работите се сосема поинакви и тефлонот наоѓа примена на многу места, од кујнските садови до ветробраните на автомобилите, како и во технологијата на правење жици.
Во 1946 година фабриката Дупонт (DuPont) го заштитува името Тефлон како трговска марка. (Н.С.)