Во овој времеплов ги славиме роденденoт на шведско-американски математичар Арни Беурлинг, и денот кога за првпат во историјата пилотирањето на вселенскиот шатл беше доверено на една жена. Покрај ова го одбележуваме и успехот на мисијата Луна 9 и лансирањето на првиот функционален метеоролошки сателит, а се сеќаваме и на не толку сјајните почетоци на оперативниот систем Виндоус ...
3.2.1905 – Роден е Арнe Беурлинг
Прочуениот шведско-американски математичар Арне Беурлинг (Arne Carl-August Beurling) е роден на денешен ден во 1905 година.
Беурлинг интензивно работел на проблемите од областа на хармониската анализа, сложената анализа и на теоријата на потенцијалот. Работел како професор по математика на универзитетот во Упсала (Шведска) од 1937 до 1954 година, а подоцна и професор во Институтот за напредни студии во Принстон (Њу Џерси, САД).
Познат е по “Беурилинговата факторизација“ која им помогнала на математичарите да ја разберат Волдовата деградација и го поттикнал понатамошното расветлување на инваријантните простори со линеарни оператори. (Т. С.)
3.2.1986 – “Vaporware” во најава
Списанието “Time“ известува за фрустрациите со бавниот развој на софтвер за употреба во компјутерската индустрија. Новинарот Филип Елмер-Девит се пожали на одложувања во новиот оперативен систем Виндоус на Мајкрософт, кој беше одложен многу подолго од ветеното. По ваквите одложувања сезнајковците од Силиконската Долина иронично ќе го наречат новиот Windows “Vaporware”.
За жал, одложувањата на новите верзии на софтверските пакети ќе станат честа навика на Microsoft. (И. З./ З. И.)
3.2.1995 – Ајлин Колинс ќе стане првата жена која ќе пилотира со спејс-шатл
Американската астронаутка Ајлин Колинс (Eileen Marie Collins) ќе остане запаметена како првата жена која имала чест да управува со вселенски шатл, а подоцна таа ќе биде и првата жена која била командант на мисија на спејс шатл.
Колинс се “вљубила” во аеронаутиката уште како дете. На 19 години таа почнала да го учи пилотскиот занает, плаќајќи ги часовите по летање со парите што самата ги заработувала. Дипломирала математика и еконимија на Универзитетот во Сиракуза, Њујорк, по што била примена во американската армија за обука за воен пилот, и е една од првите четири жени што успешно ќе ја завршат обуката во воената база Венс во Оклахома, САД.
Во вселенската програма се вклучува во 1990 година, а во 1995 година нејзе ќе и биде доверено пилотирањето на вселенскиот шатл Дисковери. Во рамките на оваа мисија таа успешно ќе се сретне со Руската вселенска станица МИР и ќе го ‘закотви’ Дискавери за станицата. Во мај 1997 година таа ќе го повтори овој успех при пилотирањето со со вселенскиот шатл Атлантис, а во 1999 година Колинс ќе стане првата жена командант на мисијата на спејс-шатл. Во оваа прилика таа успешно ќе го однесе товарот на вселенскиот шатл Колумбија во земјината орбита и успешно ќе ја постави вселенската опсерваторија Чандра. (Н. С.)
3.2.1966 – На Месечината се спушти Луна 9
За првпат на Месечината контролирано се спушти вселенска сонда без екипаж – Луна 9, мисија на поранешниот Советски Сојуз. Луна 9 стана првото летало испратено од човекот кое меко се спушти на Месечината и со тоа го трасираше патот за понатамошните мисии кои беа крунисани со слетувањето на човекот на Месечината, неколку години подоцна. Сондата испрати фотографии за изгледот на Земјата од површината на Месечината. Ова се првите фотографии на Земјата направени од некое друго небеско тело. Покрај останатата опрема, леталото на Месечината постави и камера којашто емитуваше снимки сè до 6 февруари истата година, кога батериите се испразниле. (П. Л.)
3.2.1966 – Лансиран е првиот функционален метеоролошки сателит
Во 1966 година САД го лансираа првиот функционален метеоролошки сателит ESSA-1. Леталото претставуваше 18-страна правилна призма со пречник од 107 cm и височина од 56 cm. На телото на леталото имаше околу 10000 соларни ќелии, со димензии од 1x2cm, кои ги напојуваа никел-кадмиумските батерии, 21 на број, што ќе бидат главен извор на енергија за леталото. Со 2 камери поставени под агол од 180 степени една од друга, ESSA-1 беше во можност да ги фотографира временските услови на одредена површина на Земјината топка, поточно прекривката од облаци, по што фотографиите биле испраќани до земјената базна станица, штом таа би се нашла во досег. ESSA-1 била опрационална сè до 6 октомври истата година кога доаѓа до отказ на системот за снимање. (Г. П.)