Во овој времеплов ги славиме родендените на македонскиот нуклеарен физичар и академик Кирил Змбов, на пакистанскиот физичар Абдус Салам и на јужноафриканскиот виролог Макс Тejлер. Покрај ова го одбележуваме денот кога е поднесена првата патентна пријава за функционален модел на автомобил со мотор со внатрешно согорување и денот кога е идентификуван еден нов вид ѕвезда.
29.1.1926 – Роден е Абдус Салам
Абдус Салам (Abdus Salam) е пакистански физичар. Работел во Италија, каде што независно од Стивен Вајнберг формулирал обединувачка теорија за две од 4-те природни елементарни сили, слабата нуклеарна и електромагнетската сила. Добитник е на Нобелова награда. (П.Л.)
29.1.1886 – Поднесен е првиот патент за автомобил со практична изведба
Германскиот машински инженер Карл Бенц (Karl Friedrich Benz), ја патентирал првата практична изведба на автомобилот погонуван со мотор со внатрешно согорување. Иако првобитниот модел на автомобил од Бенц бил претставен во првата половина од 1885 година, возилото со три тркала познато како “Моторваген” не било патентирано сè до 29 јануари следната година. Компанијата Benz & Co. била основана во Манхајм во 1883 година со примарна дејност конструирање на стационарни мотори со внатрешно согорување.Компанијата го произвела нејзиниот прв автомобил со четири тркала во 1893 година, а првата серија тркачки автомобили во 1899 година.
Во 1926 година компанијата Бенц ќе се спои со компанијата Дајмлер (Daimler-Motoren-Gesellschaft), формирајќи го денес познатиот гигант Дајмлер-Бенц (Daimler AG), производителот на автомобилите од марката Мерцедес-Бенц. (Н.С.)
29.1.2004 – Во САД се расправа за проблематичната безбедност на електронските машини за гласање
Diebold Systems, производителот на електронските машини за гласање кои се користат во САД, одговори на извештајот доставен до државата Мериленд. Извештајот открива дека нивните уреди имаат безбедносни софтверски недостатоци коишто можат потенцијално да ги загрозат изборните резултати. Одговорот на Извештај на Одделот за законодавни служби на доверлив агент за системот за гласање на Диеболд AccuVote-TS, препорачува голем број корективни активности со крајна цел – поправка на безбедносните дупки. Драмата со гласачките машини се разви откако една надворешна консултантска фирма успешно ги хакираше системите за гласање под услови слични на изборното опкружување. Диеболд ја ублажи загриженоста во врска со недостатоците во нивниот софтвер и нивниот портпаролот изјави дека “Нема ништо што не било или не може да се ублажи“ во “обезбедувањето на најголема безбедност“ за претстојните мартовски но и за идните избори.
САД сè повеќе се потпираат на мрежна и на компјутеризирана инфраструктура во процесите за гласање, каде безбедноста, точноста и транспарентноста играат клучна улога во легитимноста на изборите. (И.З.)
30.1.1899 – Роден е Макс Тejлер
Макс Тejлер (Max Theiler) е јужноафрикански/американски виролог, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1951 година. Наградата му беше брачена за неговата работа која доведе до откривање на вакцина за болеста жолта треска. Тејлер и Хју Смит ја развија вакцината за жолта треска во цајтнот од избувнувањето на епидемијата на оваа болест во Западна Африка. За време од 7 години фондацијата Рокфелер ќе дистрибуира 28 милиони дози од оваа вакцина, со помош на што ефективно ќе биде елиминирана болеста.
За време на истражувањата Тејлер и самиот ќе заболи од жолта треска, но за среќа, ќе закрепне и ќе продолжи со работата кој ќе му ја донесе престижната награда. (Н.С.)
31.1.1931 – Роден е Кирил Змбов, македонски нуклеарен физичар и академик
Роден е во Кочани на 31 јануари 1931 година. Студирал физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград кадешто дипломирал во 1955 година. Од 1954 година се вработил во Институтот за нуклеарни науки “Борис Кидрич” во Винча, каде останал до крајот на својот работен век. Бил и директор на Лабораторијата за физичка хемија на институтот. Докторската дисертација од областа на површинската јонизација ја работел под раководство на академик Павле Савиќ и ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Белград 1963 година. Престојувал на постдокторска специјализација на Универзитетот Рајс во Хјустон (1965 – 1967). За член на МАНУ надвор од работниот состав, бил избран на 7 октомври 1988 година. Змбов бил член и на Српската академија на науките и уметностите.
Стручната активност на д-р Кирил Змбов во областа на аналитиката на нуклеарните материјали била посебно врзана за развојот на масено-спектроскопските методи на изотопската анализа на ураниумот, борот и деутериумот. Најзначајните резултати му се во подрачјето на масено спектрометриското испитување на хемиски процеси на високи температури. Поради непогодноста на користење на гасовитите соединенија на ураниумот и борот, тој развил посебен извор на површинска јонизација, која ќе овозможи изучување на механизмот на процесот и оптимизација на условите за зголемување на ефикасноста на методата. Заедно со унгарскиот научник И. Опауски вовел графитирање на јонизирачките површини за зголемување на ефикасноста на јонизацијата на ураниумот. Од неговата научна активност потекнале ред технички реализации, оригинални по концепцијата и изведувањето. Научните резултати се објавуваат во угледни домашни и странски публикации, а некои од неговите решенија спаѓаат во редот на најсовршените од тој тип во светот. Активно учествувал и во дејностите на научните институции во Република Македонија, соработувајки на повеќе научни проекти. Како визитинг професор соработувал со универзитетите во Хјустон - САД, Јилих – Германија и со Институтот за атомски истражувања (JAERI) во областа Токаи – Јапонија. Бил претседател на друштвото за масена спектрометрија на Југославија и член на Научниот совет на Меѓународното друштво за масена спектрометрија.
Починал ненадејно во Грција на 8 септември 2009 г. (Д.М.)
31.1. 1862 – Идентификуван нов вид ѕвезда, “бело џуџе”
Американскиот астроном Алван Грахам Кларк (Alvan, Graham Clark) за првпат идентификувал ѕвезда од типот “бело џуџе”, придружник на ѕвездата Сириус. (П.Л.)