Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1/2.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.02.2021 - 13:15

Во овој времеплов ги славиме роденденoт на италијанскиот нуклеарен физичар Емилио Сегре, почетокот на емитувањето на телевизија во боја во Република Македонија и зачетоците на java технологијата. Покрај ова се сеќаваме на трагичниот крај на мисијата на вселенскиот шатл Колумбија, и им оддаваме почест на германскиот физичар Вернер Хајзенберг и на основоположникот на периодниот систем на хемиските елементи, Димитриј Менделеев...

1.2.1991 – Почеток на развојот на Java

Мајк Шеридан, Џејмс Гослинг и Патрик Наутон од компанијата Sun Microsystems, започнале да развиваат Java технологија. Името излегло од еден проект на компанијата во вградена контрола наречена *7 (Star seven). Наутон се фокусираше на графичкиот систем Аспен, Гослинг на идеи за програмски јазици и Шеридан за развој на бизнисот. (И. З.)

 

1.2.1976 – Почина Вернер Хајзенберг

Вернер Хајзенберг (Werner Heisenberg) е германски физичар, познат во областа на квантната механика како автор на т.н. Теорија на матрици, всушност, математичка основа во квантната механика. Една од неговите најмаркантни идеи е поставувањето на т.н. Принцип на неодреденост, според кој не е можно точно да се одредат местото и импулсот на која било елементарна честичка. Добитник е на Нобеловата награда за физика во 1932 година. (П. Л.)

 

1.2.2003 – Спејс шатлот Колумбија експлодира во атмосферата

На само шеснаесет минути од планираното време за приземјување, спејс шатлот Колумбија буквално се распадна во атмосферата над пределите на западен Тексас. Во несреќата загинаа сите седум члена од екипажот.

Причинител на несреќата беше оштетување на левото крило. Оштетувањето настанало при лансирањето кога од надворешниот резервоар со гориво се откачи дел од изолациската пена и удри во крилото, правејќи дупка во него. Оштетувањето нема да има последици при лансирањето, но при враќањето дома, веднаш по навлегувањето во земјината атмосфера, дупката во крилото овозможила врелите гасови да навлезат во внатрешноста од крилото што довело до целосно уништување на леталото, при што ќе погине целиот екипаж.  (Н.С.)

 

1.2.1905  – Роден е Емилио Сегре

Емилио Сегре (Emilio Segré) е италијански физичар, добитник на Нобеловата награда за физика во 1959 година.

Роден е во Тиволи, Италија. Студиите ги завршил на Универзитетот Сапиенца во Рим, каде останал да работи уште некое време како асистент професор. Во 1936 година почнува да работи на Унверзитетот во Палермо, место што ќе мора да го напушти во 1938 година поради забраната на Мусолини за вработување на Евреи. Оваа година тој ќе ја напушти Италија и емигрира во САД, каде неговиот пријател Ернест Лоренс ќе му понуди асистентско место во лабораториите на одделот за истражување на радиоактивноста на Универзитетот Беркли.

Во 1942 година по убедување од страна на Роберт Опенхајмер, Сегре ќе се приклучи на проектот Менхетен, чијашто цел е создавање на атомска бомба. Од безбедносни причини, додека работел на овој проект неговото име било променето со лажно – Ерл Симан. Сегре станал шеф на групата П-5 (радиоактивност), дел од дивизијата П, лоцирана во лабораторијата во Лос Аламос. Неговиот тим ја мерел радиоактивноста на разни фисиони производи и ги анализирал податоците доставувани од други локации – од лабораториите на Оук Риџ, Хенфорд, на Универзитетот Беркли во Калифорнија и на Универзитетот Колумбија. Групата на Сегре беше бил задолжена да го утврди степенот на збогатување на изотопот со разни примероци од збогатен ураниум. Во 1945 година тој имал задача да го измери гама-зрачењето на локацијата Тринити каде е тестирана првата атомска бомба.

По војната, Сегре накратко се вратил да работи на Универзитетот Беркли, пред да замине да работи на Универзитетот на Илиноис. Во 1952 година Сегре повторно се вратил во Беркли каде ја започнал неговата потрага по антипротони.

Во 1953 година Сегре, заедно со Џозеф Кенеди, Глен Сиборг и Артур Вол ја добил спогодбата за патенти од нивните откритија направени пред Втората светска војна, при што секој од нив добил по 120 000 американски долари отштета.

За негова работа, која била крунисана со убедливи докази за постоењето на антипротоните, Емилио Сегре заедно со Овен Чембрлен ќе стане добитник на Нобелова награда за физика во 1959 година. (Н. С.)

 

2.2.1996 – Смена на CEO позицијата на Apple

Гил Амелио го замени Мајкл Спиндлер на позицијата CEO во Apple. На оваа смена “кумуваше” лошото менаџирање од страна на Спиндлер, кое во претходните три години резултираше со 1300 отпуштања од работа и сериозни финансиски загуби.
Амелио беше на позицијата CEO година и половина, а на негово место (за среќа на Apple) дојде коосновачот Стив Џобс. Со iMac и G3 машините, Џобс го врати Apple на стазите на профитот и успехот.
Останатото е историјата која ни е добро позната. 
(З. И.)

 

2.2.1971 – Воведување на телевизија во боја во Република Македонија

Радио Телевизија Скопје ги прави првите чекори за воведување на Вториот телевизиски канал со набавка на ТВ предавател со сила од 1 KW за ТВ/УКБ пунктот Црн Врв и еден репетиторски уред од 100 W за пунктот Водно. Опремата е од фирмата “Телетра” (Милано) и може да емитува ТВ сигнал во боја. Пристигнува кон крајот на 1970 година, се монтира и на 2 февруари 1971 година се пушта во редовна работа , со што се означува почеток на воведувањето на телевизија во боја во Република Македонија. Во експерименталната фаза најпрво се емитува италијанска програма добиена преку пунктот Пелистер, потоа програма од ЈРТ, а од1978 година и програма од скопското студио. (Д. М.)

 

2.2.1907 – Починал Димитриј Менделеев

Димитриј Менделеев е руски хемичар, познат по тоа што ги “построил” сите хемиски елементи според сродноста на нивните особини во т.н. периоден систем на хемиските елементи. Всушност, тој ги наредил според нивната атомска маса (тежина), поаѓајќи од најмалата маса, кон сè поголемите атомски маси. Во тоа време беа познати вкупно 60 хемиски елементи, а според правилностите во редоследот на нивните особини, коишто Менделеев ги воочил, тој го предвидел точното место и карактеристиките на нови 6 хемиски елементи, во тоа време сè уште непознати (цезиум Cs, галиум Ga, германиум Ge, телур Te, рениум Re, полониум Po). Набргу потоа се откриени 3 од 6-те наведени непознати елементи. Потврдата на нивните карактеристични особини, предвидени од Менделеев, беше доказ за исправноста на Менделеевите поставки во конфигурацијата на системот, па, по 1880 год., хемичарите во потполност го прифатиле тој систем. Во поново време, системот е дополнуван со новооткриени хемиски елементи, па денес тој содржи 109 елементи.  (П. Л.)

Клучни зборови:
Вернер Хајзенберг (Werner Heisenberg)

Вернер Хајзенберг (Werner Heisenberg) 

Вернер Хајзенберг (Werner Heisenberg)

Вернер Хајзенберг (Werner Heisenberg) 

Лансирањето на вселенскиот шатл Колумбија...

Лансирањето на вселенскиот шатл Колумбија...

... и трагичниот крај на мисијата на небото над Тексас

... и трагичниот крај на мисијата на небото над Тексас

Емилио Сегре

Емилио Сегре

Фотографија на Ерл Симан од беџот за идентификација за вработените во Лос Аламос

Фотографија на 'Ерл Симан' од беџот за идентификација за вработените во Лос Аламос

Емилио Сегре

Емилио Сегре

Гил Амелио

Гил Амелио

Стив Џобс и Гил Амелио

Стив Џобс и Гил Амелио

Репетиторскиот пункт на ТВ Скопје на Водно

Репетиторскиот пункт на ТВ Скопје на Водно

Портрет на Димитриј Менделеев (дело на сликарот Иван Крамској, од 1878 година)

Портрет на Димитриј Менделеев (дело на сликарот Иван Крамској, од 1878 година)

Димитриј Менделеев

Димитриј Менделеев

Димитриј Менделеев

Димитриј Менделеев